38. Недоодена врвица

По оваа врвица одев само еднаш сам и и не ја доодев, не стасав на нејзиниот крај. Значи, не е изодена за секој друг, а е недоодена за мене. Но знам до каде води, кај ѝ е крајот. Тоа го научив од еден самотник кој живее на местото до кај што стасав-една чистина обградена со стари и дебели костенови дрвја. Беше септември, мошне непредвидлив месец на планинава. Поседовме во неговата куќарка, крај распален оган во пампур. Ми кажа дека врвицата минува низ два извора на бистра вода, а врвот на кој завршува е мошне стрмен и е меѓу два помали како да ги разделил некогаш. Не го продолжив искачувањето по негов наговор.

Утрово рано решив пак да тргнам по оваа врвица, да стасам на нејзиниот крај, на стрмниот врв што некогаш разделил два помали. Половина на април е, најавен е убав сончев ден со ветрец. Проценувам дека ќе ја изодам до напладне и ќе имам доволно време за враќање во самрак. И ако направам полчасовен одмор во куќарката на самотникот, и ако одморам по некоја минута крај двата извора. Решив да ја доодам сам поради непознавањето на пределот низ кој минува. Пред сѐ оти очекувам дека ќе биде особено напорно пробивањето низ трње, високи диви треви, можеби сечење на шиблинки, гранки, тргање на поголеми камења и внимателно одење кај што е стеснета, кај што станува раб на провалија. Самотникот ме предупреди особено да внимавам кога ќе бидам близу до стрмниот врв. Најдобро е последните сто-двесте метри до него да ги минам ползејќи. Тој го искачил по своја врвица и морал така.

Признавам дека мојава врвица ме изненадува поприлично, и покрај моето не мало искачувачко искуство. Неочекувано многу кривулеста, речиси покриена со трње и секакви треви до колена; големи камења што морам да ги туркам настрана оти не можам да ги прескокнам; испопаѓани соголени дрвја и гранки; толку многу тесна кога станува раб на провалија што морав да ја исползам. Веќе сум премален, а штотуку стасав до вториот извор.

Најмногу ме загрижува потрошеното време до овде. Далеку сум од стоте-двестоте метри до врвот. Веќе е доцна попладне, до врвот ќе ми требаат уште најмалку три часа искачување и ползење, па ќе морам да се враќам доцна во ноќта. Да најдев во близина пештера во која ќе ја минам ноќта пред или по слегување од врвот. Вака…

Годиниве не ми дозволуваат големи ризици. Решавам да се вратам кај самотникот, да преноќам во неговата куќарка, па утре пред зори одново, одморен. Ќе биде многу полесно зашто повеќе од половина од врвицава ми е изодена, чиста и знајна.