Ноќе нашето расположение е сосем поинакво.
Како да сме исфрлени од колосекот.

Излегоа во ноќта. Беше топла, полна со чекори и со страв. Нејасен, непознат. Ниту од каде доаѓа.

Зошто сега молчат?

Што мислиш за сонот?, почна таа за да го прекине молчењето и да го предупреди Јасена Виорски дека времето минува, па секој нареден заеднички миг е драгоцен и редок.

Едноставно, тогаш мозокот се одмора, се ослободува од сè што насобрал во денот, одговори Јасен Виорски.

Зошто ме боли глава кога се будам?, продолжи да прашува Марија Имотска. Дали затоа што обично сонувам без ред или нешто поврзано со смртта, а најчесто неа самата?

Не, не Марија. Тоа нема врска! Те боли глава кога се будиш затоа што спиеш легната настрана и свиткана како клопче. На пример, си легнала на рака, па чувствуваш болка и ја сонуваш во некоја сцена.

Ова дека знаеш или само претпоставуваш?

Не знам, одговори Јасен Виорски. Знам дека ми е доста од сево ова, продолжи нервозно. Постојано нешто измислуваме, опишувме, постојано разговараме. И често само колку да ни мине времето. Мислиш дека е интересно сето тоа?

Па ти сакаше, Јасене Виорски. Времето, велиш, како потрага по него оти е изгубено според Пруст. Затоа го делиме. Сосе минатото и сегашноста. На четири еднакво важни дела. Според квартетите на Елиот., одговори Марија Имотска.

Тоа нема врска со нас. Измислуваме за да си го оправдаме постоењето овде, да се најдеме и ние меѓу луѓето. Полека, со време се откриваме, ќе си кажеме сè. Ќе раскажеме дел од она што сме го минале. Се разбира, многу ќе премолчиме. Читателот треба да нè продолжи според теоријата на рецепцијата. Се сеќаваш? И тоа би било сè. Ништо друго!

Само како дел од стварноста?

Како ќе посакаш, Марија Имотска. Сеедно е. Добро е дека си свесна за сопствените вредности. Знаеш што си и што можеш да очекуваш. Знаеш да си ја негуваш добрината на пример, да ја броиш и да ја обновуваш. Но, не потценувај ги другите. Никој не знае повеќе од другите! Така непотребно стануваш и агресивна. Напаѓаш! Ги принудуваш другите да отстапуваат пред тебе и да мислат дека треба да те остават сама. Дека тоа ти прилега.

А сонот?

Си сонувала?

Токму затоа прашав и прашувам: а сонот?

Може. Може и сега, Марија Имотска.

Сакам да сонувам, на пример, дека ти заминуваш во некоја далечна земја. Те испраќаат тапани и зурли.

На привремена работа во странство?, праша иронично Јасен Виорски.

Зошто не? Те испраќаат тапани и зурли, а ти се радуваш поради заминувањето. Светот е толку мал, ми велиш како поздрав. Светот е толку еден, ти отпоздравувам и наеднаш исчезнуваш. Мене полека ми станува сеедно што те нема.

Убав сон, нема што. Да не посака и него да си го стокмиш како дел од стварноста?

Не знам, можеби, одговори Марија Имотска. Замолче. Конечно замоче и Јасен Виорски.

Ноќта беше полна со чекори кои како да ја мерат. Ја минуваа со страв и во молчење.