Луѓето нè одмеруваат со различни погледи.
Веќе ги заморува нашата доследност.

Ајде да ги едноставиме работите. Дозволувам да веруваш дека човекот што те следи навечер има четири лузни на лицето. И дека тој веќе не е оној облечен во црно, оној што во едно претпладне ни се претстави како Црн Петко. Којзнае што му требаше тоа…Дозволувам и да се плашиш од него, Марија Имотска. Но јас?! Зарем и јас? Не е ли наивно да мислиш така за мене?

Ти постојано размислуваш за нашиот почеток, Јасене Виорски. Како дел од твојот личен страв. Дали ќе ти успее да стасаш на целта заедно со мене. Велиш да ги едноставиме работите, а размислуваш само за она што ни било прво.

За коренот, Марија Имотска. Таму е причината за твојата болест. Ја истражуваше неговата припадност, колку е вкусен, колку е жилав да издржи нож, неговото траење. Коренот како симбол на твоето траење, на твојот цврст карактер. И на твоето минато, конечно.

Не, уште порано, Јасене Виорски. Кога веќе настојуваш да знаеш, упорен си во тоа. Уште кога те гледав пред водата, а ти сакаше да скокнеш во неа. Тогаш мислев дека секогаш си мислел да те нема.

Вака:

Едноставно, излеговме на улица. Рековме дека треба да излеземе. Излеговме и седнавме на тротоарот. Почнавме да ги броиме минувачите и автомобилите. Ги делевме на стари и млади, а потоа рековме доста. Станавме, се вративме во мојата соба.

Точно. А крајот?

Ти беше многу сериозен. Рече нешто како стих: Совеста нешто те прашува…Се обидував да те насмеам, Јасене Виорски, со автоматски текстови; значи, го прифатив твојот сликовит јазик. Знам дека порано го сакаше надреалистичкото искуство, посебно кога требаше да ја делиш стварноста. Те смееја обично зашто таа, ми објаснуваше, личи на дете со играчка в раце. Од неа се обидува да направи нова, но не знае како. Тоа те радуваше, знам, зашто откриваше и нејасен свет. Потоа премногу сериозно, дури подналутено рече дека човекот со четири лузни на лицето веројатно има намера да ме убие.

Воопшто не си спомнувам, Марија Имотска.

А кога почна да заминуваш одвреме-навреме, кога почна да го отвораш светот пред себе, да го изненадуваш со своите сознанија, со своите парадокси што почна да му ги приредуваш. Најпрвин ме гледаше како да сакаш да ме прободеш со вжарен нож.

Вообразуваш, Марија Имотска…Да не сонуваш?

Не, Јасене Виорски. Сега сонот е минато. Токму така како што ти реков: да ме прободеш со вжарен нож.

Рече нешто големо:

Поразот е во осамата!

Утро е. Дува ветер.