ДЕТАЉ II

Направен е првиот чекор.
Успешно. Одиме натаму.

Почнавме полека. Се договоривме почесто да разговараме и така да се навраќаме на нашето спокојство. Ако не може поинаку, барем низ разговор да го откриваме елементарното, конвенционалното меѓу нас. Без оглед на тоа што секој си има свои принципи од кои, кога треба се разбира, нема и не може да има отстапување.

Ало, ти си?

Јас сум, Јасене Виорски.

Спиеш?

Не.

Читаш, Марија Имотска?

Не.

Мислиш на нешто? На нас?

Не.

В ред, јави ми се кога одново ќе ја почувствуваш осамата.

Важи, Јасене Виорски. Ќе ти се јавам.

И така, сè замислувавме. Ти со твојата приказна, колку апстрактна, толку реална, а јас со својот егоизам велиш. Можеби, зашто сакам да сум апсолутно сигурен и свесен за секој свој гест, за секоја маска што треба да ја ставам на лице; дека најмногу одговара на одделни состојби. На пример, како треба да се насмеам. Или кога треба да помислат дека длабоко мислам, а всушност јас едноставно сонувам со отворени очи некој дел од стварноста. И сè да се случува само во еден миг…Така замислувам да го делиме времето, но едновремено да ги делиме и нашите лица.

Мислам дека немаш доволно зборови, Јасене Виорски. Сè уште не си способен докрај да опишеш нешто или да претставиш некого.

Зарем треба? Главно е да се најде еден збор. Доволен е само оној првиот пронајден.

Затоа го одбегнуваш настанот?! Најмногу дијалог како драма?

Како нашите драми, Марија Имотска.

Никакви драми, Јасене! Сè е така едноставно. Животот те менува, ти го менуваш додека имаш сили, додека има и тој, колку што насобрал како искуство. И добро е така. Бришеш една страница, допишуваш друга, а се навраќаш на нив ако почне да те обзема меланхолија; чувство дека нема кој да те додржи, да направиш уште еден чекор макар несамостоен…Да го сториш тоа што го мислиш!

Таа замолче. Наеднаш сè околу неа почна да паѓа! Ѕид по ѕид!

Замина, како да ѝ беше сеедно што се случува.

Да легнеме, му рече. Ми се спие.

И таа ноќ како да го познаваше одамна. Може уште како дете.

Ти не можеш ни да претпоставиш како се чувствував тогаш.

Не знам, Марија Имотска. Како?

И уште кога ти ја открив оттргнатата страница од весникот за да прочиташ дека загинал во некој друг, непознат град, во автомобил; дека не можеле да го извлечат, па морале да му ја остават ногата…А главата распукана наполу…И едното око на воланот!…Непознатиот, Јасене Виорски!

Си спомнувам. Токму така. Со сите детали!

А сега твојата приказна дека светот нè демне на секој чекор, дека постојано нè озборува. Затоа е подобро вака. Почесто да разговараме за да ја градиш и изградиш врз разнишани темели. Не заборавај, Јасене Виорски.

Не заборавам, Марија Имотска. Не можам да заборавам.

Твојот егоизам свесно го градиш пред другите. Сакаш да ги совладуваш, да си над нив; да ги имаш во свои раце и да си играш со нив како со играчки.

Помислуваш на смртта, Марија Имотска?

Тоа е исто како да паѓаш од високо, на пример.

Ало, ало, ти ли си?

Јас сум.

Спиеш?

Не.

Читаш?

Не.

Мислиш?

Не.

Знам, Марија Имотска. Знам дека во тоа време ти имаше многу пријатели што мислеа дека треба да ти помогнат. Имаше неколку локални војни во светот и многу дожд. Ти сакаше да бидеш сама. И да веруваш дека не си виновна, дека воопшто не си виновна за неговата смрт. Па тоа се случува секој ден!

Сигурно и Непознатиот мислел на неа во тој последен миг.

Брзо се случи сè, а ништо не можеше да го разниша неговото спокојство. Сеедно ми е, ѝ велеше при последниот разговор. Јас и ти никогаш не сме биле заедно…Сè во ракавици, со маски…Јас сакав да почне од тебе, ти да почнеш и да завршиш.

Јас сум премногу добар со тебе, велиш, а знаеш добро, Марија Имотска, дека прво секој треба да се пронајде себеси, па после да ги открива другите.

Повели, пронајди се! И онака си сè уште Непознат за мене.

Добро, ти не си виновна за ништо. Само сакаше да бидеш сама. Јас го прифатив и тоа. Затоа последен пат ти велам: те молам, немој да ги бараш моите пријатели и да ги прашуваш за мојата адреса. Сметај дека никогаш не сум бил ништо, никогаш и ништо во твојот живот…Те ослободувам од сè. Не дозволувај никогаш да те совлада некакво сожалување спрема мене.

Да, јас ти се восхитувам!, му рече Марија Имотска. Ти се восхитувам дека и во ваков час си сосем спокоен.

Добро, Марија. Знам дека немав важно место во твојот ред, во твојата работна соба, меѓу книгите и старите часовници. Само бараше да внимавам на тебе. Да ти бидам како сенка што ќе ја следиш низ собите за да си ги одмориш очите. Да спиеш до неа, да прошеташ со неа меѓу луѓе.

Ти се восхитувам дека мислиш долго за сè што ќе преземеш. За сè што кажуваш претходно длабоко размислуваш.

А секој твој нов чекор однапред предвиден!..Јас никако не го признавам тоа. Не прифаќам!

Ете, Јасене Виорски, ти успеа да откриеш уште една страница и детално да ја прочиташ.

Помислуваш на смртта, Марија Имотска?

На стравот.

Тоа е исто како да паѓаш од високо.

Ало, ало, ти ли си?

Јас сум.

Спиеш?

Не.

Читаш?

Не.

Мислиш?

Не.

Замислувам како се соблекуваш, како полека се откриваш пред мене, Марија Имотска. Твоето голо тело…Совршено…Тоа ме возбудува, ме вознемирува. Дури ме поразува, да…Дека брзо ќе заминеш!

Не брзо, Јасене Виорски. Не брзо. Ние штотуку почнавме да водиме само наша љубов. Различна од секоја друга. Без догледна сегашнина и предвидлива иднина.