37. Toj или Сизиф

-Јас како Сизиф?! Нема врска! Да, долго туркав камен пругоре, неколкупати бев на самоти врв на мојата планина, па се струполував по него, заедно со него во подножјето. Ама јас никогаш не сум ни помислил на него, камо ли да се мислам дека сум тој.

Иван Маковски е млад човек, на дваесет и пет-шест години. Го запознав пред некој ден. Стоеше замислен пред грамадниот споменик на Сизиф-маж, граден стројно, со напрегнати мускули до пукање; тркала по стрмнина голема тркалезна црна стена.

-Ти си учен?-го прашувам.

-И учен и научен и преучен, Господине! Ама бескорисно.

Ме изненади.

-Како тоа?!

-И за мене нема работа. Како за многумина млади кои одбиваат да им бидат потрчковци на политичарите во власта или во опозицијата.

Го претпоставив тој одговор.

-Значи и ти како Сизиф. Сизифовска ученост, наученост и преученост. Знаеш за него, нели?

-Секако дека знам и затоа велам дека немам врска со него. Тој бил ем мудар ем итар, а јас ни едно ни друго. Бил единствен кој успеал да се врати од светот на умрените. Кога Танатос пак му ја зел душата подземните богови го осудиле вака. Да тркала голем камен од рамнина до врв на планина. Кога ќе стаса до самоти врв, каменот да му се лизне од раце и пак да се стркала прудолу. Па да мора пак од почеток. И јас со години туркав камен  кон врвот на мојата планина, но не како казна од кого било. Трипати ми се лизна од раце и ми се стркала, па сѐ почнував одново. Разликата помеѓу мене и него е најнапред во каменот, а потоа дека туркањето никогаш не ми било бесмислено или залудно. Мојот камен тежи колку што вреди, мојата ученост, наученост и преученост беа и се со смисла, детално смислени. Тоа значи дека не беа и не се залудни.

-Па тогаш немаш проблем. Спомеников е за оние што се обидуваат со итроштина да стасаат на врв, на некоја цел. Дека им е сѐ залудно.

Ме погледна напоречки.

-Ви кажав, Господине, дека бескорисно сум учен, научен и преучен за потрчковците на политичарите во власта и во опозицијата. Нема работа за мене, па веќе ги спакував куферите. Ќе фатам некаде усвет.

-Нема да си ни прв ни последен…Да фатиш!

Го загледав Сизиф, помолчев некое време, па му реков рамнодушен:

-Не случајно вајарот го извајал Сизиф со иронична насмевка.

Денеска разбрав дека Иван Маковски станал член на партијата на власт. Не знам зошто, ама ме обзеде и радост и тага поради тоа.