45. Сликар

Круме Васевски е средовечен непознат сликар наивец. Всушност, тој е познат во мошне тесен круг на роднини и пријатели од кои малкумина покажуваат постојан интерес за неговите слики, а само неколцина поседуваат по една-две. Една прва братучеда, Кристина Наумовска, историчар на уметноста, и еден од најдобрите пријатели, Зоран Псалтиров, многу често, речиси секој ден наминуваат во неговото ателје, поминуваат неколку часа заедно и разговараат за неговото сликарство. Дури неколкупати му позирале како ликови на слики со жива, разиграна природа.

Токму по наговор од братучедата и пријателот, Круме Васевски цела измината година сликаше напорно, деноноќно, и наслика триесет и четири слики. Вечерва ја отвори првата самостојна продажна изложба. По наговор од нив ја обзнани како продажна, иако би било првпат ако продаде некоја. Имено, досега беше подарил неколку, немаше продадено ниедна, но тоа не му значеше баш ништо. Нерадо се согласи да подготви изложба зашто има став дека е веќе во години кога не му прилега за првпат да ѝ се претставува на културната и уметничката јавност.

Стоеше на влезот на Градската уметничка галерија, ги пречекуваше гостите-роднини, пријатели и понекој намерник. Одвреме-навреме придружуваше некого во разгледувањето на изложените слики, одговарајќи на прашања или објаснувајќи некои детали на нив. На почетокот не беа дојдени ни половина од неговиот тесен круг.

Со куса беседа ја отвори братучедата Кристина Наумовска. Излезе пред микрофонот, среде салонот, срдечно им се насмевна на присутните и рече:

-Драги роднини и пријатели, ви благодарам на присуството и интересот што го покажувате за сликарското творештво на нашиот малку познат сликар-наивец Круме Васевски. Се надевам дека неговиве триесет и четири слики со луѓе и со жива, разиграна природа ќе ви претстават оригинален, зрел, искусен сликар кој наивната уметност ја воздигнал мошне високо. Исто така, се надевам дека цените на неговиве слики ви се пристојни, прифатливи, па ќе ја искористите можноста да се здобиете макар со една од нив. Да го поздравиме нашиот сликар.

Круме Васевски застана пред мкикрофонот и со озарено лице рече:

-Драги  мои роднини, пријатели и намерници, јас не сум во години кога на уметникот му прилега за првпат да отвори своја самостојна изложба. Но еве, го прифатив тоа по наговор на братучеда ми Кристина и еден од моите најдобри пријатели Зоран Псалтиров…Според мене, сликањето нуди најголема слобода на творечкиот дух…Се надевам дека ќе ви се допаднат моиве слики.

Изненаден е, просто не може да се соземе: за неполн час ги купија сите слики!