19. Деветнаесетта епизода

Амбиент:

Визбена сала за состаноци на Советот на кулата;

Лица со гласови:

Трпе Трајчевски, Д-р Крале Марковски, Црвенко Државнички, Европа, Александро Филипов Македонски

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

Трпе Трајчевски:

На почетоков можам да најавам дека она што следува на овој нов состанок на Советов на кулата е всушност продолжение на расправата која продолжи по завршувањето на минатиот.

Имено, членовите, но и грото од возрасните сожители на Кулата како да ги обзеде некое посебно, специфично расположение. Не оти лицата им станаа поведри, понасмеани, поневини што би се рекло. Напротив, дури мислам дека тие од ден на ден стануваат сè понамуртени, позагрижени, па и потажни. Тоа пред сè и над сè се изразуваше во нивната меѓусебна комуникација.

Имено, во изминатиот период, од последниот состанок до денешниов кој штотуку не започнал, по катовите во Кулата можеше човек да се изнаслуша разноразни приказни, бајки, басни, исповеди и што сè друго не, чуени и потчуени, слушнати и недослушнати, разбрани и недоразбрани, лични и од сожителски познајници, роднини и пријатели, од блиските и далечните локални самоуправи. Речиси сум сигурен дека тоа ќе се случува уште извесно време, што значи и денеска. Веќе се најавени неколкумина за настап со приказни и други прозни жанри за свои и туѓи искуства, случувања, судбоносни и несудбоносни моменти.

Не знам што мисли авторот на сатиралијава, ама јас мислам дека тој токму тоа и го очекувал со оглед на насочувањето на развојот на главната тема од негова страна, односно нејзината детална научна елаборација на популарен начин.

Д-р Крале Марковски:

Точно си забележал, Господине најавувач. А точен ти е и заклучокот дека таквото расположение односно таквата појава меѓу членовите на мнозинската и немнозинските заеднци со акцент на најмнозинската од нив јас ја очекував. Се разбира, имајќи ги предвид моите научни знаења и долгогодишното научно-истражувачко искуство.

Да, воопшто не ме изненадува тоа што и на денешниов состанок ќе продолжи раскажувањето, прикажувањто, цитирањето од страна на членовите на Советот. Задача на претседавачот Црвенко Државнички, пак, ќе биде да ги концетрира на главната тема, премногу да не скршнуваат лево или десно од неа.

Трпе Трајчевски:

Главната тема на денешниот состанок на Советов на Кулава вавилонско-протомакедонска, почитувани наши, е културно-информативното однесување и поднесување во меѓуетничките и меѓународните релаксирани односи, како и извесноста и неизвесноста во тој контекст.

(Еден гонг)

Црвенко Државнички:

Другарки и другари, Дами и Господа, членови на Советов на нашава Кула. Овој состанок го започнувам со точно утврден дневен ред, по точки, со однапред пријавени за дискусија или раскажување, прикажување, опишување, во зависност од тоа кој како решил да ги изрази своите ставови и мислења, да ги изнесе своите аргументи и факти.

Тоа што веќе имам список на однапред пријавени не значи ништо оти, како и секогаш, јас како претседавач ќе бидам доволно толерантен и парламентарен во даден момент да му дадам збор на секој што ќе побара.

Значи, немам намера да интервенирам во должината на вашите настапи, ама сепак ќе ви порачам и препорачам да не претерувате во тоа. Секогаш имајте го на ум она што му го напишал еден голем писател на својот неголем пријател: „Извини што немам време да ти пишувам кратко, па затоа ти пишувам долго“. Мене не ќе морате да ми се извинувате ако зборувате долго зашто однапред знам дека имате доволно време за да зборувате кратко, ама не ви е доволно драгоцено. Сепак, во интерес на сите нас, бидете што е можно пократки.

