ДЕТАЉ III

Уште еден здив преполн
со неповрзани настани.

Сега би требало некаде да сме само ние. Во некој непознат предел, Марија Имотска.

Не, Јасене Виорски. Напротив! Доволно беше досега. Сега би требало некаде да не сме само ние. Да има многу луѓе околу нас и за сите да измислиме понекој настан.

В ред, прифаќам. Нека биде по твоја волја. Ќе биде најдобро сите да имаат подеднаква улога. Никој главна, никој споредна. Ова затоа што заклучуваме дека далеку стасавме со нашиот ден. Далеку откривајќи го со напор секогаш да остане поделен. Ти беше од мене повеќе сама. Сакаше да бидеш. А јас настојував секогаш да бидам со тебе оти мислев и сè уште мислам дека само таква можам да совладувам некои свои болести. За сето тоа ти, Марија Имотска, велеше дека е празен говор! Чиста конструкција! Од што немаш што да кажеш кога сме заедно. Хипохондрија! Да, токму тоа!

Имам една мисла што веројатно ми паднала на ум читајќи некои од старите ракописи што ги чуваш како драгоцености. Не знам, Јасене Виорски. Мислам дека нуди простор и време да се докаже сега: дека да внимаваш во тебе не е тешко, а е тешко да си во други. Ти во други! И да си свесен за тоа. И уште притоа да останеш истиот!

Влеговме во куќата доцна ноќе. Во едната соба беше влегол лилјак! Кога го запаливме лустерот тој летна кон тебе. Мислам дека беше лилјак. Го избркав низ балконската врата, а ти рече ова не ќе е на добро. Па пак почнавме за почетокот.

Почетокот е секогаш со други, Јасене Виорски, рече таа.

Да ги вклучиме и другите?, ја праша.

Да, може сега ако сакаат, одговори.

Првиот, Сотир Јованов:

Јас мислам дека вие само напразно говорите. Сето тоа нема апсолутно никаква смисла. Без никаква цел! И какви ви се тие соништа и тие настани, ве молам?

Вториот, Иван Најдески:

На пример, мораме да ја совладуваме осамата, а за тоа ни е потребен разговор. И да бараме постојано нешто да се случува, да. Тоа го разбирам. Може. Но, јас досега не видов ништо да се случи! Освен вашите средби со некои луѓе со лузни, облечени во црно, и по нешто друго…Да, и барање сопствено време!…Неверојатно! Можеби како кај Пруст, а? Па и некое делење. Ако и во тоа ја гледате смислата на животот…

Третата, Пандора Петровска:

Не заборавајте на љубовта! Таа е секогаш присутна!…Само, јас сепак би инсистирала на подлабоки емотивни врски.

Ете ти од тие повеќемина што ги бараше, Марија Имотска, реков јас.

Добро е. Веќе си ги прифатија улогите што им ги доделивме. Само уште да им измислиме настани.

Сотир Јованов не сака вакви настани. Но сепак, ако се договориме јас и ти, Марија, ќе мора да ги мие улиците ноќе! На вториот, Иван Најдески, ќе треба да му се случи средба со еден кловн и можеби еквилибрист. Тие ќе се обидуваат малку да му го збогатат животот. А на Пандора Петровска ќе ѝ измислиме неколку мажи на кои ќе мора да им се допадне. Ќе ги изнагледа без тие да го забележат тоа. А на крајот, на крајот од младоста ќе треба да избере еден од нив кај кого ќе инсистира на подлабоки емотивни врски. Само нас да нè остави на мира!

Што ти е целта, Јасене Виорски?, го праша Марија Имотска.

Никогаш повеќе да не влезат во нашиот свет. Никогаш повеќе да не ги спомнеме. Да исчезнат! Не постојат!

Почнуваш да се возбудуваш. Како да мораше ти да го сториш тоа.

Кое, Марија Имотска?

Не се залажувај себеси, Јасене Виорски! Ќе мораш и нив да ги дообјасниш. Сам знаеш дека не се случајни.

В ред. Сè во свое време!

Важно дека искачивме уште еден ден, констатира Јасен Виорски и ѝ се насмевна на Марија Имотска.

Таа го погледна строго.