21.

Ристо од Петар одамна мртов му кажува на Ристо од Петар мртов како жив за љубовта во светот на мртвите:

„Многу од сè што сакам јас одамна мртов да ти кажам за љубовта во нас и меѓу нас од збор до збор си ми кажувал и ми кажуваш мене одвреме-навреме, мртов како жив. Затоа што обајцата се надеваме дека ќе го споделат сè уште живи знајни и незнајни, а можеби и ќе прифатат расправа со факти и аргументи. Во секој случај, јас и ти како Ристо од Петар сме несомнено мериторни, сознајно со искуствено да зборуваме за неа и за сè поврзано со неа.

Оние што внимателно го следат моето приклучение, веќе знаат дека и во животот и во смртта имав три големи љубови: Јасна од Спасе, Вера од Јане и една сокриена длабоко во мене, сè уште неоткриена, таена. Што се однесува на мојот брак со Магда од Насто, ако во него имало некаква љубов, тоа било само на почетокот и не подолго од една година. Каква? Не знам и не ми значи да знам. А сè уште неоткриената? Веќе нешто раскажав за неа; дека е според многу нешта единствена и сè уште ја таам и од мртвите и од живите, со која бев едно време кога бев жив и со која сум откако сум мртов; и дека често доаѓа, остава на надгробната плоча крај мојата фотографија една црвена роза, пали свеќа, разговараме за сè и сешто и водиме љубов додека свеќата сосем не изгори. За неа пак подоцна“.

Ристо од Петар одамна мртов и Ристо од Петар мртов како жив молчат некое време загледани еден во друг со рамнодушни погледи, па продолжува Ристо од Петар мртов:

„Живите не знаат, а би требало да знаат дека љубовта во мртвите и љубовта меѓу нив се сосем исти; и во однос на нивното времето како единствени, неповторливи, непорочни, и кога станува збор за бранувањето на емоциите. Всушност, исто како на живите и меѓу живите, и нам мртвите и нам мртвите како живи тие ни се неугасливи. Нешто што живите не го разбираат и затоа не го прифаќаат: нема една љубов ни во животот ни по смртта, а ни по нив. Секогаш биле или се повеќе. Едноста е токму во единственоста, неповторливоста и непорочноста. Различноста е во големината и длабината. Ти добро знаеш дека љубовите што ги изделив ми се најголеми и најдлабоки, а како такви беа решавачки во моето најважно, ќе го наречам животно и смртно приклучение.

Се обидувам, но признавам дека засега не ми успева баш да им ја објаснам на живите суштината на убавината во љубовта меѓу нас мртвите и меѓу нас мртви како живи.

Јасна од Спасе е убава жена за секој што има каков било допир со нејзината природа. Ми беше убава додека бев жив, ми е исто убава сега, кога сум мртов и секогаш ми е убава кога сум со неа мртов како жив. Можам да речам дека ми беше и ми е најубава од сите. Признавам дека нашето заедничко творење и нашите заеднички сликарско-вајарски дела најмногу ја изразуваат нејзината, но и мојата природа. Поточно нејзината, но и мојата убавина.

Вера од Јане е убава за секој што ја открива нејзината природа со наум да не престанува. Ми беше убава додека бев жив, ми е исто убава сега, кога сум мртов и сè уште ја откривам нејзината природа. Можам да речам дека ми е една од најубавите. Не ја изедначувам со Јасна од Спасе? Не е во прашање изедначувањето. Не ја изедначувам со Јасна од Спасе? Не е во прашање изедначувањето. Не ја изедначувам со Јасна од Спасе? Не е во прашање изедначувањето. Во прашање е траењето на убавината на постоењето без какви било ограничувања и оградувања. Заедно со стремежот кон апсолутната слобода која, познато е, никој ниту може, ниту треба да се обидува да ја осознае, да ја дефинира, најмалку да ја конкретизира. Морам да признам: бевме и сме заедно, но од ден на ден сме сè помалку. Мислам дека скоро нема да бидеме, ни јас со неа ни таа во мене. Особено по последната средба со Јасна во нејзиното мало гратче Плет, пред три ипол недели; таа жива и пред умирање. Особено зашто по цели девет години таа не дозволила и не дозволува мојата смрт да ја угасне нашата љубов. Најособено, ако можам така да се изразам, зашто нејзе ѝ е доволно што во секое вајарско дело сме јас и таа, какви што бевме. Да, здравјето ѝ е прилично нарушено, но јас знам дека е веќе пред умирање и скоро ќе ја продолжиме љубовта мртви.

