Целта е сè уште далеку.

Ти не забележуваш, но ние веќе одамна се познаваме. Мене ми беа доволни само два детаља досега, Марија Имотска, и веќе одамна те познавам.

Не! Сè уште не! Сè уште не доволно, Јасене Виорски. Во спротивно, би требало да завршиме наскоро, му одрече.

Не веруваш?, ја праша. На пример, знам дека ќе бидеме заедно до крајот. Како еден живот! И сигурен сум дека ќе ни биде интересно. Затоа мораме да продолжиме, ѝ одговори со убедлив тон во гласот. Ја гледаше право в очи. Просто ја стрелаше со погледот.

Зошто тогаш ме раскажуваш со толку здив? Толку брзо? По малку непосредно, но не и доволно? Некогаш и нелогично?, продолжи да го прашува Марија Имотска.

Напротив!, ѝ подвикна. Така е многу подобро. Зошто нелогично? Напротив! Во секој настан има и нешто друго. Во секој сон ние или некој дел од нас. Постојано сме заедно!, не можеше да се воздржи Јасен Виорски.

Колку лица?, го прекина.

Не знам, Марија. Веројатно многу. Дозволи сега да ти раскажам за она со лавиринтот, го побара пак нејзиното внимание.

Што ми преостанува друго?, го праша како да се прашува себеси. Јасен Виорски не ја слушна.

Човекот што пукаше во мене е уште од војната. Кон крајот, пред да ни почне слободата. Го познавав и пред неа. Пукаше оти немаше каде. Тоа беше како негов последен миг, очај, борба; тоа беше миг на гола егзистенција. Буквално! Така најлесно можам да објаснам…Човекот мораше да пука! Очекував! Му ја видов сенката! Му беше малку издолжена на улицата, пред прозорецот. И пиштолот в рака. Се откри!

Си можел да се сокриеш навреме, Јасене. Да не те погоди.

Можев, ама немав храброст! Чудно, нели? Не е чудно, Марија Имотска. Чудно е можеби за тебе, но тоа е така. Во такви мигови потребна е и храброст за да се сокриеш…Ме погоди под левото рамо, неколку сантиметри над срцето. Да нишанеше спокојно…

Наеднаш будни! Едновремено, и Јасен Виорски и Марија Имотска. Нова состојба!

Не раскажа каква беше болката? Остана ли при свест?, го праша со одмерен тон како да ѝ е одамна сè познато, како сето ова да ѝ го раскажува повторно.

Не, Марија Имотска. Само додаде дека во тој миг го здогледал лавиринтот со тајната! Којзнае, можеби тоа била смртта! Го вардела долго време, конечно го стасала и му се јавила! Многу подоцна разбрал дека човекот бил убиен на место!?, ѝ одговори и наеднаш замолче.

Откако станаа и се облекоа седнаа на маса да појадуваат. И двајцата рамнодушни еден наспрема друг. Пред да излезат надвор Марија Имотска уште еднаш го погледна Јасена Виорски со продорен поглед.

Зошто и ова ми го раскажа како да е дел од тебе, а не од твојот пријател кого веќе си го заборавил?

Знаеш сама зошто, Марија. Времето ни е едно, нели?, ѝ одговори.

Заедно, држејќи се за раце, зачекорија по улицата. По којзнае кој пат. По малку несвесно, по малку внимателно. Колку да не си го нарушат ритамот. Од навик.