(Два гонга)

Црвенко Државнички (продолжува):

Во денешниов дневен ред ги имаме следниве точки:

Прво, за тоа како може статистички да се направи човек ипол. Со свое стручно и компетентно мислење ќе настапи нашиот еминентен доктор Крале Марковски;

Второ, за топлата насмевка како таква, во контекст на културно-забавните и кариеристичките односи во заедницата. За тоа ќе каже нешто нашата привремена сожителка, Госпоѓата на Господинот Македон, Европа;

Под трето ја ставив за расправа и расправија економската стабилизација, поточно транзициско-првобитно-капиталистичкиот бизнисменски процес. За тоа нашиот Македон ќе ни раскаже модернизирана басна;

Четвртата точка ми е за медиумскиот третман на актуелните ситуации помеѓу нас и во опкружувањето, со акцент на новинарската објективна независност. За ова го поканив да ни гостува нашиот надалеку познат новинар, единствениот незазвисно-објективен во регионов, Трпе Трајчевски;

И последната точка ми е потенцирање на главната тема, во која според природата на нештата се сублимирани сите претходни: културно-информативното однесување и поднесување, со посебен третман на извесноста и неизвесноста како такви.

Како што чувте, имаме мошне богат дневен ред кој не го ставам на гласање бидејќи знам дека сите сте за, како што сите, без исклучок сте за наше евро-атлантско интегрирање поради што не треба да спроведуваме референдум.

Да повторам, ако во меѓувреме се јави некој за настап со друга тема, нема проблем да биде прифатен. Само со една замолница од моја страна: тој со неа сепак да биде во рамките на главната тема на состаноков.

Почнуваме со првата точка. Како што најавив, за неа стручно и компетентно мислење ќе ни даде нашиот доктор. Повелете, Д-р Крале Марковски.

(Музички ефект)

Д-р Крале Марковски:

Благодарам, претседавачу Црвенко Државнички.

Почитувани, јас најнапред сакам да се констатирам дека лично, пред сè од стручен-експертски аспект им верувам на статистичките просеци. Тие се реален показател на нашиот просек. На пример, ги докажуваат нашиот просечен труд, нашата просечна плата, нашиот просечен стандард, просечните животни потреби и желби, просечното културно ниво, како и сè друго што просечно може да ни се докаже.

Од друга страна, тие-просеците имаат и поттикнувачка улога. Во која смисла? Во следнава: ако ни е некој просек мал, а треба да биде голем, се знае дека треба да вложиме сили, сите да се ангажираме тој да се зголеми. Се разбира, за помал просек никој не е, ниту треба да биде заинтересиран, освен во исклучителни ситуации. На пример, кој може барем да помисли дека просечната плата треба да ни биде помала отколку што ни е?

Јас бесприговорно се согласувам со оние мои колеги од струката дека имало, има и секогаш ќе има секакви меѓу нас. Дури и такви што можат да се сокријат во просекот. Меѓутоа, нивното криење не може да трае долго. Просекот ги стасува, порано или подоцна, кога-тогаш. А понекогаш има и полза од таквите сокриени. Имено, тие го движат просекот напред, го забрзуваат неговото растење. Со други зборови, од една страна го расипуваат, ама од друга го поправаат. Тоа ви е чиста дијалектика.

Како, на пример, еден мој пријател по име Трајче Гологазовски може да стане човек ипол? Интересно прашање, нели?…Што? Првпат слушате дека може? Хм, чудно. Јас мислев дека сте чуле досега, ама нејсе. Само ќе ви кажам, во рамките на воведот, дека статистички може сè, дури од некој или од нешто да се направи она што е, плус половина. За тоа, знаете, постојат многу методологии и формули за теренско истражување и пресметување.

Но, да се вратам на прашањето за Гологазовски како човек ипол: како тој тоа може да стане? Најнапред треба да ви покажам како се станува просечен човек, па потоа да минам на мојот пријател како човек ипол.

Статистички, просечниот човек се пресметува кога ќе се соберат неколкумина луѓе со различни карактери; подобри и полоши, поквалитетни и понеквалитетни, поумни и понеумни, покултурни и понекултурни, поменталитетни и понементалитетни; и потоа ќе се поделат со нивниот вкупен број. Се разбира, претходно треба да се бодираат сите горенаведени и ненаведени карактерни карактеристики, со однапред утврдени бодови според значењето и потенцирањето на едни или други карактери.

