Треба да се биде внимателен
кон состојбата што следува.
Може да се случи нешто.

Улицата ја минувавме секој ден двапати. Од навик. Воопшто не помислував, ниту претпоставував дека кафезот ќе го пронајде случајно во излогот со вода; и дека ќе го натера да престане да зборува, а само да се насмевнува ако некој го праша дали има добро здравје. Не очекуваше тоа да ти се случи, Јасене Виорски. Нели?

Добро ќе биде малку да внимаваме кога ја минуваме оваа улица, му велам. Треба да помислиме зошто ја минуваме двапати секој ден.

Мислам дека луѓето намерно креваат ѕидови, Марија Имотска. Не знам зошто досега не дојде до овој заклучок и ти. А кога ќе разберат дека често се озборувани и дека сите ги паметат според реагирањата, особено според нивните постапки, почнуваат да си ги менуваат лицата. Како да им недостасува круг.

Тоа утро улицата беше празна. Ја минувавме внимателно. Особено ти, Јасене Виорски.

Се случи нешто што можеби обајцата го очекувавме. Една млада жена запре пред нас и нè праша дали мислиме дека светот е мал.

Се разбира дека мислиме, се согласивме со неа.

Мислам дека ве познавам, заклучи неочекувано младата жена и нè загледа од сите страни.

Додека разговаравме таа со едната рака си ја креваше белата коса од челото.

Јас сум стара, а вие млади. Треба да му се радувате на животот. Тој минува секој ден. Исполнете го со многу детали.

Не ни требаат совети од тебе. Доволно знаеме, ѝ рече ти, Јасене Виорски, во името на обајцата. Веројатно сакаше да ја одминеме.

Сега сум стара, ама мошне млада. И затоа не му се радувам на животот. Косава ми обеле во еден единствен миг.

Тоа ни е познато. Се случува, ѝ рече пак ти, Јасене Виорски, во името на обајцата.

Се обидовме да ѝ кажеме дека е здодевна.

Но јас сум стара, а толку млада, се обиде да го продолжи своето присуство пред нас.

Зарем не забележувате колку сте здодевни?, ја прашав јас.

Ве прашав нешто. Дали мислите дека светот е мал?

Најпосле младата жена се насмевна и го сврте погледот кон излогот со вода. Забележавме дека има долги нозе.

Но не го објасни кафезот, Марија Имотска. Зошто ти требаше тој?

Другпат, Јасене Виорски. Другпат.