24.

За Страдец, велеград, милионски, мој и како жив и како мртов и мртов како жив, секако и на сите што живеат или умреле во него и се погребани на Градските гробишта, јас ни збор повеќе ни збор помалку од за секој град како него: со од поодамна завршено ширење, освојување на неплодна и плодна, а запустена земја; како секој велеград интензивно расте во висина, сè повисоко и повисоко, кон небото; со густ сообраќај и мрежа од улици и булевари; со зданија и терени за секидневен богат и разновиден живот; со стресна динамика на потрошувачко општество; со толпа во која е невидлива, можеби е поточно да се каже исчезната индивидуалноста, придружена со изгубена смисла и значење на семејното живеење и добрососедство.

Јас го сакам Страдец како мој град, мој и како жив и како мртов и мртов како жив, најпрвин затоа што одамна открив и чуствувам дека во него е воспоставена рамнотежа меѓу животот и смртта. Чудно? Необично? Можеби затоа што сум дамна мртов, но морам да нагласам дека тоа го откривам и го чувствувам и мртов како жив односно кога сум меѓу молк и тишина.

Мене многу ми значи тоа дека во поголемииот дел Страдец е распространет на рид во чие подножје, седум километри источно се ѕидишта и урнатини на древна населба. Која ја открија точно седумнаесет години пред да умрам. Според наодите на археолозите, нема никакво сомнение дека староседелците претходно живееле во неа. Станува збор за неколку семејства кои ја напуштиле поради некој ненадеен настан. Веројатно голем пожар среде жешко лето. Често одам таму и се шетам меѓу ѕидиштата и урнатините, чувствувајќи ги како живи, со мртви и мртви како живи во нив, меѓу нив, покрај нив.

На Градските гробишта, пак, јас веќе изделив една гробница сета покриена со црн мрамор, во форма на кораб, во која е погребан богат староседелец. За кого знам дека според заветот што им го оставил на ближни бил вратен мртов од земја преку океан. Го знам човекот. Молчаливец. На лицето има заледена насмевка. Си ветив и ветив дека ќе раскажам одделно за него. Останувам на ветувањето, а ќе го сторам тоа кога ќе дојде на ред во моето приклучение.

Мислам дека јас, Ристо од Петар, како дамна мртов и сега мртов како жив, веќе докажав колку ми е важно именувањето воопшто. Особено за затврдување на индивидуалниот и колективните идентитети; еднакво важно во живиот и во светот на мртвите; истовремено со трите времиња што го детерминираат опстојувањето како суштествено за сè живо и мртво-минатото, сегашноста и иднината. Зашто сè неименувано е незнајно, непознато и без трага.

Еве за името Страдец:

Обично се именувало и се именува според нешто посебно, единствено, специфично, различно од друго, поврзано или спротивно. Засега нема, не е пронајден пишан документ, артефакт, некаква трага или што годе-друго што би можело да се поврзе со името на градов, според што е наречен Страдец или што иде од што-годе претходно. Знам за страд и страдање односно патење; знам и за страдање како живеење во или со каков било недостиг; и за страдање во смисла на некој недостаток; и за страдање како трпење, на пример поради некаква штета. Во речникот на македонскиот јазик се посочува и на значењето на страдалиште-место каде што се страда; како и на страдност во смисла на желност за нешто.

Јас знам, и како мртов и како мртов како жив, дека во градов, впрочем како во секој мегалополис, кога ќе се земе сè заедно во животот се доминантни страдањето како живеење во или со каков било недостиг и страдноста како желност за нешто. И тоа од моментот кога го освоил сиот простор околу себе на кој можело да се заживее, па почнал да оди во висина, да се гради и надградува кон небото. Ова треба да го дообјаснам.

Имено, кога велам страдање во или со каков било недостиг мислам на постојаната лична недоволност од она што се поседува и што се користи. Можам да ја наречам и незаситност односно алчност. Сепак, според мене најточно е да се нарече постојан натпревар со личното време; до исцрпување, до цел која никогаш не е крајна. Не мислам само на погубнта урбана потрошувачка, туку во најширока смисла-на подреденост на секојдневното незадоволство од себеси, на споредување со други и против други. Што е едновремено и самопорекнување и самоунижување.

