19.

Добро, штом толку запињате и вие мртви како живи и вие сè уште живи, штом толку ме притискате дење-ноќе, нека ви биде: да, и јас, Ристо од Петар, како многумина од вас сум се сретнал, всушност се среќавам одвреме-навреме со Бога. Е, ај прашувајте!

Кога првпат го сретнав? Првпат го сретнав кога умрев, кога како многумина тргнав низ тунел со светлина на крајот, а откако го минав и се најдов во незамисливо убав, прекрасен предел, раскошна природа, со сите знајни и незнајни бои и меѓубои во хармонија, благост, радост, спокој и мирнотија. Не ме пречека никој, а по некое време што ми се чинеше бескрајно го здогледав во далечина, како на изгрејсонце.

Како изгледа? Немам зборови со кои би можел да го опишам. Најмногу ми личи на човек. Обичен, простосрдечен, милосрден. На бел облак? Ха-ха. Може. Тој на еден, а јас до него на друг. Се шегувам? Зошто би? Бог е седнат на престол, а околу него, како што се вели во Откровението, има дваесет и четири престоли на кои седат дваесет и четворица старци во бели алишта, со златни венци на главите.

Како е облечен? Како како?! Во блескаво бела облека во која, како што е знајно, се појавиле ангелите за време на Христовото воскресение и вознесение. А мене ме облече во риза на спасението и со одежда на веселите, односно стихарот. Се надевам дека знаете. Еве ако не знаете: станува збор за бела ленена кошула со долги ракави, која го покрива телото од вратот до стапалата, а претставува симбол на духовна радост и на спасението; во него се облекува човечката природа која на Бога му принесува служба. Сепак, морам да истакнам дека прво бев облечен во првобитната одежда, онаа нематеријалната, духовната, благодатната, која сите ја стекнуваме со светото крштение.

За што разговаравме на првата средба и по неа? И на првата, а често и на средбите по неа разговаравме за Десетте Божји заповеди, односно за Декалогот кој Тој му го дал на Мојсеј на Синај на две камени табли. Не за двете главни-„Возљуби го Господа, твојот Бог, со сето свое срце“ и „Возљуби го својот ближен како себеси“, за нив нема што да се разговара како заповеди, туку за втората, четвртата, седмата, осмата, деветтата и десеттата. Не треба да ме потсетувате, знам дека различни религии различно ги делат заповедите, а во извадокот од „Исход“ се забележуваат повеќе од десет-четиринаесет или петнаесет. Но, јас останувам на ограничувањето во Библијата на десет. Зошто баш за нив? Зашто мене ми се чинат најчовечки, не само додека е човек жив, туку и откако ќе умре. И, се разбира, ако може да биде жив како мртов.

Да ви ги пренесам разговорите од збор до збор? Зошто да не? Слушајте ме.

Јас, Ристо од Петар, сликар:

-Боже, зошто е важна втората заповед-да не правам идол, ниту каква било слика од она што е горе на небото и што е долу на земјата и што е во водата и под земјата; да не им се поклонувам, ниту да им служам?

Бог:

-Зашто нема живот ни минлив ни вечен со идол, ниту со поклонување или служење на каква-годе слика на постојното.

Јас:

-Јас сум сликар и го разбирам тоа. На сликите што ги создадов и ги создавам ниту јас им се поклонувам или им служам, ниту го барам тоа од кој-годе.

Бог:

-Мојата заповед не се однесува на нив, туку на сликите на постојното.

Јас зарадуван:

-Тогаш в ред. Моите никогаш не биле и не се ни однесуваат на него.

Јас и Бог во дијалог за четвртата заповед.

Јас, Ристо од Петар, творечка личност:

-Боже, ја почитувам Твојата заповед за седмиот ден, па како таков ден за одмор односно за празнување. Значи, и јас како човек, без оглед што сум творец, да работам како Ти шест дена и да ги сработам сите работи, а седмиот да одморам. Но што да правам со мојата творечка енергија? Знаеш дека таа не ме напушта, а ту е посилна, ту послаба зашто ја поттикнуваат живењето, преживувањето и доживувањето.

Бог:

-Прво, мораш да научиш да се тргаш од неа, да ѝ се оттргнуваш кога ќе те умори. Затоа што и таа како сè друго на светов се троши, ја трошиш додека си жив, мртов, особено ако си жив кога си мртов, до исчезнување заедно со тебе. Заповедта за седмиот ден е најдиректно поврзана со човештината. Баш на тој ден таа треба да дојде до израз. Човек да биде со човек, со луѓе, и со блиски и со далечни. Со човештина најмногу се обновува, може и одново да се роди творечката енергија. Одморањето на седмиот ден не е заповед за денгубење, за пасивност. Си ме видел мене да денгубам на тој ден? Или да не сум со вас, да ме нема нигде за вас?

Јас:

-Не, не сум те видел и секогаш си со нас.

Бог:

-Ете така.

Расправата меѓу Бог и мене е најобична, речиси без толкувања, објаснувања и докажувања за осмата и десетата заповед: „Не кради!“ и „Не пожелувај ништо што е туѓо!“.

