Споредбите се некогаш и добредојдени.
Може да го забрзаат мисловниот процес.

Небото почнува полека да се отвора. Како жена која со задоволство замислува како легнува гола на сонце, сигурна дека никој нема да ја види.

Марија Имотска, како да го опишеме чувството кога во вакво време следиме човек облечен во црно? Страв ли е тоа или потсмев? Можеби текот на свеста со знаци на нова игра?

Знам на што мислиш кога ме прашуваш ова. Најважно е нежно да се запишат исчезнувањето и рамнодушноста.

А енергијата? Како да ја поделиме меѓу нас за да го стасаме човекот во црно и да му кажеме дека Ништото може само еднаш да се испее како Ништо?

Човекот во црно живее сега, Јасене Виорски. Не го заморува сопствената иднина бидејќи е прашање дали воопшто ќе дојде дома. Тој си ги цени само сопствените вредности и не обрнува внимание на тоа дека го следиме цело претпладне.

Ти си мошне задоволна кога ќе ме убедиш колку е важен говорот, а помалку светот. Постојано ја проверуваш својата перспектива. Дури се однесуваш по малку снобовски, Марија Имотска. Додека разговараме ти често ги употребуваш рацете. Особено ако ти е тешко да кажеш нешто поинаку. Или да премолчиш, па ги собираш прстите и веѓите во напор.

Забележуваме дека човекот во црно е бос. Сакаме да го запреме и да го прашаме зошто ги заборавил чевлите, дали ги заборавил. Но, се плашиме да не направи драма и да ни биде непријатно.

Треба да имаш високо мислење за себе. Без оглед што така можеби нема многу да успееш. Барем полесно ќе размислуваш и ќе се совладуваш, Марија Имотска.

Небото сè уште се отвора полека, како жена, а луѓето почнуваат да трчаат по нас. Ние по човекот облечен во црно. Околу нас столбови од мермер, како од времето на древните градови. Почнува повторно да истура дожд, а ти ме прашуваш дали имам право. Се разбира, одговарам во трчање. Само човекот облечен во црно може да ни каже дали жената легната гола на сонце мисли дека никој нема да ја најде.

Време е да почнеме да си ги броиме идиомите, продолжувам. Марија, време е да видиме со колку и со какви знаци ни се препознава звукот.

Човекот во црно наеднаш застанува, се свртува. Гледаме дека има голема глава и здрави заби. Ти се плашиш да му се доближиш зашто веруваш дека здивот може да ти биде долг, па да не можеш да му кажеш ништо. Човекот во црно се подготвува да ни зборува.

Простете, јас се викам Црн Петко, ни се претставува.

Вие играте мајтап со мене.

Не. Зошто?

Да Ве прашаме нешто. Колку ги познавате жените и можете ли да ни докажете дека не сте случајно облечени во црно?

Тоа е сосем нормално, вели. Јас не сум виновен што вие со сите сили настојувате да ја најдете жената што легнала гола на сонце за да биде со вас. Луѓето поради тоа ви се лутат. Само поради тоа. И трчаат да ве фатат.

Го рече тоа и влезе во куќите.

Небото се затвора како жена. Луѓето дојдени до нас молчат. Сите до еден! Замолчуваме и ние од што ни е непријатно да продолжиме во ист ритам.

Сепак, беше доволно, Јасене Виорски.