6. Шеста епизода

Амбиент:

Сала за состаноци и привремен стан на Европа на последниот кат од Кулата.

Лица со гласови:

Истите од втората епизода.

Трпе Трајчевски:

Драги слушателки и слушатели, читатели и читателки, во оваа епизода од научно-политичкава сатиралија, авторот Д-р Крале Марковски ќе најави нови тези, аргументи и факти, во чии рамки ќе се одвиваат или приведат како илустрација одредени конкретни дејствија и дејанија. Повелете, Докторе Крале Марковски.

Д-р Крале Марковски:

Благодарам.

Најнапред, како продолжение на претходната епизода, ќе продолжиме во домашниот или станарскиот амбиент на Европа, конкретно во кујната. Инаку, станот на Европа е од привремен карактер, сè додека трае процесот на исполнување на условите за влез на Македон во Европа и однапред и одзади.  Има спална и дневна соба, кујна и бања, а особено е важна големата тераса од која може со еден поглед да се офпатат речиси сите неинтегрирани локални самоуправи во регионот.

За почетокот на оваа епизода од Македон и Европа ја запишав односно препишав размената на мислења и ставови остварена во кујната, а се однесува на сунѓерот како важно и ефикасно средство за миење и перење. Буквално речено, за демократската критика односно почитувањето на различни мислења и ставови. (Се двоумев до овој момент дали да ви ја презентирам оти многу ми личи на еден дрдорлив текст на иста тема, со ист наслов, на од мене многу почитуван сатиричар. Се едноумив откако се уверив дека тој во многу делови е всушност антиципативен.)

Епизодава што следува е мошне интересна од повеќе други причини. Иако е далеку од клучна, бидејќи не сме дошле ни до средината на серијава.

Ќе ја чуете Европа што мисли за љубовта и верноста во глобални и локални односно брачни рамки, а што се смета за еден од клучните крритериуми за сечие евро-атлантско интегрирање, па и на Кулата вавилонско-протомакедонска.

(Еден гонг)

Трпе Трајчевски: Како што чувте, почитувани наши, и во оваа епизода од научно-политичката сатиралија на Д-р Марковски ќе чуете многу интересни нешта што директно или индиректно се однесуваат на евро-атлантскиот интегративен процес на Кулата и нејзините сожители.

Најнапред, уште малку со микрофонот ќе бидеме во привремениот стан на Европа, поконкретно во нејзината кујна.

(Тонско-визуелен џингл- LATENTIA HRONICUSОДНАПРЕД И ОДЗАДИ)

Македон:

Европо, мислам дека е малку несоодветен амбиентов за да расчистуваме во врска со демократската критика. Кујна…

Европа:

Не, Македон, напротив. Да, не е европски, се знае зошто служи кујната, ама е симболички. Особено ако се има предвид присуството на сунѓерот во неа. Без кој, нели, не е можно чистење на елементи кои претходно биле искористени и извалкани; како што се чинии, тенџериња, ножеви, вилушки… Што можеш да кажеш за вашиов сунѓер, од ваше производство? Се разликува ли тој од нашите?

Македон:

Па, не знам…Можеби…Всушност, мислам дека е сосема ист како вашиот. Можеби е еден од вашите затоа што кај нас може да се најдат само увозни, макар биле и вештачки. Сунѓерот е, нели, морски…

Европа:

Сакаш да речеш дека сте го презеле од нас?

Македон:

Па, така му доаѓа некако. Ако ја имаме предвид неговата функционалност, успешност, да собира сè и сешто сè дури не го стиснеш, не го исцедиш…

Европа:

Затоа сакам врз него да го ставам акцентот во извештајот, Македоне мој. Од моја, европска гледна точка, за влегување во мене и однапред и одзади, мислам во моите редови е дури круцијален, што значи примордијален.  Без сунѓер едноставно не може да функционира ниту соживотот, ниту мултиетничноста, ниту мултикултурноста, а за квалитетот на животот да не правиме муабет.

Македон:

Не ти е лоша идејата. Како?

Европа:

Вака:

Сунѓерот во кујната, според моите проценки, претставува мошне важно позиционерско-опозиционерско средство кое ќе го забрза европското интегрирање на Кулата, па и на регионот во целина. Со оглед дека во секоја кујна сунѓерот го има во различни големини и бидејќи масовно се користи за чистење, преостанува да се види колку треба да се стиска, сè што собрал да се истисне, и потоа колку треба да се мие за пак да се врати во првобитната, чиста состојба.

