Светот продолжува со своето секојдневје.
Сè потешко му се спротивставуваме.

Не знам од каде твојот страв, Марија Имотска. Претставата имаше универзални пораки и беше целата проткаена со хуманизам. Апсолутен хуманизам. Националното беше застапено во сосема мала, дури незначителна, можеби и непотребна мера. Можеби само како препознавање. Раката ти беше мраз кога почна да паѓа маглата.

Сепак издржав, Јасене Виорски. Не требаше да ја гледаме. Зошто замок од деветнаесеттиот век? Зошто со векови назад?

Како продолжено време.

Одлична сценографија. Кога пуштаа крикови, во салата како да немаше никој. Штама!…Никогаш не сум се чувствувала толку осамена.

Ја гледаше право в очи и размислуваше како да го продолжи дијалогот. Дали со тоа дека намерно ја донесе во театарот, намерно да ја гледаат премиерата? Да ѝ го продолжи стравот?…Да догледа смрт?

Сепак издржав, Јасене Виорски. Нели смртта се случува секој ден и никоја не може да биде којзнае колку нова. Таа и нам веќе ни стана сосем обична, секојдневна. Дури потребна…Каков садизам! Смртта се заборава сè побрзо, а ни станува неопходна! Сè поретко изненадува, а не значи ништо друго освен исчезнување. И духовно и материјално…Стравот ми беше од друго и за друго, Јасене. Кога почна да паѓа маглата се видов и јас во неа. Замисли само, ништо не гледаш пред очи. Мораш напред, а не смееш ни чекор повеќе да направиш. Точно колку што си предвидел до целта. И полека забораваш на ритамот на времето. Ти станува сеедно дали е вчера, денес или утре.

Но тука е просторната димензија, Марија Имотска. Стравот се јавува, може дури паника, а егзистенцијалниот импулс во тебе не престанува да работи!

Кажи ми, Јасене Виорски, од каде те познаваа сите? Сите те поздравуваа со насмевка, сите те прашуваа нешто. Беше во центарот на вниманието. Забележав дека многумина гледаат во тебе. Како ќе реагираш на сцени или реплики…Како да ми завидуваа што сум со тебе.

Зашто си убава, Марија. И зашто покажуваш достоинство.

Остави го тоа. Не ми одговори.

Мислиш дека е постигната еднаквоста меѓу луѓето и куклите? Особенио кога обајцата се искачуваа по скалите, па влегоа во замокот, а куклите почнаа да паѓаат мртви?

Тоа не ми се допадна. Требаше поинаков крај. Зошто смрт? Тие се сè уште млади. Влегуваат во замокот, тој се урива, исчезнува заедно со нив!…Зошто враќање во минатото и смрт?

Да те потсетам, Марија Имотска. Сама велиш: во мојот почеток е мојот крај. Елиот.

Во претставата почетокот беше друг. Тие пееја, а куклите играа околу нив!

Тоа беше само метафора.

Улицата беше празна. Се отвори темен облак, згрме и истури пороен дожд. Тие како да не го чувствуваа. Намерно и упорно продолжија да грабаат чекори.

Во секој случај, беше интересно. Одамна не сум гледал ваква игра. Артистите беа извонредни. Ми се допадна тоа што се инсистираше на човекот, на неговиот внатрешен свет. А не на некои граници, егзистенцијални прашања, војни, освојувања, национализам. Тоа ми се допадна. Човекот и неговото траење. Особено затоа што е истакната неговата вредност и неговата големина.

А стравот, Марија Имотска?

Затоа што се почувствував осамена и празна, измислена. Затоа ме исплаши замокот. Тој неприродно доминираше на сцената.

А куклите?

Да, и нивните механички движења. Не знам зошто било потребно лицата да им бидат искривени, испресечени и испокршени.

Како една реалност. Како сегашно време. Конечно, како контрапунктален знак. Во постојана корелација со минатото.

Од каде те познаваа сите, Јасене Виорски? Како тоа?

Знаеш Марија, на сцената бевме ние! Јас сум авторот на претставата! Не ти кажав досега оти мислев дека не требаше. Дека е тоа сосема ирелевантно. Тоа нема никакво значење, нели?

Дождот престана. Молчеа сè додека не излегоа од продавницата со кукли и влегоа во неговите четири ѕида.

Неверојатно!, извика Марија Имотска. Тоа не можев да го очекувам. Не можам да поверувам!…Ни да помислам!…Каква злоупотреба на мојата искреност! На мојата индивидуалност! На мојот идентитет!…Немало ништо човечко во тебе, Јасене Виорски! Те мразам!, рече Марија Имотска и легна гола во железниот кревет.

Сакаше да ѝ рече нешто, но немаше збор. Само помисли:

Доволно те познавам, Марија Имотска. Знам што очекуваш од мене. Знам што ти е целта! Да водам љубов со тебе така неутрална, совршено спокојна и студена. Така да ме поразиш…Да бидеме механички кукли, исто како на сцената…Тоа нема да го доживееш! Не дозволувам! Не прифаќам!

Со палецот ја изгасна свеќата и легна на подот.