Ние сме сепак дел од стварноста.

А еднаш ми се случи да ги видам луѓето исплашени. Истрчуваа на улиците разбушавени, уште поспани, полуголи. Ги напуштаа зградите, куќите, уморни од сон и од љубов.

Војна!, викаа. Ќе има војна!, викаа. Што му е на светов? Малку ли му беа две? Малку ли му беше смрт? И трета ли?, се прашуваа луѓето, но не очекуваа некој да им одговори.

Ама каква војна, луѓе божји!, се обидов да им објаснам јас. Тоа е само криза. Како и секоја светска досега. Ќе мине. Ќе почне, ќе потрае и ќе се надмине. Големите само сакаат да го плашат светот. Да си ја покажат силата, да се знае кој е кој и кој што може.

Не чини, не оди на арно работава!, извика ти меѓу нив, Јасене Виорски. Ќе се измрда редот, ќе се зголеми јазот меѓу богатите и сиромашните. Опасноста е опасност. Само да не пукне.

Раскажуваше еден старец:

Еее, во старо време…Во наше време беше друго. По времето знаевме што нè чека. Ќе се покажеше, ќе ни кажеше. Ќе пожолтеше, ќе удреа некои горештини, па облаци ќе се нададеа на небото. И птици ќе прелетуваа како да ги развева ветер. И земјата не се прекопуваше, па не бидуваше семе да ѝ фрлиш. Како да кршиш камен, а не се крши пустиот.

Ама што ви е, бре луѓе? Што сте се растуриле на улицава?!, ги прашував јас, Марија Имотска, едновремено прекорувајќи ги…

Тоа не беше којзнае каков земјотрес! Се затресе земјата. Па што? Голема работа! Зарем досега не се навикнавме? Нели се организираме за да не нè фаќа паника? Ајде, вратете се во своите постели, уште е рано. Било-поминало.

И така ти велам. Им велам јас на луѓето. И ме послушаа.

После ми умре братот. Го легна некоја болест. Знам која, ама некоја. Којзнае од каде му влезе в гради. Му се собра во срцето и наеднаш го турна наземи. Си ја доградуваше куќата и наеднаш го турна наземи. Падна од нога…Го налегна и си згасна човекот. Згасна за само три месеци…Ќе ти мине, му велевме. Си велевме. Има лек, му велевме. Ќе го најдам, му велев. Ќе ти помине, ќе оздравиш, му велев…Како си?, го прашував. Поарно да не знаеш, брате Јасене. Поарно да не знаеш, ми одговараше и одвај ја отвораше устата. Издржи, млад си, снага, го куражев. Морам да издржам. Човек мора да се надева до крајот на животот. Мора да му верува на животецот. Инаку, поарно да го нема. Би си ги искинал конците да не му верувам, ако не му се надевам докрај, брате Јасене…И си ги скина конците.

Знам, ми рече Марија Имотска гледајќи ме право в очи. Паметам.

Не знаеш и не можеш да знаеш. Од каде би знаела? Јас не те познавав досега! Отсега почнавме да си го делиме времето. Сега моето минато, а после твоето.

Веројатно знам. Како да знам, одговори. И тоа е исто нели, ми рече Марија Имотска и веќе не ме гледаше право в очи. Паметам.

Велиш, ти си најдена. Оставена, па најдена. Е, најдена моја, животот си е таков. Малку потажен, малку повесел, и така. Заминуваш некаде во светот, скиташ, па се враќаш како невратен. Сè исто. Сè си мислам дека секогаш така сум ти се враќал и сум ти заминувал. Најдена моја, така јас. И сум ти се враќал, како сега, Марија Имотска.

Да се враќаше порано, а никогаш да не заминуваше, не ќе си ја пресечев горната уста со нож уште како девојче. Те барав, знаев дека те има, ама знаев нејасно. Сеќавав. Како девојче. И случајно се пресеков. Навечер, на вечера…Тие ми велеа да не се играм со ножот. Јас девојче, сакав да си играм. Наместо со лажица, со вилуишка, со нож си ставав слатко в уста. И се пресеков.

Ајде да играме голи, ти предложив.

Почнавме. Пуштивме музика. Ечеше, ја преполнуваше собата, ги затресуваше прозорците, а вратата затворена. Чиниш и ѕидовите, и тие се разместуваат. Некој брз, луд ритам. Никако да го фатиш, освен да му го препуштиш телото. Да го ослободиш, дас се ниша како знае и умее. Нејзиното тело се виткаше, се превиткуваше, фаќаше црвенило, полека. Фаќаше топлина. Потоа се гледаше во распуканото огледало, па си ја прибираше косата, па ги креваше рацете. Најпосле уморна, папсана пак легна. Легнав до неа. Почнавме да се смееме неконтролирано. На животот му се смеевме. И на ѕидовите од собата, на прозорците, на вратата заклучена ѝ се смеевме. Јас, Јасен Виорски, и таа, Марија Имотска. Се смеевме неконтролирано. Нè обзеде некое чудно смеење. Да. Просто нè врза. Потоа лежевме во мракот и молчевме.

Ме плашат ѕидовиве. Може да паднат и да нè покријат. Ајде утре да појдеме в шума, да прошетаме низ неа.

Сигурно мина полноќ. Спи, ти реков.