Македон:

Јасно ми е, мислиш на стискање во лустративна смисла. Само, не сум баш сигурен дека  тоа што го велиш за него ќе биде добра препорака за нас. Сè ми се чини дека почетокот на преговорите за интегрирање ќе биде пролонгиран. Колку што ги научив Европјаните преку тебе, Европо, тие  одвај чекаат такво нешто, како сунѓер, за што ќе им треба време за стискање…

Европа:

За да се дообјаснам, ај да ти претставам еден неевропски сунѓер.

Како што му е секому добро познато, квалитетниот сунѓер е природен, морски, а може да биде и вештачки како природен, но секако со послаб квалитет. Домаќините и домаќинките повеќе го сакаат природниот оти им е помек, попријатен за употреба, а и полесно го цедат при употреба и потоа.

(Два гонга)

Сунѓерот го употребуваме кога се бањаме еднаш или два-три пати неделно, еднаш, два- трипати месечно, сè во зависност од стандардот и квалитетот на животот во одделни држави и региони во светот. Поретко кога се бањаме или тушираме секој ден. Затоа што, кога го триеме телото со него, тој дава несомнен придонес во негувањето на здравото тело како предуслов за здрав дух. Не заборавај дека со триењето сунѓерот не само што го ослободува нашето тело од нечистотии, туку и припомага во циркулацијата на крвта, ги масира мускулите; и да се чувствуваме свежи, расположени, како подмладени. Тој, сунѓерот, може да се употреби и за многу други нешта. На пример, за миење садови. Но овој, сунѓерот во мојава приказна, не е ни за бањање ни за миење садови. Штетен е за употреба, а уште поштетен за злоупотреба.

Значи, си бил еден сунѓер. Во приказнава воопшто не е важно дека тој сунѓер бил, на пример, меѓу другото и политичар. А можеби е важно. Не знам, ќе се види, ќе видам, ќе заклучам, ќе заклучиме заедно на крајот. Во секој случај, тоа била негова додатна, слободна активност. Оти главната, мислел самиот сунѓер, му била заштита на државните интереси одвреме-навреме. Сепак, најглавната активност му била да биде сунѓер. Па како таков, нормално, си имал стопан, газда. Како секој сунѓер на овој свет. Ниту тој, стопанот, газдата можел без него, ниту, пак, сунѓерот без него.

Тој сунѓер бил висок, тенок, имал доста правилен и долг нос. Го употребувал корисно. Убаво дишел со него, низ него, спокојно што се вели. Душкал, мирисал и намирисувал со него сè и сешто. Имал и долга коса и брада, а под носот ретки тенки мустаци. Бил мошне сериозен, ништо не можело да го насмее. Ако сепак му се случело тоа, да се насмее или да го насмеат, на пример кога некому ќе му текнело да му покаже со прст угоре, се насмевнувал кисело односно иронично.

Многу не зборувал многу. Зборувал само кога требало, колку што требало, кога ќе бил прашан и кога биле во прашање некои други. Всушност, тие некои биле едни за, други против, а најчесто му се случувало да треба да зборува прашан за трети кои неретко биле и за и против. Многу повеќе молчел и слушал, поточно речено прислушкувал туѓи разговори. Не за друго, туку само за лично информирање. За да знае што да му каже на својот стопан, газда, поточно единствено во интерес на заштитата на државните интереси.

Тој сунѓер собирал во себе, впивал во себе сè и сешто. И кој што рекол и кој што не рекол, и зошто рекол и зошто не рекол, и како рекол и како не рекол. А стопанот како секој стопан, многу барал од него. Барал не само да го слуша, да му биде послушен, туку и да прави како што ќе речел тој. Без предговор, приговор и поговор. Често, дури премногу често ќе го земел в раце, ќе го стискал, ќе го цедел, сè дури докрај не ќе го исцедел. Сосе душа, сосе тело. А на сунѓерот му било мило оти се чувствувал корисен, употребен. Па така, стиснат-престиснат, сиромавиот во духовно-нематеријална смисла, ќе почнел:

„Вака и вака: тој и тој мисли вака и вака; тој и тој рече за тебе или против тебе ова и ова и вака и вака; тој и тој не ти мисли добро, не ти мисли лошо; тој и тој добил стан оти го заслужил или не, оти верувале во него луѓето, па му дале; тој и тој го приватизирал претпријатието, а не е од нашите; таа и таа била со оној и оној, а му легнала на овој и овој; оваа и оваа не ја бидува за она и она, ама се покажала многу способна и искусна за тоа и тоа или ако некој и некој бил опозиционен политичар, на пример, значи не секој и секој, па некои од позиционите му дале стан за да има домашна адреса.

