35. Две љубови

Срмена Илкова во животот имала две големи, незаборавни  љубови. И двете ниту први, ниту последни. Едната на млади, другата на средни години. Никогаш не ги таела пред никого. Напротив, и сега радо му прикажува за нив на секој близок што е за споделување на штогоде од нејзиното изминато време.

Секогаш почнува со нагласка дека едната љубов е одамна умрена, а другата е сѐ уште жива. На едната ѝ го посетува гробот на Градските гробишта кога може, сеедно празник ли е или делник, а со другата се многу одддалечени и сѐ поретко се слушаат по телефон или си испраќаат писма. Едната оставила млада жена со син на четири ипол години, која во меѓувреме се премажила и заминала „преку голема вода“, а другата има среден живот; живее во Канада, во Торонто, во голема луксузна куќа со базен и овошна градина; мошне имашен е и ценет програмер; семеен човек е, има сопруга позната артистка и ќерка и син, близнаци, на шеснаесет години.

Срмена Илкова низ длабоки воздишки зборува за нив:

„Имав само деветнаесет години кога го запознав Раде Павловски,студент на Економскиот факултет. Јас студирав на Правниот. Три години живеевме заедно во соба во Домот за студентски брачни двојки, подготвувавме изпити.

Многу се сакавме, пред секого тоа го покажувавме и докажувавме. Внимававме јас да не забременам, ама се случи не знаевме како. Се разделивме многу болно за обајцата. Јас се обидов да го спречам тоа, но во него љубовта како да се распарчи на илјадници ситни парченца. Морав совреме да абортирам.

И Исидор Самоников ми беше љубов неизмерна, ми е незаборавна и непреболна. Никако не можам да разберам што се случи помеѓу нас толку силно и пресвртно, та да заврши буквално преку ноќ. Да, таа е сѐ уште жива, иако многу далечна. Нормално е што се слушаме по телефон сѐ поретко, а во последно време ни писма веќе не си испраќаме. Канада и Торонто се многу далеку, неговиот живот е сосема поинаков од мојот, ништо не може да ги доближи. Јас не сакам никако да му ја разнишам семејната хармонија.

Одевме заедно три години, а почнавме да живееме заедно откако обајцата се вработивме; јас во Основен суд, тој во голема странска програмерска компанија. Почнавме да се подготвуваме за стапување во брак. И со него забременив, но поради личното здравје абортирав на инсистирање на мојот гинеколог. Во меѓувреме тој ме изневери со сегашната сопруга? Не знам. Можеби. Не верувам.

Се разделивме откога ни го кажаа резултатот од испитувањето на последиците, дека јас повеќе никогаш нема да забременам. На обајцата тоа не ни беше прифатливо. Се разделивме многу болно“.

Срмена Илкова е вдовица од пред две години. Нејзиниот Стојмир, со кого проживеала осум убави години, се разболел наеднаш неизлечиво и починал по два месеца. Сега има педесет и четири, живее сама во приземна куќа со мал двор и стар даб пред неа.