Да претпоставиме едан група од десетмина такви. Секој од нив може да биде просечен човек. Меѓутоа, различно им е нивото. Некој е повеќе, а некој помалку човек. На секој од сите тие десетмина ќе му ги бодираме и пресметаме главните елементи на неговиот живот, со предност на елементите на живуркањето. Потоа бодовите ќе ги собереме и ќе ги поделиме со десет. Тој што ќе го добиеме ќе биде статистички просечен човек. Потоа ќе видиме што кај него треба да се поправа, што да се доправа, што да му се додаде, а што да му се одземе. Сè во името на неговиот напредок кон човек ипол.

Конкретно: како да го добиеме се разбира статистички Трајчета Гологазовски како човек ипол?

Да претпоставиме дека имаме тринаесетмина на располагање, и тоа од разни структури и со различна квалификација: еден е висококултурен, друг средно, трет недоволно; четвртиот е високобразовен, петтиот средно, а шестиот недоволно; седмиот многу способен, осмиот средноспособен, деветтиот недоволно; десеттиот е работник, единаесеттиот административец, дванаесеттиот бизнисмен, а тринаесеттиот невработен. Што ќе биде просечниот човек ипол именуван како Трајче Гологазовски?

Ако овие квалитети, неквалитети, добри и лоши страни на собраните луѓе ги претвориме во статистички показатели, односно ако ги оцениме со различни оценки, на пример: првото ниво со 3, второто со еден ипол, а третото со нула запирка пет, добиваме вкупна бројка 23. Поправете ме ако згрешив во собирањето, ама знајте дека збирот не игра којзнае каква улога. 23 поделено со 13 е 1,7, значи малку повеќе од еден ипол. Јас ќе заокружам на еден ипол, со оглед дека статистичките показатели најчесто ни се нудат како такви-заокружени. Значи, го добивме човекот ипол Гологазовски.

Анализите говорат дека тој и таквиот Трајче, како статистички човек ипол, ги има следниве квалитети и квантитети: најчесто е административец, бизнисмен, но може да биде и работник, па и вработен неработник или невработен работник. Средно е културен, средно образован, средно способен. Ако посебно на невработениот му дадеме исто така просечна оценка, како што е вообичаено кај нас, тогаш и тој ќе биде просечен. Тоа значи дека и Гологазовски како човек ипол може во некои ситуации да се третира како невработен.

Доколку случајно и вие сте опфатени во анализираната група, овој статистички Трајче Гологазовски како човек ипол земете го за пример и за углед. Ако не сакате да бидете човек ипол, бидете барем само човек. Бидете сигурни дека е тоа, сепак, полесно да се постигне. Дури и надвор од статистиката.

Благодарам.

(Бурен аплауз)

Црвенко Државнички:

Благодарам и јас. Бидејќи според бурниот аплауз можам да заклучам дека нема никој што би се надоврзал на Доктор Марковски…има? А, да, Ве забележав Господине Александро Филипов Македонски. Повелете.

Александро Филипов Македонски:

Благодарам. Следејќи ја внимателно стручната елаборација на нашиот доктор по сатиралии, јас, Господине претседавач, се сетив на еден конкретен пример од блиското минато. Па мислам дека не ќе е лошо да им го раскажам на собраниве.

Црвенко Државнички:

Само повелете.

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

Александро Филипов Македонски:

Нека ми биде простено, но морам најпрвин да речам дека има многу добри луѓе околу мене. Всушност, сите се добри на свој начин и со свој стил. Може некој да биде лош, непристоен на пример, злобен, тврдоглав, но и тој некој, кога сака, би можел да се наполни со добрина.

Јасно, секој може да биде и добар и лош и грд, а некој само добар. Е, тој некој секогаш ти враќа со добрина. Едноставно, благо ќе ти се насмее и тоа ќе те порази, ќе те разоружа. Таквите добри и благи луѓе да ти е жал да ги повредиш, да ги навредиш или, не дај Боже, да ги раниш. Не оти нема да ти вратат, напротив. Можат дури и да ти заблагодарат и да те поканат дома, да им дојдеш на гости.

Во една животна и работна средина имаше еден таков добар човек. До гуша полн со добрина. Се викаше Добре. Сега не можам да си спомнам кога покажал некоја лоша навика, освен ако така може да се дефинира неговото често одење кај претпоставените на консултација. Но и тогаш, кога излегуваше од нивните канцеларии, не ја криеше својата блага насмевка.

