Нова фаза во рационализацијата
на дејствието.

Ни требаа многу луѓе, а избравме само двајца. Чудно, Јасене Виорски. Изборот го оправдуваш со тоа дека треба да совладаме некои свои болести. Какви болести?! Сè почесто ми го спомнуваш поразот, ја спомнуваш и осамата, ги поврзуваш како причина и последица; и твоето изгубено време.

Првиот го познавам од порано. Сотир Јованов, веруваш дека и ти му го научи карактерот?, е практичен тип. Посесивен, строго рационален, дури одбивен. Во состојба е сè да употреби и да искористи за личен напредок. Вистински кариерист. Јас лично не сакам да го познавам!, го прифати дијалогот Јасен Виорски.

Човек со смисла, би рекла јас.

Не, не е тоа. Едноставно, уверен е дека е способен за она за што се определил. Никој не може да го разувери во тоа. И да знаеш, ќе успее. Ќе видиш утре каква функција ќе фати. Кај него се потврдува она: молчењето секогаш не е мудро, туку може да биде и сметкаџиско.

Добро го познаваш?

Да, го познавам. Бев со него една ноќ, сосема случајно.

И јас бев со него една ноќ, Јасене Виорски. Сосема случајно. Не си спомнуваш?…Не, не му дадов. Зошто? Тој ми беше одвратен таа ноќ! Постојано ме убедуваше, само повторуваше дека во животот секоја секунда треба да се искористи максимално. Животот е борба. Има во него многу порази, но победите се единствено важни…Ти велам, Јасене, јас го научив него како човек од доверба. Во пежоративна смисла, се разбира. А такви се потребни, нели? Внатре, пак, неговиот духовен систем…вистински хаос. Вистински провинцијалец!

Секој сака да успее.

Кај таквите како него тоа е нездраво. Не ги поднесувам.

Да не го познаваш и вториот, Иван Најдески?

Па, нели го измисливме како спротивен тип на првиот!? Да, го познавам. И досега сме среќавале слични на него. Тој може да нè разбира. Или барем се труди. Нè следи, расположен е кон нас, нè прифаќа вакви какви што сме…Порано сум имала таков пријател. Уметничка душа! Заврши чиста филозофија. Немирен дух…Ме сакаше. Му ги следев внимателно размислувањата. Но не стаса далеку. За таквите ова време е опасно, Јасене Виорски. Уништува!

Се согласувам, во право си, Марија Имотска. Опасно време. Борба за егзистенција, за што повисок стандард, паѓање на моралот, длабока криза, губење на секаков критериум за вредностите на животот. Опасно време. Точно.

Не стаса далеку тој мој пријател. Се вработи како професор по марксизам во едно средно насочено…Тој, Иван Најдески, сигурно ќе разбере дека се работи за состојби, за состојба. Моја и твоја и една! Дека и нашиов логичен ред е поинаков од оној на кој сме се навикнале и каков што е сосема в ред да очекуваме во романите без никаков напор.

Третата можам и јас да ја објаснам, Марија Имотска.

Ајде, обиди се.

Пандора Петровска мора да е млада и убава, нели. Потребна ни е за да нè потсетува на нас заедно. Дека те откривам освојувајќи те. И обратно-дека те освојувам за да бидеш една и единствена. Во едно време…Твоето подавање има смисла само кога сакаш да потврдиш некој дел од твоето Јас…Разговараш сама со себе, поделена на две. Едната прашува и бара одговор, а другата сонува!..Марија Имотска, таа, третата, е твој составен дел. Од твојата личност! Доволно самостојна и самосвојна за да не можеш да ја контролираш.

Во сонот сме посигурни, Јасене Виорски, му одговори.

Почувствува како пак почнува да ја истражува, да открива некој нејзин дел.

Точно, Но, сонувајќи ти ги доближуваш своите делови, од твоето едно Јас, и стануваш посигурна во сопствениот интегритет! Дека не ти е загрозен! Пандора Петровска е убава и млада. Невино суштество кое сè уште емотивно го открива светот околу себе. А ти ја побара неа оти сакаш да ги фиксираш своите емоции во мене. Да избувнат наеднаш!…Одиш и дотаму во мене да предизвикаш сожалување. Ми раскажа за судбината на мајка ти, ми го прикажа татко ти премногу конкретно. Како да е премногу секојдневен! Како да нема ништо необично во него. Ми раскажа и дел од твојата младост, пред сè како животно искуство. И трагично во секој поглед! Најпосле твојата иронија на показ: побара на Пандора Петровска да ѝ измислиме неколку мажи за да избере еден. И тоа, таквата помисла како дел од тебе!

Не е точно, Јасене Виорски. Измислуваш!, реагира Марија Имотска.

Точно е, точно! Па она искуство со дрогата…Не ти верувам! Невозможно е да било така. Само да ми е да знам зошто сето тоа.

Во сонот сме посигурни, повтори таа.

Мислиш дека вака си посилна од мене? В ред како состојба, и тоа една. Но настаните те откриваат, Марија Имотска!

Ти не ми веруваш!?

Само она што го доживеавме заедно. Ништо необично досега. Биди реална.

Со тебе не, Јасене Виорски. Со тебе не!, повтори со кренат глас. Засега не оти имаме уште многу да си раскажеме. Уште многу детаљи.

Не за друго, само затоа што си осамена и со мене.

Не е тоа. Се лажеш. Сакам да бидам гола пред тебе. Тоа е сè!…Објасни ми, те молам, каква врска наоѓаш меѓу книгите и старите часовници?

Да, чудно е тоа. И сам не можам да си објаснам. По секоја прочитана страница чувствувам придвижување на сказалките, и тоа сите во исто време! Како освојување на времето!

Но толку многу часовници, зошто ти се?

Сите се од различно време, Марија Имотска. Некои од многу години наназад, а некои од неодамна. Исто и книгиве.

Јас гола меѓу нив?

Да, и тоа не е така едноставно. Не е поради возбуда. Напротив! Спокојството е над сè. И твоето движење низ времето наспроти бавното освојување на просторот.

Чувствувам страв, Јасене Виорски.

Од што, Марија Имотска?!

Веројатно само помислувам дека чувствувам.

Наеднаш потонати во ноќ. На едниот ѕид слика со старец и дете. Заедно во прошетка во парк. Во заднината две сенки и цвеќе. Старецот и детето се држат за раце и имаат весели лица.

Ми е страв. Не знам зошто сега ова. Веројатно замислувам.

Нова состојба!

Којзнае….Страшно! Тројцата во едно лице! Изобличено тело полно со рани и крв!..Сите во еден глас екотен извикуваат: Ти си моја! Ти си моја!…Лицето ми е познато, сум го среќавала порано…Невозможно! Не смее да е тој! Јас не го паметам. Не сакам да знам за него…Неверојатно! Каков татко? Чиј татко!?…Сега и мајка ми! Иста како на единствената фотографија што ми ја сочувале старите. Убава и млада!

Не плаши се, Марија Имотска. Само замислуваш.

Сонувам.