20.

Како продолжи моето приклучение меѓу животот и смртта, поточно меѓу молкот и тишината поврзано директно и индиректно, посредно и непосредно со Вера од Јане? Веќе нагласив дека тоа е еднакво и едновремено во животот што го одживеав; јас како жив и откога сум мртов одамна, таа од пред некоја година. Продолжи со секојдневно меѓусебно запознавање.

Долго не ѝ верував, што значи и не ѝ прифаќав дека таа знаела за мене како уметник, сликар, а сме се запознале на некоја моја изложба. Имено, јас бев додека бев жив и сум откога сум мртов, човек кој не заборава никого што покажал посебен интерес за неговото сликарско творештво, а особено оној што го запознал како внимателен проследувач на неговите творечки фази, од изложба до изложба. Таа долго не образложуваше зошто и како сум го привлекол нејзиното внимание со, според неа, еднаквиот однос и однесувањето спрема сите што ги изнесувале своите впечатоци и критички оценки за моите дела. Кои ги назначи како во еднаква мера рамнодушност, ладнокрвност, внимателност, љубезност; исправен, без какво било движење на телото или гест. Јас, пак, долго не прифаќав, всушност не ѝ признавав дека сум навистина таков. Едноставно, таков се поставував спрема секого кој со знаење и промислено кажуваше што било за моите дела. Не е тоа моја одбрана, уште помалку убеденост дека мојата уметност е автентична токму со апстрактната димензионалност. А кога го стори тоа, просто ме разочара: сум ја привлекол зашто ниеден од творците што ги познавала или ги знаела доволно, а не се малку на број, не бил како јас. Имено, сите тие се однесувале како одново да го преживуваат создавањето, како делата да се сè уште дел од нив, како сè уште да не се подготвени да ги споделат со други. Како обзнанувањето односно изложувањето да им е просто изнудено. Можеби баш затоа изгледаше разочарано кога јас решив да бидам искрен уште на првата средба, да не сокријам дека долго не ми паѓала в очи, односно со ништо не ми го свртувала вниманието.

Откако ги зачестивме и ги интензивиравме нашите средби, притоа сè почесто јас со Вера од Јане без Јасна од Спасе, одвреме-навреме помислував, па и чуствував како да згаснува големата љубов меѓу мене и Јасна. Дури и како да се разнишува нашата мошне цврста и стабила брачна. Признав, прифатив дека Вера од Јане е убава, стројна и стамена девојка. Се разбира, ме привлече тоа дека ја сака и почитува уметноста, има темелни познавања за неа, особено за сликарството. На почетокот ништо не ми значеше дека пишува поезија, а во неа најмногу ми пречеше преоптовареноста со метафори. Без оглед што тие навистина најмногу личеа на светли и темни мигови на црно-бело платно. Подоцна сфатив дека таа всушност не пишува поезија, туку слика, создава слики со зборови. Многу блиско до моето апстрактно сликарство. Признавам дека неколку слики создадов читајќи и доживувајќи нејзини песни.

Што се однесува на блискоста, дури интимноста меѓу Вера од Јане и мојата Јасна од Спасе, таа воопшто не беше необична како што ми се стори при првата средба и запознавањето во кафулето. Не сакав да помислам дека се во лезбејска врска зашто нашата љубов и брак беа несомнени, а Јасна никогаш, во ниеден заеднички момент не покажувала ни најмала настројба кон бисексуалност. Но бидејќи одвреме-навреме се држеа за раце и се прегрнуваа…Да, некое време одвреме-навреме водевме љубов заедно, имавме секс со иста страст од почеток до крај, до исцрпеност. И секогаш ми беше по малку непријатно кога водевме љубов како игра со крај. Но, тоа беше само некое време и одвреме-навреме. Преодно. Немаше врска со нивна лезбејска врска.

