39. Значења и симболи

Таа за првпат во неговата соба два метра долга и три метри широка, со двокрилен прозорец кој гледа на плоштадот, а под него кафеав тросед. На спротивниот ѕид слика во масло, половина метар широка и метар долга; брод на голем пенлив бран пред вител. Целиот ѕид спроти вратата од подот до таванот покриен со полици на кои има во ред и неред книги и скакви дребнулии. На средината масичка и две жолти фотелји со наслони за раце. Над масичката необичен лустер прицврстен за таванот на кука: матирана основа во форма на отворена дебела книга со две сијалици како свеќи.

Зошто за првпат е во неговата соба иако се во врска веќе месец ипол? Досега немаше никаква причина за тоа, а конечно прифати по негово долго наговарање. Не ја одбиваше ни тоа што тој ѝ зборуваше за неа како за своја слободна територија, со единствен свет во кој не може да влезе никој неподготвен за заедничка игра без никакви правила. Напротив, токму тоа го растеше предизвикот во неа за конечно да се согласи. Особено зашто нивната врска сѐ повеќе ѝ наликуваше на љубовна игра без воздршки и ограничувања.

-Не очекував ваква твоја слободна територија и сѐ и сешто во твојот свет,-беше нејзина прва реакција.-Замислував дека се тие исполнети со нешта од твои минати и сегашни времиња, од спомени до доживувања.

-Не си очекувала и замислувала?,-ја праша насмеан.-Сѐ што гледаш се спомени и доживувања при игри без никакви правила. Сѐ со значења и симболи.

Таа збунета:

-Не разбирам.

Тој со весел глас:

-Послушај ме и сигурен сум дека ќе разбереш зошто инсистирав да дојдеш. Ќе разбереш дека нашава врска, нашава љубов треба да ја зацврстиме како заедничка игра без никакви правила, без воздршки и ограничувања.

Седнуваат во фотелјите еден спроти друг.

Тој продолжува:

-Двокрилниов прозорец гледа на плоштадот, ама плоштадот е секогаш друго. Сега е простор на кој се збрани во наш, заеднички опстој минатото и иднината во сегашност. Ние во нив едноремено загрижени и разиграни, во еден момент живи, во друг мраморни. Сите со нас и околу нас  како да нѐ вардат од незнајни непријатели. На кафеавиов тросед под него водиме љубов, предадени сме еден на друг, облечени во свечени облеки. Во бродов на голем пенлив бран пред вител, на сликава во масло, сме само ние. Сликарот намерно нѐ оставил за да не дозволиме да го зграпчи вителот и да нѐ потониме. Се прашуваш како? Со пенливиов бран кој е веќе симбол на нашата страст. Книгиве и секаквиве дребнулии на полициве во ред и неред се за да ни помагаат во играва без никакви правила, без воздршки и ограничувања. А што се однесува на лустеров, во форма на отворена дебела книга со две сијалици како свеќи, мислам дека веќе ги откри неговите значења и симболи. Трајни записи на наше суштствување со искреност, доверба и верност, на виделина и во мрачнина.

Таа:

-Како заедничка игра без никакви правила, без воздршки и ограничувања. Што ќе ја играме дури смртта не нѐ раздели. Нели?

Ги обзеде несопирлива смеа.