Сите си го сакаа тој добар човек Добре. И сите го почитува. А и тој ги сакаше сите и ги почитуваше. Добро, се случуваше некогаш случајно да го навредат човекот, ама тој не го покажуваше тоа, успеваше некако да си го сокрие во душата. После нив јанѕа ги јадеше, им беше жал, им беше страв да не почнале да се расипуваат, да стануваат лоши души и неподобни за животната и работната средина.

Немаше речиси ништо карактеристично во личниот опис на тој Добре. Телото во нормална големина, лицето природно, носот правилен, очи со чист, бистар, изострен поглед. Некогаш изгледаше помлад, некогаш постар, некогаш грижи му го набираа челото, но многу почесто беше, како што веќе истакнав, во добро расположение. Знаеше да биде и романтичен и практичен, и логичен и медитативен. Ви велам, според ништо изделен, со ништо карактеристичен.

Ова што сега ќе ви го раскажам никако не значи дека тој Добре беше таков. Сакам само да послужи како пример кога секој од нас може да биде поинаков.

Никој не забележа дека благодарение на својата добрина Добре почна да расте. Сè повисоко и повисоко. И физички и психички. Дури, со својата големина почна чудно да дејствува врз другите. Полека и тие стануваа сè повеќе добри спрема него. Тој си растеше и растеше.

Еден ден влезе Добре во канцеларијата на директорот, а кога излезе заедно со него просто ги изненади сите. Благата насмевка како некој да му ја избришал од усните! Изгледаше строг, намуртен. Никогаш дотогаш не беше виден таков. Ги одмеруваше сите со строг поглед, како да фрлаше искри, молњи, громови врз нив.

Се стаписаа. Нивната животна и работна средина наеднаш им стана претесна. Го гледаа и не веруваа.

Што се случило? Каде е Добревата добрина? Каде е добриот човек Добре? Тој, пак, не го симнуваше погледот. Строгиот, намуртен поглед насочен кон нив.

Им се обрати диркеторот:

„Колеги и работни луѓе! Од денеска овој ваш колега и вреден работник, добар и чесен, искрен и достоинствен, овој ваш Добре ќе ви биде нов директор. Јас заминувам на нова должност“.

И немаше место за дискусија. Како да се приговори на прецизна одлука, јасно дефинирана? Како да се реагира на дефинитивно решение?

Ги ставија пред свршен чин и стариот и новиот директор, па тие, како што си е обичајот, му пријдоа да му честитаат на новата должност, на неговата повисока скала во животот. Се разбира, со наместена радост на лицата.

Ама тој пак ги пресече, овојпат со зборови. Ни трага од добрината и благата нсмевка:

„Колеги и работни луѓе! Немаме време за честитање и честење. Нè чека голема работа. Прво мораме да ја поправиме работната дисциплина, мораме да ја кренеме на повисоко ниво. Тоа ќе биде првиот чекор во надминувањето на сегашната незавидна состојба на ншата работна организација. Ќе мораме да преземеме драстични мерки против неработењето“.

Го слушаа, го слушаа, а не им веруваа ниту на сопствените уши, ниту на сопствените очи. Па овој човек, Добре, беше добар, имаше добар стил, до вчера благо им се насмевнуваше! Никогаш да се налути, да подвикне, да навреди некого. Можеше да го навредиш намерно, а тој како да не го забележуваше тоа, како да не дочул. А сега?

Што му стана на човекот? Добро, успеал да се искачи на повисока скала од животот, и тоа треба да им биде драго. Нивен колега е, нели. Но каде му се загуби добрината?

„Е, не може така, Господине Добре“, помислија и си рекоа во себе. „И тебе ќе те смениме!“

(Аплауз)

Црвенко Државнички:

Интересно, нема што. Докторот, гледам, го одобрува и поздравува вашиот расказ како илустрација на неговата научна елаборација.

Преминуваме на втората точка од дневниот ред: топлата насмевка како таква. Ја поканувам Госпоѓа Европа да земе збор. Повелете.

Европа :

Благодарам.

Ќе ви прочитам што сум напишала во една музичка пауза, кога бев сама и слушав музика на едно од вашите информативно-политички радија.