И така, сè по ред, секакви одред и наред. А најчесто: тој и тој не е на твоја, на наша страна, ами на спротивната; тој и тој е против нас и не ни мисли добро; тој и тој вака или онака мислел за она што го кажавме јавно она, а го направивме тајно ова, ти јас и ние.

Дури, некогаш се осмелувал и да даде свое мислење како совет, препорака:

„Ние мораме да ја убедиме јавноста и другата средина и околина, особено туѓата, за ова и ова, она и она, тоа и тоа“.

И уште нешто, многу важно. Тој и тој, мислам на сунѓерот, убаво си живеел. Пристојно, стандардно, може да се рече луксузно, па и раскошно. Му нашле големо куќиче помеѓу големците, за секогаш да им биде при рака. Му го купиле без пари, за да го чувствува како негово лично, приватно. Да не заборавам нешто многу, нешто ептен важно за претставувањето на неговиот статус кво: за јадење и пиење со години на ред ништо живо не трошел. Сакам да речам, сè јадел и сè пиел на туѓа сметка, па стопанот, газдата немал потреба да го плаќа како сунѓер. И вака и онака бил од платен, преплатен, наплатен, доплатен.

Си бил тој сунѓер и си останал како таков. Собирал сè и сешто, а кога освен на неговиот и на други органи ќе им се најдел в раце па ќе го стиснеле, кога ќе почнеле да го цедат, од него можело да се исцеди сè и сешто. За среќа или несреќа на неговиот стопан: тој сунѓер не ни посакувал да биде нешто друго, освен само сунѓер…

А, да, за малку ќе заборавев: сунѓерот за кој ти прикажувам сосема случајно бил лидер на една политичка партија. Не знам, може да е важно тоа, а може и да не е.

Да не ти текне ни случајно да ме прашаш: кој ти е тој сунѓер? Доволно ти кажав. Може да се препознае, па да доживеам непријатни последици при миење и триење на садови за приготвување и готвење. Кажав што кажав за него, а ако сметаш дека може да ти користи, со оглед на состојбите и околностите, потруди се да го најдеш. Не ќе ти треба многу трудење. Колку што можев досега да забележам, во вашава средина и околина, за жал, ги има многу вакви и слични на него. Притоа води сметка да го бараш на вистинската лична и безлична адреса.

(ѕвон на  воловско ѕвоно-трае 45 секунди)

Трпе Трајчевски:

Почитувани, по мала пауза, доволна Европа да се спушти во визбената сала за состаноци, ќе го проследите искажувањето на Европа пред советниците на Кулата на една многу важна тема. Можеби е поточно да се каже проблем за поинтензивна интеграција.

(Инструментална музика-до 1 минута, светлата во салата запалени, публиката во молк, само одвреме- навреме се слуша придушено поткашлување или длабок воздив.)

(Тонско-визуелен џингл- LATENTIA HRONICUSОДНАПРЕД И ОДЗАДИ)

Европа:

Дами и господа, бидејќи во оваа клучна, предзавршна фаза на вашето евро-атлантско интегрирање најчесто ме прашувате за тоа што и како мислам за љубовта и верноста во глобални и локални односно брачни рамки, а тоа ви е поставено како еден од клучните критериуми за интегрирањето, јас искрено и од сесрце, со сето знаење и конкретно искуство што го имам, ќе ви се изложам сега, а нешто од тоа нека ви биде како, општонародски речено, ука и поука за лична и колективна акција. Затоа, молам да бидам ислушана внимателно.

(Краток аплауз)

Според моето знаење и конкретно искуство, дами и господа, љубовта и верноста, во контекст на модерниот европски живот и начин на работа и дејствување, играат мошне важна улога. А може да се подвлече и нагласи дека без нив нема никакви, ниту глобални,  ниту локални односно брачни односи и интеграции.Затоа сите што се во мене или се дел од мене, и однапред и одзади, прво го научуваат тоа, па го практицираат додека не им прејде во навика. Потоа даваат несомнен придонес во развојот на хармонизираните меѓудржавни односи и релации. Треба да знаете дека помеѓу љубовта и верноста, без оглед на нивната нераскинлива врска, постои суштинска разлика.

