37.

На прашање ми одговара Ристо од Петар:

-Зошто ме прашуваш? Не си ме слушал со внимание и промислување? Но добро, ќе ти објаснам зошто се викам и сум познат како Ристо од Петар, а не Петар од Славјанка или Ристо од Петар и Славјанка.

Седиме пред ноќ на клупа лево од фонтаната викана „Фонтана на здравјето“, на плоштадот викан „Плоштад на луѓе и сенки“. Јас сè уште жив, далеку од умирачка, а тој мртов како жив. Се разликува од мртов? Не. Всушност, само според едно, неретко: не е догледлив за сите на плошадов, ни како човек ни како сенка.

Ми објаснува:

-Тоа е и директно и индиректно поврзано со семејното стебло или стебло на семе човечко; родственото. На гранките на неговото стебло се прикажуваат предците и роднините на едно лице. Јас како творец, како уметник се залагам за таков приказ на секоја личност. Се разбира, тоа воопшто не е лесно. Потребни се долготрајни и макотрпни истражувања, од неговиот врв до последната жила на коренот. А најчесто не се успева да се открие првото семе. Како и да е, токму семејното стебло е неизбришлив доказ на живот од искони до денес.

Значи, како што е со сите именувања во природата, во живиот и мртвиот свет, се тргнува од првото, првобитното, главното, изворното семе; сеедно дали во буквално или симболичко значење. Истото е или треба да биде и со именувањето на човекот: со назначување на семето човечко кое е продолжение на со трага одживеано претходно. Уште: земјата во која се оставило, се фрлило, паднало, се намножило семето мора да е плодна, осеменувачка и своја; не јалова, запустена и туѓа. Следствено, таткото е прв не според важноста, како предимство во вредносна смисла, туку според почетокот и продолжението на родственото вкоренување. И уште: по разделба некое време или по разведување на брак рожбата која останува кај мајката и расте во туѓа земја веќе не му припаѓа на семејното стебло или ја губи силата на вкоренувањето и растежот; се обезличува, може и да се обезимени и да се разнебити, да го изгуби идентитетот. Тоа не го рабираат или не го прифаќаат откорнатиците и изродите. Кои не ја знаат или ја маргинализираат вредноста на заедништвото, на заедничкиот живот, на единството, сопатништвото, на споделувањето. Особено кога е збор за опстанокот, кога треба да се брани постоењето и кога е поважно продолжението од почетокот. Разбра, нели?

Јас:

-Нека разбрав.

Ристо од Петар:

-Така било од дамнина, од памтивек кај секој човек, особено кај секоја личност со свои корени во своја земја. И ако ме прашаш мене, така треба да остане.

Молчевме некое време загледани во ѕвездите на небото. Како да ги броевме. Молкот го прекинав јас.

Јас:

-Ај конкретно за тебе.

Ристо од Петар:

-Нема што за мене. Јас допрва треба да се зафатам со долготрајно и макотрпно истражувањето на моето семејно стебло. Се осудувам себеси што не му се посветив додека бев жив, но мислам дека не е никаква пречка да му се посветам мртов и мртов како жив. Дури мислам дека како таков ќе ми биде полесно. Знаеш, ние мртвите многу повеќе одошто живите си помагаме во тоа. Пример сме јас и Ангел од Михаил, чии ставови кои пред малку ги истакнав целосно ги прифаќам.

Јас:

-А што е со неговата претпоставка дека во пожарот што до темел го изгорел Молненик биле задушени последните Земјенци во него, на кои според него им припаѓаш ти? Кои ги погребале Рабенци и потоа почнале живот во Страдец?

Ристо од Петар:

-Токму на таа негова претпоставка ќе посветам најголемо внимание и промислување. Прекинувањето на континуитетот на животот, на растежот на семејното стебло, на што знам дека мислиш, го потврдува она што ти го објаснив за откривањето на првото семе. Додавам: по презревањето на плодовите на семејното стебло, доколку тие не се соберат паѓаат на земја, околу него; по време од нив излегуваат семињата, влегуваат во земјата, ја осеменуваат и некои од нив, секако не сите ожилуват, се вкоренуваат, па никнуваат и почнуваат да формираат ново, свое стебло. Значи, проблемот е откривањето на меѓувремето меѓу првото и првите семиња…Мислам дека дедо ми Јоаким од Атанас знае и сè уште памети доста од времето на своето никнување, растење, извишување, созревање и осамостојување. Веројатно многу знае и памети и баба ми Раска од Гордан. Можеби и татко ми Петар од Славе.

Јас прилично збунет:

-Кој Славе?! Зарем тој не е од Јоаким, од дедо ти?

Ристо од Петар:

-Да, нешто слично, да не речам исто како Ангел од Михаил, чиј татко се викал Спиридон од Александар. Ќе откријам што се случило, зошто е тој прекин на врската. Моја сегашна претпоставка е дека тоа има врска со исконската желба на мајка ми Славјанка од Владимир мојот и семеен гроб да се направи гробница во форма на кораб.

Се разделивме зашто веќе нѐ опфати ноќта, фонтаната „Фонтана на здравјето“ престана да работи, а плоштадот „Плоштад на луѓе и сенки“ беше пуст.