За да биде топла, насмевката треба најпрво со нешто или од нешто да биде затоплена. Треба да биде загреана. Оти ако биде студено, тогаш тоа ќе биде студена насмевка. И луѓето пред неа се чувствуваат непријатно.

Во меѓучовечките односи, за да бидат здрави и прави, треба да е присутна топлата насмевка. Ништо не може да се постигне со викање, со нервоза, со кавга и пцости. Со топлата насмевка, напротив, може да се постигне многу. Не само богата кариера, туку и долг список на пријатели и интимни пријателки. А кој не сака таква среќа во животот?

Ако сакате некој да ви подари топла насмевка, треба прво на тој некој вие да му ја подарите. Кусур да не фати. Тоа е основното правило. Може и да не биде искрена, важно е да биде топла. Затоа, треба што почесто и подолго да стоите пред огледало и да вежбате, да тренирате топла насмевка.

Ако го прифатите мојот предлог, еве неколку предупредувања за опасностите што ќе ве демнат:

Постојат неколку вида насмевки. Некои се разликуваат само во нијансите. Постојат: цинични, препотентни, импотентни, лажни насмевки; потоа сериозни, долги, куси, гласни и безгласни, тивки, неми, зборлести; благи, кисели, солени. За студените веќе реков. И сите се употребливи. Зависи во каква ситуација ќе се најдете. Вие настојувајте да се наоѓате во завидна: да употребувате најмногу и најчесто топла насмевка.

Топлата насмевка зрачи топлина. Затоа секогаш обидувајте се со топла насмевка да ја озрачувате вашата животна и работна средина. Таа ќе ве сака и ќе ве почитува.

Најлесно ги сфаќаме и разбираме работите преку примери. Кога сакаме нешто да докажеме обично почнуваме со: „На пример“.

На пример, кај вашиот претпоставен сте претпоставени во прв план. Не толку за арно, колку поради некои ваши истапи, односно настапи на состаноци со личен став. Тие ваши лични ставови многу-многу не му се допаѓале на претпоставениот, па ве ставил како прва точка во својот дневен ред.

„Вашите лични ставови треба да си ги усогласите со општите, со општиот интерес“, ви сугерира едно утро.

Тоа ви е доволно да го покажете резултатот од тренинзите пред огледало. Се разбира, не пропуштате максимално да ја искористите шансата на вашиот претпоставен да му упатите топла насмевка. Тој, веќе озрачен од неа, пак нема збор за да ви сугерира.

„Јас ги почитувам вашите лични ставови, но во интерес на колективот трба да ги усогласувате со општите. Не секогаш да останувате на спротивната, контра страна. Тоа не е убаво од вас“, дури и се разнежува претпоставениот.

Почнува да го стишува гласот, да го блажи:

„Помислете само што би се случило кога секој би имал лични ставови, а не сака да ги усогласи со општиот интерес“.

Вие ја продолжувате топлата насмевка. Одите докрај. Издржувате. Како да ви е вечна, нацртана:

„Добро, добро“, продолжува претпоставениот. „Држете се за личните ставови, ама барем не се јавувајте редовно за збор на нашите состаноци. Воздржете се некогаш. Не морате да ги изнесувате пред сите. Дојдете кај мене во канцеларија и пред мене ќе ги изнесете. Лично. Вака и мене ме компромитирате пред колективот“.

Сè уште успевате насмевката да ви биде топла.

„Ајде да најдеме соодветно решение за вас. Ќе ве предложам да бидете во раководниот тим“, конечно вели претпоставениот.

Вашата топла насмевка полека гасне, но останувате по малку разочаран.

„Види го некултурен“, мислите за него. „Јас му подарувам топла насмевка, а тој ни да трепне. Ненормално сериозен!…Не научил дека и тој треба топло да му се насмевнува на работникот”.

Останувате дури навреден!

Толку од мене. Благодарам.

Црвенко Државнички:

Благодарам и јас, а особено што се потрудивте напишаното да ни го прочитате на македонски. Ќе немаше проблем да го прочитате и на вашиот јазик, ќе го слушневме во симултан превод на слушалкиве, па токму затоа ви изразувам голема почит.

(Долг аплауз, спуштање на завесата и празнење на визбената сала.)