Љубовта е пред сè и над сè чувство, исто како кога ти иде да плачеш и да се смееш, одделно или заедно сеедно, а не знаеш ни зошто ни како. Сакам да речам, таа не може да се контролира. И колку е подлабока, толку е понеподнослива ако не е возвратена. Затоа сите што се интегрирани во мене водат многу голема сметка за тоа-навреме и во секое време да ја имаат измерено длабочината на љубовта и да ја возвратат за да не им стане неподнослива.

Што се однесува на верноста, таа е малку попроблематична во глобални, а помаргинална во локални односно брачни рамки. Имено, верноста во глобала, знаете, зависи од констелациите и моментните состојби на меѓународен план. Ако се тие стабилни и верноста е поголема, а ако се лабилни верноста е помала. Затоа се работи напорно и интензивно тие да се стабилизираат. Во тој контекст, многу е важно да се знае дека верноста не е истата што била во 19. или 20. век, на пример. Тогаш таа значела да не лажете, да не крадете, да не се криете, да не се преправате, да не лицемерите и лицеброите. Особено кога се работи и дејствува односно се учествува во интегративни процеси однапред и одзади. Се разбираме, нели?

(Гласови: Да,да, како не, така е, браво Европо…)

Европа (продолжува):

Благодарам, благодарам.

А сега, она што е, според мене лично поважно од сè: љубовта и верноста во локални односно брачни рамки. Може некој од вас да помисли дека тие рамки не се битни во меѓудржавните односи, ама јас ќе потсетам на еколошката порака која се однесува и на секој друг сегмент од нашето заедништво и сожителство: мислете глобално, а дејствувајте локално. Тоа значи дека треба да мислите на љубовта и верноста во глобални, а да ги конкретизирате и практицирате во локални, брачни рамки.

Како се прави тоа? Од лично долгогодишно искуство можам да ви кажам дека и е, и не е многу едноставно. Е, ако локалните односно брачните рамки се, како би рекла, строго диференцирани, не се мешаат со други; а не е ако, напротив, мешањето траело со години, децении, па од тоа се изродиле недефинирани единки кои прават повеќе немнозински заедници; ситуацијата по време ја проблематизира најмнозинската од нив, и ете ви голем проблем кој тешко некој да може да ви го реши. Ова е мошне важно за Кулава оти гледам, токму тоа се случувало и се случува, па може треба уште сега да се мисли на влегување во интеграцијата како конфедерација.

Црвенко Државнички (ѝ влегува во зборот и ја прекинува):

Ти благодарам, Европо, на ова мошне темелно реферирање. А ова, последново задржи си го за себе како мислење. Нмој да ни го нудиш како алтернативно решение. Остави ние да си решиме како и што. Како ваква или онаква Кула, биди сигурна, ќе ти влеземе и однапред и одзади… Има некој нешто да додаде или одземе?

Александро Филипов Македонски:

Јас, Господине претседавач. Да додадам едно мое промислување со примеросување за бракот како таков. Ако може.

Црвенко Државнички:

Зошто да не може, сожителу Александро Филипов Македонски. Само повели.

Александро Филипов Македонски:

За бракот како брачен сообраќај.

(Три гонга)

Животот е голем сообраќај. Си има свои патишта и крстопати. Ќе станеш рано наутро, ќе тргнеш на работа со автомобил или со автобус, ретко пеш, и веќе си го пикнал својот живот во живиот сообраќај. А тој густ, не можеш ни да здивнеш, не можеш на другиот тротоар да минеш. Кој тврди дека стандардот ни е мал, неразвиен, дека ни заостанува зад светскиот? Ако судиме според сообраќајот, ќе просудиме, можеби малку претерувајќи, дека светскиот одамна сме го надминале; или во најмала рака сме тука некаде. Патиштата ни се модерни, модернизирани, асфалтирани, искитени со знаци за опасност и забрана, поделени со дебели и испрекинати бели и жолти линии.

А како доаѓаат по ред, така по ред и ти запираш пред крстопатите. Неретко си се прашуваш: на која страна сега? Каде? Што ако фатиш погрешен правец? Со такви и слични дилеми стоиш на крстопатите и чекаш на која страна ќе ти се пушти зеленото светло на семафорите. Тоа ти е некаква гаранција дека барем е помала опасноста по твојот живот. Дека, благодарение на нив, така всушност за тебе нема речиси никаква опасност.