Кога е збор за Магда од Насто, за неа можам да го речам следново: секогаш ја истакнуваше својата природна убавина. Пред мене, со мене, пред секој и со секој што ќе ѝ пружеше макар најмало внимание. Спонтано, ненаметливо, просто природно. Се разбира дека ми беше убава, инаку не би бил со неа колку што бев, се разбира вљубен. Но, сега мислам дека не беше за мене. Ништо, па и нејзината љубов и нејзината убавина немаа заедничко за нас. Во нашиот Јане е дел од нејзината природна убавина. Голем дел.

Ја изделувам убавината на сокриената длабоко во мене и сè уште неоткриена, таена љубов. Не знам, можеби во некое идно време ќе го откријам нејзиното име. Сега не и не уште долго. Доволно е што нагласив дека е позната артистика, со завиден број бележити театарски и филмски улоги. И е многу убава, нема кој што не ѝ се восхитува. Иде само на мојот гроб, на ниеден друг, на други мртви знајни и незнајни. Остава црвена роза на плочата со моето изделкано име и ми пали свеќа. Моја единствена љубов, исто како што сум ѝ јас нејзе“.

Ристо од Петар мртов како жив и длабоко замислен го прекинува кажувањето на Ристо од Петар одамна мртов. Со по малку нестрплив глас:

„Можеш ти уште долго, широко и детално да им кажуваш на живите, да ги убедуваш дека љубовта во мртвите и љубовта меѓу нив се сосем исти; и во однос на нивното време како единствени, неповторливи, непорочни, и кога станува збор за бранувањето на емоциите; дека се неугасливи и нема една љубов ни во животот ни по смртта, а ни по нив; секогаш биле или се повеќе; едноста е токму во единственоста, неповторливоста и непорочноста, а различноста е во големината и длабината. Можеби ќе ти успее, можеби ќе ни успее со промислување за најсуштинското: стаменоста“.

Ристо од Петар одамна мртов по малку уморно:

„Најчесто го прекажувам делот од моето приклучение што се однесува на мојата таена и сè уште неоткриена љубов. Со тврдењето дека секоја вистинска љубов е непорочна, како мојата и нејзината. Ако не е таква, не е можно рамновесие помеѓу рожбата како продолжение на животот и неговото вкоренување во наши простор и време. Токму тоа, заедно со споделувањето на грижата за сè побројните и сè почесто масовни умирања наспроти раѓањата и животворноста, ја докажуваат нејзината стаменост“.

Ристо од Петар мртов како жив:

„Во право си. Токму стаменоста е твоето засега исполнето ветување дека и мртов си со неа како жив, а таа ќе биде жива како мртва додека сте заедно. Притоа, ти инсистираш на непорочноста на љубовта, а јас ја разбирам нејзината роза како ваша рожба“.

Ристо од Петар одамна мртов нервозно, очигледно со наум да го заврши кажувањето:

„Ќе ти верувам дека ја разбираш ако прифаќаш дека во последно време водиме љубов сè пострасно, а нејзината роза вене сè подолго затоа што раѓањата и животворноста ќе бидат во рамновесие тогаш кога луѓето ќе научат дека и во мртвиот и во живиот свет мртвите за живите не се мртви, ниту живите за мртвите се живи“.

Ристо од Петар како жив:

„Не е проблем јас да прифатам. Нели сме заедно и мртви одамна и мртви како живи, мислиме и дејствуваме заедно, сплотени. Проблем е и живите и мртвите да ја прифатат љубовта како најсуштествена за постоењето во минатото, денес и утре“.

Ја напуштија глувата ноќ. Влегоа во гробот.