26.

Ристо од Петар, сликар како жив и како мртов, во неугаслива љубов со вајарката Јасна од Спасе, со дела во кои се вградени заедно, и во животот дамна и во смртта сега има проблеми со срцето; со негово бавно и несетно, па забрзано и незадржливо гаснење. За тоа секако многу, може да се рече премногу придонесе и придонесува преморувањето со деноноќна работа-сликањето, но во најголема мера станува збор за хронична срцева слабост која сè потешко се контролира со некакво лечење и некои лекови.

Среде бел ден го посетив во неговата приземна куќа на ридот во чие подножје, седум километри источно се ѕидишта и урнатини на древна населба; со големо ателје, спална и кујна со трпезарија. Изградена за неполни три месеци врз темели на куќа опожарена до темел во пожар од удар на гром. (Во неа живее заедно со сè уште живата Вера од Јане; рамнодушни еден спрема друг откако огнот, како што ми има раскажано, опожарил нешто помеѓу нив; според него откако се докажало дека и таа е неротка како Јасна од Спасе.) Веднаш ме однесе во неговото ателје за да ми покаже неколку платна на кои работи наспоредно. Забележав дека го нема големото дело за непорочната љубов, шест метри долго и четири метри широко; на кое со чисти и силни бои раскажал една непорочна љубов. Како што му е секому знајно, го работел два дена и три ноќи без престан, пред да му згасне срцето, а умрел само неколку часа откако го завршил.

Го прашав со чудење:

-Каде ти е маслото за непорочната љубов?!

Ми одговори со таговен глас:

-Не сум ти кажал досега? Изгоре сосе старата куќа. Многу слики ми изгореа, и таа меѓу нив, а немам сили одново да ги насликам.

Јас:

-Како е тоа можно? Па тоа е трагедија!

Ристо од Петар:

-Да, огромна. Животна.

Потоа не прозборевме ни збор цел час. Молчешкум ми ги покажуваше, заедно ги гледавме завршените, наредени една до друга на подот во затемнетиот агол спроти прозорецот. Се задржавме пред неколкуте платна што ги работи наспоредно. Забележав дека на нив доминира црната боја.

Го прашав:

-Зошто толку црно? На многу од завршените црната и црвената се најчесто еднакво доминантни и се испреплетуваат, а на овие што ги работиш црвената е одвај забележлива.

Ристо од Петар:

-Ако мислиш на животот и смртта, животот црвената, а смртта црната боја, не е тоа. Знаеш дека во оваа моја сликарска фаза моментната расположба е суштествена за опстојот на човекот. Не затоа што мислам дека зависи од неа, туку таа определува кога е животот смрт, а кога смртта живот.

Јас:

-А смртта како живот?

Тој:

-Токму тоа сакам да го дефинирам со доминација на црната боја. Најпрвин како веќе нарушена, надмината едност. Смртта е како живот, но не може да биде живот.

Треба да се има предвид дека во последно време пораснаа и растат значењето и видноста на сликарското творештво на Ристо од Петар, најмногу баш неговите многубројни платна со маслени бои. Имено, се докажува неговата самосвеснот дека е неспорен неговиот печат во модерното сликарство, но и големото влијание врз творештвото на многумина негови современици.

Често се цитира неговата домисла за творештвото помеѓу животот и смртта, можеби поточно нивната едност благодарение на него:

„Жив или мртов, човек кој живеел не умира, туку умира продолжувајќи да живее со своето творештво во светот на мртвите и живите, меѓу нивниот молк и нивната тишина“.

Секогаш треба да се имаат предвид четирите големи платна што ги избра сам како стожерни во неговото творештво, изложени на трајната изложба во единствената ликовна галерија во Страдец викана „Лично и единствено“. Од нив многумина го издвојуваат најголемото меѓу нив насловено „Црно и црвено во миг животворен“; на кое се забележува како мошне возбудлива животворност истовременоста на црната и црвената боја во еден миг. Како што самиот милува да сугерира, возбудата ја предизвикуваат љубов и заедништво кои кулминираат во точка на вкрстување на стварниот и заумниот свет.