Мојот познајник со иницијали С.С. е мошне скромен во животот. Не бара многу од него, а во разни подобни часови може да биде и премногу искрен. Тој во животот немал којзнае колку судири. Само неколку. Се разбира, нејопасен беше оној со неа, со неговата Б.К..

Му се случи на еден крстопат. Реков, имал и два-три помалку опасни, па прво да минам на нив:

Првиот судар го имаше со некоја Ѕвездана.. С.С. вели дека била убава како ѕвезда вечерница, макар што тој сè уште нема многу јасна представа како изгледа. Е, таа Ѕвездана била многу снаодлива во сообраќајот. Правела вистински слаломи и велеслаломи во животот. Го довела С.С. мој пред многу сложен крстопат. Одвај успевал да ја следи извесно време, а потоа кренал раце. Не може тоа така, вели тој. Сообраќајот не може да се развива несериозно.

Па се нашло некое Сонце. И ден денес С.С. не знае како се викала точно, но добро се сеќава дека тој од милина си ја викал Сонце, и ѝ пеел: „О, сонце мое…“. И таа била убава како Ѕвездана. Лице како горено на сонце, жешко од личотија. Усни полни со мед. Нос правилен и добро вклопен во општата симетрија. Очи зелени како трева. А тело, а снага… авион! Ракета! Прва категорија! Градба пар екселанс! Совршенство! Ако се идеални бројките 90-60-90, ако се точни, и нејзиното тело било точно. Идеално! Нејзиното тело и нејзината снага се движеле во тие рамки. Но, ништо од сето тоа не му помогнало на С.С. мој. И таа не се покажала како многу вешт возач на животот. Тој ја толерирал, ѝ дозволувал да се обиде неколку пати, а кога видел дека нејзините сообраќајни патишта и крстопати се апсолутно парлелни со неговите, со тешко срце продолжил да вози сам.

Се нашла и некоја Ружа. Како ружа била, пустата! Била добра, душа од женско суштество. С.С. бил убеден дека таа е таа што ја замислувал и што ја барал. Бил убеден дека со неа може да стартува и на подолго авто-рели, таа да му биде и возачот ако треба. Ама кога сè било подготвено за старт, се расипала работата. С.С. и ден-денес жали за неа…

Им се случило на крстопат. Ах, тој крстопат! Додека чекале да им се отвори зеленото светло на семафорот, таа почнала да плаче; солзи да рони дека е осамена, а годините си минат, може да остане немажена мома. С.С. добро го догледал нејзиниот филм и не му се допаднал. Нејзините години минат, ронела солзи таа некоја си Ружа, а на С.С. ни на крајот од умот не му паѓало дека години треба да брои со неа. Со Ружа не му се видела на арно работата, излегол од автомобилот и ја оставил сама на крстопатот на животот.

Со Мими, С.С. имаше најголем и најопасен судар. Пак на крстопат! Одвај извлече жива глава. Таа си беше и си остана своја личност, го фати под рака и не помислуваше да го испушти. Беше упорна кај него, успеа да се вовлече во неговите сообраќајни патишта и крстопати…И сега е тој што е упорен кај неа. Сега ситуацијата е обратна. Сега тој се обидува да се вовлече во нејзините патишта и крстопати…

А беше опасен судар. Мими го погледна, го одмери со строг поглед. На С.С. му се пресекоа нозете и немаше многу дискусија. Го дочекаа заедно зеленото светло на семафорот и си продолжија заедно среќни и вљубени. Сè уште продолжуваат, а крстопатите им стануваат сè потешки, сè посложени. И им прават сè поголеми проблеми. Сепак, засега ги минуваат прилично самоволно. Често, ама и ретко волјата им е заедничка, па едниот од нив мора да попушта, другиот да ги употребува сопирачките. Со други зборови, едниот секогаш мора да биде добрата душичка. Добрата душичка е почесто С.С.

А сообраќајот е навистина многу густ, високо развиен. Патиштата се исто така широко развиени, модерни, модернизирани.

(Аплауз и удар на гонг)

Трпе Трајчевски:

Почитувани, следува уште една мала пауза, доволна за со нашите врски да ве префрлиме во европската престолнина каде што се одржува еден самит на кој се очекува со свој реферат да настапи и Македон.

(Тонско-визуелен џингл- LATENTIA HRONICUSОДНАПРЕД И ОДЗАДИ)