41.  Оддолжување

Тој:

-Како можеме да му се одолжиме на човеков што нѐ одгледа, нѐ воспита и ни помогна да избереме свои врвици во животот?

Таа:

-Сега тоа се прашуваме, откако го изгубивме. А додека беше жив, малку време имавме за него!

Тој:

-Во право си. И тоа ќе си го носиме како немерлива тежина додека сме живи.

Таа:

-Никогаш не ни се пожали. Напротив, секогаш пресекуваше таков разговор со „Си имате вие свои грижи и проблеми. Мене ме крепи тоа што успевате совреме да ги надминете и решите. Само да можам да ви помогнам“.

Тој:

-Велеше „Оставете ме мене. Одам кон крајот и му се молам на Бога што повеќе да завршам. Кога сѐ би оставил со свој крај“. Го остававме, но не знаевме ништо од она што го создаваше. Не се ни интересиравме.

Таа:

-Да, благодарни сме му што ни помогна да избереме свои врвици во животот. Но како му се оддолживме? Како му се оддолжуваме?

Тој:

-Не е доволно што правиме колку знаеме и можеме да не се заборави од него создаденото.

Таа:

-Не е.

Тој и таа стоеја уште некое време пред мраморниот споменик на татко им кој создал многу вредни дела. Во еден миг им се виде насмеан. Ги положија букетите разно свежо цвеќе пред неговиот постамент, се разделија со прегратка и тргнаа секој по својата врвица.

На мраморниот споменик паѓаше зрак на зајдисонце.