25.

Едно од моите повремени престојувања како мртов меѓу живите кога ќе посакам:

Веќе кажав дека тоа не е некаква лична дарба или моќ. Ниту е нешто што се учи, ниту е дар од Бога. Па е сосем нормално да нема многу такви меѓу нас, мртвите. Најблиско разбирање ми е дека заедничко на таквите им е создадено дело додека биле живи, како трага на постоење и опстојување. Пример сум јас како сликар. Да потсетам, два дена и три ноќи без престан работев на платно шест метри долго и четири метри широко, на кое раскажав една непорочна љубов. А само неколку часа откако го завршив умрев, ми згасна срцето. Сега докажувам дека моето главно приклучение, но и неколку споредни што се последица од него или го надополнуваат со премрежија и достигнати мали цели, е најмногу поврзано токму со тоа мое дело. Иако не е меѓу стожерните, ниту меѓу пресвртните.

Денеска бев со син ми Јане и снаата Борјана. Дојдоа претпладне, околу десет часот. Да го исчистат, да изметат, да го избришат мојот односно семејниот гроб, да стават на надгробната плоча свежо цвеќе и да запалат свеќи; по една за секој од нас. Мина прилично време како не дошле, ќе да има четири ипол месеци. Со оглед на состојбата на гробот, прилично обраснат со трева и трње.

Влегоа во гробот, се поздравија молчешкум со сите погребани во него, па излегоа од него и седнаа на клупа. Јас седнав пред нив, на работ на надгробната плоча. Вообичаено, поразговаравме за сегашново и идното време.

Син ми Јане, веќе на педесет и три години; по лик и става ист јас на исти години:

-Татко, времево не е ни за живи ни за мртви. Ни минува брзо, во деноноќна брзаница. Да, и од ноќта кратиме. Во неа сме сè повеќе будни и сè помалку на број ни се спокојните соништа. Стресен живот сè пократок, со многу болештини, нетрпеливости, егоизам, лицемерие. А што е уште пострашно, па и пожално и потрагично, за сметка на сегашново време го губиме, дури се откажуваме од идното. Минатото, пак, ни го бришат туѓини и изроди на власт…Особено нашите млади лесно се откажуваат од него поразени од минливоста, безначајноста и празнотијата.

Јас, Ристо од Петар:

-Тоа е погубно. Исто како да отсечеш дрво од свој корен, а коренот да му го исушиш или изгориш. Животот не смее да биде само прилагодување или рамнодушно прифаќање на секодневјето…А вие како се борите против тоа? Како им се спротивставувате на туѓините и изродите на власт?

Снаата Борјана, четириесет и седумгодишна, на лице како девојче:

-Ние лично не можеме којзнае што. Скоро ништо. Не сме власт, а ни не сме за во неа…Голема е работата. Светска. Прекројување на држави, разнебитување на народи…

Ја прекинувам во зборот:

-Го знам тоа…Јас мртов и мртов како жив можам само едно да кажам: ни сегашно свое ни идно свое време нема без свое минато. Ако се сака животот како незапирлив. Сосе смрт со неизбришливи траги…Појдете со мене да ви покажам гроб на една Божана.

Ги однесов на гробот на Божана од Јане, за која веќе прикажував. Во ред со мојот, семејниот, лево, деветти ред.

-Божана е млада мома, второ чедо на Јане и Ѕвездана. Триесет и три години, немажена, без рожба. Починала пред девет години. Ја прегазил поднапиен моторџија на крстосница. Умрела од жесток удар на самото место, мигум. Се дружиме често, блиски сме. Понекогаш постојувам крај нејзиниов гроб и разговарам со Јане и Ѕвездана, нејзините родители. Живи се, но по нејзината ненадејна смрт се живи како мртви или мртви, а живи. Таа им е непребол. Секој ден рано наутро се тука. Минуваат два-три часа во молк, го чистат, го уредуваат гробов. Гледате, веќе нема место каде ново цвеќе да се посади. Ѝ палат свеќа, чекаат да изгори, да се стопи, па заминуваат. Живеат. Имаат син, две години постар од Божана, но тој е далеку од нив. Контактираат сè поретко. Се слушаат и се гледаат преку Интернет.