Што се однесува, пак, на страдноста како желност, таа најчесто се сведува на придвижување кон недоволно осмислена, па и кон бесмислена цел. Едноставно: сакаш сè зашто не знаеш што. Тоа е клучно за погубноста на насобраната лична урбана негативна енергија во себеси. Се разбира, таа најнапред ја обезвреднува, ја деградира личноста.

Кажаното е мое противење на урбаниот живот, конкретно на животот во Страдец? Од каде таков заклучок?! Па јас бев роден во него, цел живот минав во него, се докажував, се докажав како творец и како таков умрев! Не, не е мое противење. Вие како да го превидовте или го заборавивте контекстот. Јас само го понудив за промислување можното, според мене најблиско и најсоодветно значење на името на градов-Страдец. Ако на тоа го додадам откритието на археолозите дека неколкуте семејства кои живееле во древната населба се преселиле седум километри источно по голем пожар среде жешко лето, моето промислување е сосем прифатливо.

Сакам да укажам на уште нешто во врска со градовите, мегалополисите како Страдец, значи и во врска со него, а што ми се наметна само по себе по мојата последна средба со Јасна од Спасе во далечното, мало и за многумина непознато гратче Плет. Во кое заживеала сама, нашла мир и самост, со нашата неугаслива љубов и минатото, со дела во кои се вградивме и со нејзините вајарски дела во кои сме јас и таа какви што бевме.

Што значи плет? Не мислам на основното значење што го знаете и го знам-ограда од преплетени прачки. Мислам пред сè на мачењето (нашите живи сиромаси велат: „Си го плеткаме некако животецот“ и „Векот во плет го минавме“, а ние мртвите: „Дури и смртта ја плеткаме“, „И век и навек во плет“), на замрсувањето (живите: „Ептен ја заплеткавме работата“, а ние мртвите: „И смртта како животот сама не може да се плетка“), како и на живуркањето (живите: „Плеткаме некако ден за ден“, мртвите: „Ги плеткаме дните и ноќите што да не знаеме кои ни се едните, а кои другите“).

Е сега:

Според мене, Плет е предвесник на она што веќе се случува во Страдец и другите мегалополиси како него. (Не знам, можеби токму затоа не е случајно мојата Јасна во Плет!)

Имено, Страдец веќе многумина жители го нарекуваат град-држава! Да, по примерот на градовите-држави во далечното минато, почнувајќи од сумерските во Меспоптамија (Вавилон, Ур), феникиските во Ханан (Тир и Сидон), берберските во Гараманти, античките полиси (Атина, Спарта, Теба, Коринт), па сè до Римската република која се издигнала од град-држава. Во енциклопедиски одредници се набележани и градовите-држави во Мезоамерика (градовите на Маите Чичен Ица и Ел Мирадор), потоа средноазиските Патот на свилата и Венеција, други италијански и хрватскиот Рагуза (Дубровник). Се спомнуваат и градовите-држави во 19. век Кантон Базел-град, Слободниот и ханзеатски град Бремен, Слободниот град Франкфурт на Мајна, Кантон Женева, па Слободен и ханзеатски град Хамбург и Слободен и ханзеатски град Либек, како и Западен Берлин, официјално наречен Берлин (Запад).

Клучното за сите е автономноста, но и немоќта да се одржат како такви пред сè поради ограничените ресурси. Денес и Страдец, како многу други во светот, е поделен на десет не сосем, но во сите области на животот мошне автономни општини. Уште како жив забележував, а сега како мртов во нив ми е сè поочевидна една според мене мошне негативна тенденција: етничка монолитност. Неминовен процес? Не знам, но ако е, сигурен сум дека крајно ќе биде негативен, бесперспективен.

Во Страдец плет-ови? Со живи и мртви сиромаси, со мачен живот и мачна смрт? Во замрсени живот и смрт? Во живуркање? Неминовен крај на Страдец во плет-ови? Стравувам.