Пред да ми почне умирањето, а и по смртта се обидував, се обидувам и сега, по толку години мртов и жив како мртов да разберам зошто Јасна намерно ја заискри, потоа стори многу нешта да се разгори љубовта меѓу мене и Вера. Почнувајќи од нашиот престој во Борина, соседна Иселија, каде што имав самостојна изложба, намерното откажување на Јасна да ме придружува предлагајќи ми ја Вера за придружба, дури инсистирајќи, до интимната вечера со свеќи, музика, танцување и потоа секс во хотелската соба. Кои, како што ми призна, ги испланирала таа до последен детал. Исто како сè до последниот претсмртен час.

Моето приклучение го продолжувам со откривање на нешто за мене поразително, а е во директна и индиректна врска со Јасна од Спасе. Намерно одбегнувам да нагласам моја, зашто во меѓувреме се убедив дека не ми е што ми беше откако ја зацврстив интимната врска со Вера од Јане. Поразително за мене зашто во меѓувреме ми докажа дека неа ја иницирала сама, ја поддржувала и ѝ се радувала сè до прифаќањето на сознанието дека и со неа како со неа не можам да имам рожба; и таа како таа е неротка. Без да знам, значи криејќи од мене ги направила сите неопходни и можни прегледи, се обидела секако, но тоа е тоа. Знаела и знае дека тоа ме оптоварува. Поразително за мене зашто никако не можев, ниту можам да ја разубедам дека не е точно; тоа не ми значи ништо. Дотолку повеќе што таа ја одвратила да не се збогуваме во мојот последен претсмртен час. За мене поразителна нејзината решителност да продолжиме јас и Вера и по мојата смрт, независно од тоа до кога таа ќе биде жива, зашто таа љубов е поголема од нашата.

Дали поразително и за Јасна од Спасе кога пред да нè напушти во пожар од удар на гром куќата ни беше опожарена до темел, а таа сесрдно помагаше брзо да изградиме нова, за неполни три месеци? Дали и кога потоа брзо согледа дека огнот да опожари нешто помеѓу мене и Вера од Јане поради што обајцата почна да нè совладува рамнодушност? Дали поразително и по докажувањето дека и таа е неротка како неа?

Мене сè уште не ми е јасно зошто со Вера продолживме и по мојата смрт, сè до завршувањето на приклучението. Дали ѝ е јасно на Јасна?

Јасна не го одобруваше мојот брак со Магда од Насто, со која го имам синот Јане. Четири години, додека го одржував одвај поднесувајќи се, таа ме одбегнуваше. Нашите средби ги сведуваше само на соработка во изработка на мои сликарски и нејзини вајарски дела, и тоа секогаш заедно со Вера. Јас и Вера веќе бевме рамнодушни до таа мера што обајцата свесно одбегнувавме не само секс, туку каква било интимност. Меѓутоа, морам да нагласам дека и Јасна и Вера многу се радуваа кога се роди Јане. А особено кога две години потоа Магда ме напушти, просто исчезна едно утро оставајќи ми го Јане. Да, го изгледавме, го пораснавме, го школувавме, го направивме човек јас, мајка ми Славјанка од Владимир и татко ми Петар од Славе, Бог да ги прости, а тие ни помагаа сесрдно и со речиоси мајчинска љубов.

Едно од моите најголеми изненадувања откако сум дамна мртов и жив како мртов, би рекол едно од пресвртните во моето приклучение беше неспомнувањето на Вера кога неодамна се сретнавме со Јасна во далечното гратче Плет во кое заживеала, во кое нашла мир и самост. Што се случило помеѓу нив? Секако дека се случило нешто. Вера ми кажа дека подолго време не се ни виделе ни чуле, не знае каде е, но јас мислев дека тоа е дел од некаков нивен договор.

Не се осмелив да ја прашам кога ми кажа дека здравјето ѝ е прилично нарушено, па нема да чекам уште долго да ја продолжиме љубовта мртви. Се разбира, ѝ потврдив дека сум со неа.