49. Градина

Едно време околу неговата куќарка имаше цветна и овошна градина. Помеѓу нив дрвена ограда. Цветната со секакви разнобојни цвеќиња, а овошната со по една млада или стара овошка од различни видови.

Димитар Нешовски беше познат како мошне искусен, вешт градинар и голем зналец на цвеќиња и овошки. Тоа не успеа да му го пренесе на свој ближен. Сиот живот го мина сам, па беше сосем свесен и помирен со нивната судбина по него. Ќе се запустат, ќе бидат обраснати со висока трева, во нив ќе најдат прибежиште секакви надземни и подземни инсекти и животинки. Може некој ќе ги ископачи, ќе ја урне куќарката и на нивно место ќе соѕида неколкукатна куќа со поплочен или асфалтиран двор. Тоа секако нема да се случи пред негови очи оти беше решен до смрт да не го напушта неговово вековно живеалиште.

Неговата цветна градина беше преполна со пролетни и есенски цвеќиња. Најмногу имаше перени-лалиња, далија и гладиоли. Кога ќе процветаа на лето, цветните бордури вдолж оградата и земјените патеки беа мошне впечатливи.

Неговата овошна градина содржеше  јаболо, круша, цреша, вишна, слива, дуња, смоква, калинка, јапонско јаболко, јапонска круша и три лешници од различни сорти. Правилно посадени, особено водејќи сметка за светлината, сончевината, влажноста на почвата, ветровите и раздалеченоста помеѓу нив. На секоја овошка ѝ ја знаеше душата, со секоја се разбираше, на секоја ѝ го даваше и ѝ го овозможуваше она што ѝ беше најпотребно во секое од годишните доба. Собраните плодови од нив ги јадеше, мошне умерено, од повеќето правеше слатка и мармалади, а од сѐ најмногу им подаруваше на соседите, пријателите, познајниците и намерниците.

Димитар Нешовски наполни деведесет и две години два дена пред да легне во смртна постела и да умре неколку часа потоа. Го најдоа спружен, како заспан, со спокојно бело лице и блажена насмевка на усните.

Од неговата смрт минаа два ипол месеци. Неговата куќарка е заклучена со голем катинар и `рѓосан синџир. Цветната и овошната градина, со дрвена ограда помеѓу нив, со секакви разнобојни цвеќиња и млади и стара овошки од различни видови, се веќе обраснати со висока дива трева. Во нив нашле прибежиште секакви надземни и подземни инсекти и животинки.