54. Корија меѓу два извора

Прво ги откри двата извора, а потоа навлезе длабоко во неа. Во детството и младоста беше слушал многу скаски и легенди за нив. Најчеста, но и најинтересна му е онаа за двата сина чија мајка ги пуштила да бликнат на пролетна сончевина, во рани зори, и да потечат не оддалечувајќи се предалеку од неа. Таа, пак, како корија со високо и разгранато дабје, пуштила корени до самоти нив за да ги варди да не пресушат, едновремено пиејќи од нивните бистри води кога ќе ожедни. Сѐ уште од никого и нигде нема одговор со кого ги зачнала синовите. Не верува во верувањето дека тоа бил сончев зрак со кој често водела љубов на негово изгревање и зајдување.

Прво се изненади од согледувањето дека двата извора се исти според сѐ. Бликаа од под голи стени, па потекуваа низ ситни и крупни белутраци, доаѓаа до своите мали и сѐ поголеми корита и се слеваа во езеро во подножјето на планината, на крајот од коријата. Крај обата има стари стрмни врвици, нему одвај видливи, обраснати со треви и трње, помеѓу врбје, диви лешници и капиње. По кои тој за чудо секогаш оди лесно. Завршуваат, всушност се губат во коријата.

Коријата со високо и разгранато дабје ја знае одамна недопрена од човечка рака. Како никој друг освен него да не ја знае. Исушеното дабје е од старост или суша,  преполовеното од молњи, а исушените гранки наземи од силни ветришта. Секогаш кога навлегува длабоко во неа долго, до премалување си игра со нејзините сенки и нејзините тишини. Потем оди кај едниот, па кај другиот извор, кај што избликнуваат седнува или легнува гаснејќи ја жедта.

Пред самрак, пред да се прибере во својата куќарка од камен и глина на брегот на езерото во подножјето на планината, поразговара со нив како сам со себе:

-Браќа извори, синови на коријава, зошто сте ми денеска некако молчаливи? Ко да не ми се радувате?

Едниот извор:

-Разбравме дека врвициве скоро ќе ги покрие густа пајажина.

Другиот извор:

-Да, го разбравме тоа, а тоа значи дека ти веќе не ќе можеш да ни идеш, со нашиве води жедоста да си ја гаснеш.

Тој:

-А што вели мајка ви, коријава? Коријо, вистина ли е ова што го разбрале твоиве синови?

Коријата:

-Вистина е. Не знам ни како не си забележал дека мене сѐ повеќе ме покрива густа пајажина. Просто не ми дава да дишам спокојно. А има и друго што разбравме: дека конецот на пајажинава почнува во тебе, во твојата самотност.

Тој:

-Во мене?! Тоа е невозможно! Јас на мојата самотност не ѝ давам ни глас да пушти, ни од вид да ми се испушти…Мислам дека е тоа страв и јас да не заминам далеку, да не ве оставам сами, па со време да ве освојат недобронамерни луѓе. Немајте ни најмал страв. Тоа не може да се случи. Останувам со вас и ваш до смрт.

Се прибра во својата куќарка пред самрак и се замисли. Ќе ги издржат ли тој и тие невремето, мракот и неизвесноста што заедно со денови и ноќи се згуснуваат на небото како освојувачка војска?