А се чини дека станува збор за една
единствена состојба, најмалку психолошка.

Голата жена на сонце е мајка ми, Јасене Виорски. Ја имам видено на сон. Убава, со расцутени дојки, тенка половина, извајани бедра, долги нозе. Прстите зариени в земја, како корени. Постојано насмеана. Не сака или не знае да зборува многу…Луѓето минуваат крај неа како да не ја забележуваат. Освен тој!

Велат дека паднала од воз кога бегала од мене. Ме оставила пред сиропиталиштето една ноќ и решила да избега од Големиот град. Да ја снема. Ја нашле со пресечена глава.

Ме оставила пред сиропиталиштето една ноќ и ја снемало. Тоа било како ослободување од некој голем товар, од некое несакано неприфатено, а незаборавно минато.

Ја виделе на железничката станица на клупа, свиткана. Плачела. Ја прашал некој што ѝ е, да не е болна, да не ја боли нешто, да не изгубила нешто. Што ѝ се случило? Таа одговорила сакам да ме нема! Потоа се качила во воз и ја снемало. Тој што ја прашал се сеќавал дека била убаво облечена. Во нов фустан, бел. Косата прибрана во црвена шамија.

Доста со твоето минато, Марија Имотска. Што од тоа? Сега си со мене и треба да заборавиш.

Не биди груб, Јасене Виорски. Не сакам да заборавам!…Не знам што точно се случило. Можеби тој ѝ рекол да го стори тоа. Можеби така се договориле…Можеби ѝ платил да ја снема. За да се ослободи и од неа и од мене?!

Па што?

Бевме на Камениот мост. Под нас реката матна; носи песок и камења. Брза, носи сè пред себе, не остава ништо зад себе. Таа потпрена на оградата и загледана во неа. Како да се премислува.

Да не мислиш да скокнеш, Марија Имотска?

Не. Зошто?…Тоа нема да реши ништо.

Требаше да го прашаме друго. На пример, требаше да го прашаме зошто сакаше да ни објасни дека писмата што ги добивал секој ден биле напишани на иста машина, од иста рака. Не сакале веднаш да го фатат, човекот со многу имиња, а без ниедно вистинско; и самиот си го заборавил, како да го немал. Како да е без идентитет. Го оставале на слобода, да продолжи. Можеби сакале да откријат уште нешто; можеби организацијата и врската со емиграцијата…Требаше да го прашаме зошто се чекало толку време, да се осилат како оси? Јавно да напаѓаат, на улица, во автобуси, да се толерираат нивните провокации? Па дури откако излегле масовно, кога почнале да рушат сè пред себе, да ограбуваат продавници, да кршат излози, да превртуваат автомобили и да ги палат…да пукаат!, дури тогаш да се интервенира?

Што е со тебе, Јасене Виорски?

Ништо. Пушти ме да довршам. Времето е со нас, нели? Го знаеш случајот со девојчето што го киднапирале и го сокриле во една куќа, па му се ределе, го силувале постари и помлади, банда, а потоа го фрлиле во дупка со вар? Го знаеш? Си чула? Тоа се случи во нашево време, во наш простор…Како ли им е сега на нејзините родители?

Знаеш, Јасене Виорски, не е тоа така едноставно. Сознанијата додека се преточуваат во аргументи…Треба да се биде мудар, сè да се пресмета. Знаеш добро дека иредентата сè уште работи. И ќе работи уште долго…Треба да се влегува во свеста, да се крши и да се гради. Таа е како стара куќа што мораш да ја урнеш за да направиш нова на нејзино место. Но, ако ја изградиш врз темелите на старата, пак ќе падне брзо. Напротив, тие треба да бидат подлабоки од претходните…Зошто ме наведе на вакви размисли? Која сум јас да повторувам познати искуства? Не ми е јасно, Јасене Виорски. Не знам зошто те интересира тоа. Тоа е политика. И време…Што има врска со тебе и со новиот човек што си го сретнал? Кој е, пак, сега тој?

Не знам, Марија Имотска. Некој сосем непознат. Ме запре и ме наведе на таков разговор.

Провокација? Којзнае. Можеби. Но ние се договоривме дека за нас е единствено важен внатрешниот свет. Прво твојот, по мојот, па потоа нашиот. Надворешниот, пак, како ден, како настан или ако минеме повеќе во еден здив како настани.

Знаеш зошто, Марија Имотска? Зошто сето ова? За да бидеме во времето. За да бидеме малку и конкретни! Зарем не ти е чудно дека и тој како ние има лузни? Ние по една, твојата случајно со нож, мојата за долга насмевка, а тој дури четири! Како болест! Бележани со знаци!…И да знаеш, ме навредува кога ме мислиш дете со играчка в раце. Моето минато сепак не е така обично…Знаеш, се плашам од него.

Не ти, туку јас. Сака да ме убие, Јасене Виорски!

Нема врска, ѝ велам. Зошто да сака?

Јас сум за него изгубеното време според Пруст. Откако ме пронајде, уште откога разбра дека сум жива, дека ме има, може да се компромитира пред јавноста…

Ама чекај, Марија Имотска! На кого мислиш сега?

На татко ми, се разбира! И престани да ме прекинуваш со такви наивни прашања.

Нема врска, ѝ велам. Ти само замислуваш. Имаш богата фантазија. Тој не те познава. Не знае за тебе, ни дека постоиш, ѝ велам.

Знае, знае! Сигурна сум дека знае! Му кажале старите. Ме израснаа и му кажале.

Добро, па што? Тој и онака не е толку важен за нас. Има поважни работи со кои го делиме времето за да ни биде едно, Марија Имотска.

Што е поважно?, прашува.

На пример љубовта. Ти не веруваш во неа? Добро, но што е со твоето чувствување на светот? Мислиш дека си способна да си ги контролираш нервите, емоциите? Мислиш дека можеш да ги совладаш, да не ги покажуваш?…Нешто мора да те возбудува, Марија Имотска. Нешто сепак мора!..Тоа е животот. Тоа ни е во природата.

Стоевме на Камениот мост. Таа потпрена на оградата, загледана во матната река.

Бевме сами.