Секој што го познава сликарско-вајарското творештво на Ристо од Петар и неговата љубена Јасна од Спасе, и жив и мртов и мртов како жив, може да посведочи дека токму тоа им дозволува да се чувствуваат сосем слободни, сами и заедно. Од друга страна, пак, токму тоа најмногу им возоможува да се изразуваат како самостојни. Ристо од Петар често истакнува: „Во нејзините извајани дела јас ја откривав силата на автентичноста, а таа во моите слики стремежот да ја совладувам безграничноста“.

Има една нераскинлива врска кај творците, посебно кај сликарите како Ристо од Петар: меѓу љубовта и смртта. Тие се надополнуваат, се сплотуваат, но никогаш меѓусебно не се спротивставуваат. Во еден исказ тој го истакнува тоа кога зборува за својата смрт: дека го следела долго на секој чекор, во секој здив и само чекала да премали, конечно да легне на својата смртна постела. Притоа посочи на едно од своите последни платна наречено „Гаснење на здив“, што е во посед на познатиот колекционер Стефан од Александар. Имено, на него јасно се гледа бавното гаснење на неговата творечка енергија собрана во една голема точка, на еден потег со четкичка и боја; која, како што милува да рече, веќе во следна до неа просто експлодира и мигум согорува заедно со сиот жив свет околу него. Обграден со мртов.

При една друга наша средба тој откри една за него и за Јасна од Спасе суштествена содржина на љубовта, бележита и неповторлива во живот и во смрт: необуздана страст и секс до изнемоштеност. Притоа укажа на сликата што ја поседува Јасна, наречена „Вулкан“: богот Вулкан е со оган наместо лице, а божицата Венера гола магма крај него во пенлив морски бран; во десниот долен агол богот Марс во невидлива мрежа; тој не е дециден, но мисли дека неговото присуство е според кажувањето на Хомер за нејзината изневера со него.

Јас:

-Ти како апстрактен сликар, Ристо од Петар, како свесно да ги поедноставуваш, како сам во делата да ги разоткриваш своите гледишта! За мене е особено интересно што си секогаш меѓу животот и смртта, а во тој меѓупростор ја доживуваш, би рекол дури ја преживуваш љубовта.

Ристо од Петар:

-Најпрвин јас не се сметам себеси за апстрактен сликар. Ја прифатив таквата назнака од моите критичари зашто не ми пречи, ниту ми значи. Сакам да речам дека ако во минатото било потребно поради полесно разбирање или побрзо откривање и осознавање на уметничките светогледи, денес е тоа некритички, па и волунтаристички пристап кон едно дело и цело творештво. На пример, каква обопштена назнака би била најсоодветна за уметничката инсталација?

Ќе повторам нешто што досега сум го рекол повеќе пати: моето творештво е најпрвин лично; дел од животот и цел живот; содржина на мојата смрт што живее и на животот што умира, сосе љубовта помеѓу нив; едновремено спокојство над немир и возбуда, меѓу промени на времето и годините кои не нè засегаат и не влијаат на нас како било.

Јас:

-А твоето приклучение?

Ристо оо Петар:

-Пред да продолжам да го раскажувам, размислувај за пожарот, за горењето на куќата, за моето претсмртно дело изгорено во него и за мојата најголема љубов Јасна од Спасе; во животот наспоредна, а сè повеќе и спротивставена во смртта со мојата љубов Вера од Јане. Двете еднакви мои љубови? Можно е?

Јасна е вајарка, заедно создававме секој свои, но и заеднички вајарско-сликарски дела. Вера, пак, е познавач на уметноста и поетеса чии песни се како слики со зборови; со неа исто така заедно создадовме секој свои, но и заеднички поетско-сликарски дела.

Да не се заборави за Ристо од Петар:

Тој е бележит сликар, со голема творечка енергија. Иако дамна мртов, не е заборавен од живи, не само во Страдец. Во своето време и за денес остави значајни, големи дела постојано присутни во животот кој неминовно умира забавено или забрзано.

Можеби најважно од сè друго: со своето лично искуство ја докажува смртта како жива давајќи ѝ смисла, содржина и форма.