Божана е многу молчалива. Одбегнува друштво. Единствено сака да биде со мене. Лицето ѝ е секогаш таговно, секогаш со насолзени очи. Јас се обидувам, но никако не ми успева да ја разубедам дека нема врска со нејзиниот живот тоа дали ѝ било или не ѝ било време за умирање. Не прифаќа дека секоја тага не трае и не смее да трае предолго. Особено ако е една во која се собрани сите. Нејзината била поради тоа што се надевала дека животот е пред неа. Сонувала за љубов, страст, семејство, рожба.

Божана постојано ме моли да ја научам да биде иста како јас-мртва за живи и мртва како жива. Не можам да ѝ докажам дека таквите како мене се ретки меѓу мртвите, а не е некаква лична дарба или моќ. Тоа не е нешто што се учи, ниту е дар од Бога. Не прифаќа ни дека на таквите како јас заедничко им е создадено дело додека биле живи, како трага на постоење и опстојување. На пример, јас два дена и три ноќи без престан работев на платно на кое раскажав една непорочна љубов, а неколку часа откако го завршив умрев.

Зошто го бара тоа од мене? Затоа што најмногу ја боли неможноста, поточно незнаењето како како мртва да биде со живите, со татко ѝ Јане и мајка ѝ Ѕвездана; да разговара, да ги теши, просто да ги заживее; барем додека се пред нејзиниот гроб да не бидат живи како мртви или мртви, а живи. Се обидов да ѝ објаснам дека не постојат свет на живи и свет на мртви, ниту нивна каква годе напоредност. Ако, пак, прифаќаме дека постојат, тогаш разликата меѓу нив е само во телесната и вонтелесната или духовната егзистенција. Првата е доминантна додека сме живи, а втората откога ќе умреме. Но и тоа не ми успеа.

Каква врска имаат Божана и нејзините Јане и Ѕвездана? Врската е во нејзиното минато и нивното сегашно време.

Син ми Јане:

-Не разбирам. Мислиш на заедничкото време во кое се и поради кое бара од тебе да ѝ помогнеш да биде како тебе-мртва за живи и мртва како жива?

Јас, Ристо од Петар:

-Да, мислам на тоа, но и на времево што не е ни за живи ни за мртви. Во кое, како што точно назначи, се живее стресно, сè пократко, со многу болештини, нетрпеливости, егоизам, лицемерие. Се согласувам и дека е пострашно, па и пожално и потрагично тоа што за сметка на сегашново време го губиме, дури се откажуваме од идното. За нас мртвите тоа е неважно, ние сме безвремени, а за вас живите нема никаква смисла постоење без свое време и свој земјен простор. Споредив со дрво и корен. Ќе додадам дека со таквиот однос, особено на младите кои лесно се откажуваат од ова време како поразени од минливоста, безначајноста и празнотијата, што го изразуваат и со небрежност спрема гробовите на своите предци, се обезличува постоењето и се обезвреднување човечкото во човекот.

Ѝ се обраќам на снаата Борјана:

-Борјана, Божана едно ми прифаќа без поговор: животот не смее да биде само прилагодување или рамнодушно прифаќање на секодневјето. Значи, и таа и сите млади, на нејзини години и помлади, како живи се подготвени да се борат, да им се спротивстават на туѓините и изродите на власт. Проблемот е во вас возрасните, па и старите. Јас и како мртов и како мртов како жив те уверувам дека вие лично можете многу. Не мора да сте власт, ни да сте за во неа. Најважно е да сте мобилни и ангажирани. Сакам да речам, вие мора на младите да ги поттикнувате, да ги организирате и да сте им предводници. Со мисла и дело. И да ја принудите власта да работи за народот и државата, а не да владее користејќи секакви, дури незамисливи привилегии…Знам, да, голема е, светска е работата, прекројувањето на држави е одамна и сега, напоредно и разнебитувањето на народи. Но ќе нагласам: ако се сака животот како незапирлив сосе смрт со неизбришливи траги, мора да се брани и сегашно и идно свое време со свое минато.

Запомнете го ова од мене: со празни гробови и животот и смртта се изгубени во неврат.

Се поздравивме и се разделивме. Заминаа замислени, со бавни чекори.