Јас, Ристо од Петар, чесен, човекољубец, вљубен:

-Не знам, Боже мој, дали знаеш дека луѓето во обичниот живот најмалку се придржуваат на твоите заповеди да не крадат и да не пожелуваат ништо што е туѓо?

Бог:

-Знам, Ристо од Петар мој, дури и повеќе. Сè помалку се воздржуваат кога ќе се најдат во искушение да го сторат едното или другото, неретко обете заедно. Па за колку-толку да си ја потсмират совеста поради тоа, прават градација, разликуваат ситна, крупна, мала, голема крадба, а пожелувањето на нешто што е туѓо често преоѓа во завидливост и алчност.

Јас:

-Па кога знаеш како е, дека е така, зошто не преземеш нешто? Не си помислил дека тие заповеди треба да ги дополниш или видоизмениш?

Бог:

-Нема потреба. Знаеш за мојата казна, нели? Дека Божјата казна е најголема и неодминлива. Да, зашто крадбата и пожелувањето туѓо се непростливи, меѓу најсмртните гревови.

Јас:

-Да сум на Твое место, јас би ги преиначил. На пример: „Не ни помислувај да крадеш!“ и „Врати сè што е туѓо!

Бог се изнасмеа громко:

-Ха-ха.

Јас искажав чудење и мала лутина:

-Зошто се смееш, Боже?!

Бог:

-Затоа што такви не би ни личеле на Божји заповеди. Впрочем, помислувањето на крадба не е крадба, а одземањето на земеното па враќањето на што-годе туѓо го сотира пожелувањето.

Јас:

-Добро, добро. Кој сум јас, па да те советувам, уште и да предлагам. Јас сум обичен смртник, мртов и жив како мртов, а ти Бог.

За заповедта „Не сведочи лажно против твојот ближен“ досега сме разговарале само двапати. Кусо и исто, од збор до збор.

Бог:

-Знаеш ли колку голем грев е да сведочиш против твој ближен?

Јас:

-Не знам зашто, колку што знам, никогаш додека бев жив не сум го сторил тоа.

Бог:

-Јас сум загрижен. Во последно време расте бројот на сведоци против ближни. Се разбира, исклучиво поради личен интерес. Секој грев на човек простувам откако ќе умре, се разбира и тој, ама…

Јас:

-Да не ме разбереш погрешно, ама јас не те разбирам. Знам колку ти е големо и широко срцето, па е в ред со простувањето, ама ние разговараме за Божји заповеди. Заповед е заповед, Боже!

Неважно е како ни продолжуваше разговорот.

Што се однесува на седмата заповед: „Не врши прељуба!“, за неа досега разговаравме само еднаш.

Јас, Ристо од Петар, со три љубови, една далечна, една заедничка со далечната и една таена, за кои раскажувам како мое животно приклучение во живот и смрт:

-Боже, седмата заповед во нашево време е мошне дискутабилна и веројатно знаеш дека ептен малкумина се придржуваат на неа. Да не речам никој. Не сум за укинување, бришење, туку за видоизменување.

Бог:

-Знам, знам. Како може јас да не знам? Кажи како да ја видоизменам, па може и да те послушам.

Јас:

-Мислам дека треба да биде конкретно условена. На пример: „Не врши прељуба ако си во љубов голема и непорочна!“ Така нешто.

Бог се чуди, како изненаден:

-Како тоа?! Нели секоја вистинска љубов е голема и непорочна?! Може да биде инаква? Прељуба наспоредно со љубов?!

Јас:

-Ама Боже, многумина живи и мртви, па и мртви како живи мажи и жени тврдат дека имале по неколку големи и непорочни љубови во животот. Еднакво големи и непорочни!

Бог:

-Прво, сигурно не биле еднакво големи и непорочни, тоа е просто невозможно, а второ и да биле секогаш најголема и најнепорочна е последната што била или е. Плус, ти не спомнуваш, ама јас знам што мислиш и како мислиш, па те предупредувам да не ги мешаш љубовта и страста. Особено не љубовта и сексот. Прељубата е многу повеќе тоа, страст или потреба од секс, одошто љубов. Дури најмалку втора, трета или една од повеќе големи и непорочни љубови.

Се разбира, и јас како секој верник, треба ли да потсетувам дека религијата и верата ги сметам за лични, не си дозволувам да се расправам со Бога, да му се спротивставувам, да му оспорувам што било. Се разбира, знам што значат десетте Божји заповеди. Затоа решив да не продолжам, јас да го завршам разговорот.

Јас:

-Боже, сосем си во право. Прељубата ја поттикнува страст или секс, а просто не е можно да се случи кога е збор за голема и непорочна љубов. Во животот на секој човек и секоја жена таа се случува само еднаш, една е и единствена. Сепак, размисли за мојот предлог заповедта да ја условиш конкретно, на пример со љубов голема и непорочна.

Толку. И? Мислите дека сум бил и сум со Бога како жив, како мртов, и како мртов а жив кога можам или имам потреба? Мислете. Мислите дека не сум бил никогаш и не сум со Бога? Мислете. Мислите дека се шегачам како што мислите со мртов и мртов како жив? Мислете.

Јас мислам дека нема ништо за мислење. Тоа го докажав и сега, со мојов исказ или одговор на вашето запињање, на вашето притискање дење-ноќе во врска со Бога.