14.

По смртта и во неа нема големи и мали, великани и маргинални односно безначајни. Сите се еднакви како луѓе што скоро или дамна биле живи со различни животи. Се изедначуваат по смртта и во неа? Не, туку свесно, како јас и сличните на мене-мртви дека живи и живи како мртви, или несвесно, како мнозинството мртви кои ја немаат способноста да бидат мртви или живи по смртта кога им е тоа потребно, може и кога ќе посакаат, конечно ги признаваат и ги прифаќаат статусот и поседувањето сосем бесмислени. Признавањето, особено возвишувањето или непризнавањето, особено омаловажувањето на некои, најмногу според создаденото дело или дејствување, се израз на свеста и совеста на живите. Кои, пак, токму затоа што се живи како што се не умеат да ја осознаат суштината на смртта.

Долго истражував, откривав, осознавав и точно знам: во блиското или далечното минато, ниту во сегашноста не постојат стари или нови гробишта на кои нема издвоени гробови со мртви. Единечни или во низа, наспоредни, во круг, некако обележани. Има такви и на стариве гробишта на Страдец, кои се веќе толку близу до центарот што може да се сметаат за дел од него, и на новите лоцирани на неговата периферија. Повеќе се на старите одошто на новите, а што според мене е очекувано.

На стариве гробишта, веќе реков дека мојов гроб е меѓу најстарите на него, постои издвоен ред на лица и личности кои додека биле живи создале некое дело или значајно дејствувале врз животни или некои други состојби и процеси; со кои, како што живите жители на градот често истакнуваат, се вградиле себеси во минатото и сегашноста, а за непореклива иднина. Многумина од нив станале великани уште додека биле живи. Редот е на обете страни на Главната улица и се вика Алеја на великаните. Додека на новите гробишта таквите лица и личности се во кварт кој се извишува над другите и се вика Возвишение на великаните. Гробовите и на старите и на новите, и во Алејата на великаните и на Возвишението на великаните се исти, не се разликуваат меѓусебно освен според бистите и малите скулптури од месинг или мермер како симболи на различни творештва и животни дејствија. Се разбира, на мермерните црни или бели плочи се изделкани, изгравирани или излеани во месинг имињата, презимињата, годините на раѓање и умирање на оние што почиваат во нив. Некои бисти се со препознатливи глави, излеани односно изделкани точно како што изгледале починатите, обично на стари години, некои одвај да личат на нив, а некои се со истакнати делови на лицето; на пример длабоки брчки на челото, густи веѓи, долг или бабулест нос, брада, мустаци. Што се однесува, пак, на  скулптурите како симболи, некои од нив се да речам директни. На пример за сликар најчесто штафелај, сликарска палета, четкичка со боја во туба, за писател најчесто гускино перо или отворена книга, а за музичар инструментот на кој свирел или за кој компонирал во минијатура.

Од досега кажаново може лесно да се заклучи дека лично јас, како и повеќето „великани“ со кои сум разговарал и се среќавам одвреме-навреме (морам во наводници оти тие инсистираат дека не биле и не се тоа), сум против, не прифаќам тие на гробишта да се издвојуваат од другите мртви. Се разбира дека ја разбирам потребата од истакнување на настани и личности во минатото, во историјата на еден град, на еден народ, на една држава, вградени во нивните темели, некои со право или не ги нарекуваат светилници, но мислам дека тоа треба да се прави на друго место. Впрочем, многу од тие гробови се прилично запустени, делови од мермерите распукани, неколку се без бисти, неколку со испокршени симболи, а некои богами и сосем препуштени на забот на времето. На кое друго место мислам?

Мислам дека и Алејата на великаните и Возвишението на великаните треба постепено да се „доближат“ до останатите, на „обичните“ смртници односно да се изедначат со нив. А величието на лицата и личностите погребани во нив да се искаже, поточно да се истакне со големи и маркантни споменици на главни собиралишта на народот. На пример на плоштад, на главна улица или булевар.

Мојава заложба ќе ја поткрепам со еден „случај“ на гроб во Алејата на великаните. Имено, во неа има еден сè уште празен гроб, со мермерна плоча, постамент и назначено место за скулптура како симбол, со следниов изгравиран натпис: „Овде ќе почива великан кој е сè уште жив“. И мене ми се чини дека е тој „дело“ на некој потомок на жив великан, а може самиот тој на овој начин да се мајтапи со своето величие. Она што е особено интересно е дека никој од мртвите со кои сум разговарал и се среќавам одвреме-навреме, а ни од живите кои се пред умирање или воопшто не помислуваат на смртта, не знае кој е тој. И? Прашувате што и?

И ништо. Ако сакате и никому ништо. Но дали е в ред и засега тој сè уште жив великан да се издвојува од другите на таков начин? И што откако ќе умре и ќе биде погребан во него со сите почести? Ќе го избришат изгравираниот натпис? А ако остави завештание да не се брише и ништо друго да не се додава, ни име ни презиме ни години на раѓање и умирање, ниту да му се поставува биста со скулптура како симбол на неговото дело односно животно дејствување. Што тогаш?

Затоа на крајов додавам уште една моја заложба: за таквите како таквиов да се направи среде плоштад, улица или булевар заеднички споменик. Исто како постојните споменици на незнајни јунаци.