17. Седумнаесетта епизода

Амбиент:

Визбена сала за состаноци на Советот на кулата.

Лица со гласови:

Црвенко Државнички, Александар Филипов Македонски, Д-р Крале Марковски, Македон, станари како публика.

Истите од шеснаесеттата епизода

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

Трпе Трајчевски:

Ако добро забележавте од досегашните епизоди на сатиралијава, нејзиниот автор, многупочитуваниот Доктор Крале Марковски, постојано се труди истата да ја приземни што повеќе. Со други зборови, проблематиката што ја обработува во овој свој научно-политички труд што понепопсредно да ви ја доближи вам, како на слушатели, сведоци и публика. Како и на сите оние на кои таа се однесува, пред сè на сожителите во Кулата вавилонско-протомакедонска. Со трети зборови, тој постојано се труди што попопуларно да ви се доближи како научник. Впрочем, тоа е општ тренд во нашево модерно време-науката да биде што поблиска на обичниот човек.

Според мене, има нешто што тој засега вешто го избегнува, но не ќе може да не го постави и елаборира на соодветен начин: уставното уредување и евентуално преуредување на локалната самоуправа од типот на Кулава, во рамките на интегрираната евро-атлантска унија односно алијанса. Јас сум сигурен дека и на тој проблем ќе му го најде чарето. Нешто од него ми најави дека ќе чепне во оваа епизода, колку релаксирачката атмосфера, што сака да ја наметне на седницата на Советот, неговите членови ептен да не ги релаксира односно ослободи, деранжира и дезангажира.

Д-р Крале Марковски:

Така е, почитуван најавувач на мојава научно-политичка сатиралија. Морам да ти признаам дека многу си навлегол во проблематикава. Без оглед што не си директен учесник во дејствието, просто си се инкорпорирал во него. Како да си еден од главните актери.

Трпе Трајчевски:

Многу Ви благодарам на комплиментот, Господине доктор.

Д-р Крале Марковски:

Нема на што, можеш да повелиш и другпат.

Трпе Трајчевски:

Значи, почитувани слушателки и слушатели, гледачки и гледачи, можеме да очекуваме мошне интересна седница на Советот на Кулата вавилонско-протомакедонска. Останете концетрирани и кореспондирани.

(Еден гонг)

Црвенко Државнички:

Другарки и другари, Дами и Господа, сожители, припадници на мнозинската и немнозинските заедници со акцент на најмнозинската од нив. Ја отворам оваа нова седница на нашиов Совет. По бурните претходни, се надевам дека според најавите на она што треба да го обработиме во рамките на нашиот дневен ред ќе биде порелаксирачка, дека во наредниве минути убаво ќе се изрелаксираме. Впрочем, сметам дека тоа максимално го заслуживме.

Морам да нагласам дека релаксацијата ни е ептен потребна во овој момент, бидејќи во меѓувреме од Европа сум информиран дека најверојатно наскоро ќе треба да потпишеме нов рамковен договор за конфедерализација на нашава Кула вавилонско-протомакедонска. На тоа инсистира меѓународниот фактор, со образложение дека стариот договор е успешно исцрпен односно имплементиран, но во него остана неопфатено круцијалното, завршното решение. Она што го спомнав. Всушност, тоа и не е којзнае колку голем проблем. Едноставно нели, ќе седнат лидерите на главните политички партии во Кулава, како и нивните експерти, ќе се договорат и ќе го потпишат. Мислам дека проблем, како и со досегашниот, ќе биде токму конкретизацијата и неговото оживотворување.

Александро Филипов Македонски:

Пред прашањето барам збор, претседавачу. Мислам дека туку-така не можеме само да ја спомнеме релаксацијата. Мислам дека е нужно малку да се задржиме на неа.

Црвенко Државнички:

Добро, ако можете, повелете, задржете се.

Александро Филипов Македонски:

Се разбира дека можам, затоа и се јавив да повелам.

Сакам да ви раскажам нешто конкретно во врска со рекреацијата на духот на еден мој познајник што живее во подалечната од нас чиста, само мнозинска локална самоуправа. Неговата исповед ќе ви ја пренесам во прво лице зашто мислам дека е мошне поучна и може да ни користи на сите нам.

(Два гонга)

Александро Филипов Македонски:

Време е да си удрам рекреација на духот. Ако досега сакав и можев, и ми успеваше да ја ескивирам, отсега не сакам и не можам. Годинички, другарки и другари, Дами и Господа, годинички. И сè некоја трка по пари, по луксузи; и сè на долги патеки. Вистински маратон!

Наутро, при станување, ме боли глава. Попладне, при враќање од работа, пак ме боли глава. Навечер, пред легнување, ми пука главата од болење! Добро, ако ја земеме општата ситуација, зошто да не се прашам: што сме навалиле толку по нашите глави?

Креацијата ми е на нула. Нула до нула, како две нули! Не одам во кино, не одам во театар, не читам книги, не слушам опера, не гледам балет, не гледам телевизија. Дури и фудбалот некако ми се одмили.

В ред, можам јас да разврзам дискусија и да заклучам дека немам време за тие активности. Ама зарем не сте забележале досега дека сум се оттуѓил, сум се затворил, сум се изолирал од светот, од културните луѓе? А толку многу ги има, на прсти да ги изброиш.

Како сè нешто да ми фали. Ќе морам под итно да си ја рекреирам креацијата. Сега ми е мајката! Кога ќе падне ланскиот снег ќе застуди, а во тие неприлики, како што е општо познато, креацијата може само да ни ги запали срцата.

Наутро, пред да тргнам на работа, ќе трчам. Сто метри на час. Кога добро ќе се испотам, полесно ќе си ја вршам работата. Тоа се знае. Попладне, кога се прибирам дома од работа, наместо спиење, дремење-активна прошетка. Ќе ги шетам продавниците со намера ништо да не купам. Пеш, се разбира. Ако е сабота или недела, попладнето ќе си го резервирам за спортот. А за што друго? И фудбалот е за гледање, нели? Ако не ми е интересна играта, ќе му се изнагледам на стадионот. Навечер, пак, како што веќе реков, ќе си ја рекреирам креацијата. Како? Вака:

Навечер за во кино му е мајката. Сигурно ќе дојде на ред некој филм за страстите или на теми од војните. Зошто да не? И за во театар навечер му е мајката. Сигурно ќе дојде на ред некој Шекспир за гледање. И ќе нема извикувања и критикувања во стилот: Каков е тој театар без некој Шекспир за играње?

Ви велам, другарки и другари, Дами и Господа, креацијата ме моли да ја рекреирам. Не за друго, туку само затоа што веројатно наскоро ќе падне.

(Три гонга)

Црвенко Државнички:

Мошне поучно, нема што. А сега прашањето односно првата точка од дневниов ред: што е тоа коњ? На него се пријави да одговори Македон. Повели, Македоне наш.

Македон:

Благодарем, претседавачу.

Одговорот ќе го дадам прво со кус опис на коњот како таков, а потоа преку една басна за еден коњ, што сум ја чул во дамнешно минато свршено време, ќе покажам и докажам што значи да се биде коњ и како треба да се биде пример за примерно поведение и угледно владение.

Значи, прашањето гласи: дали знаете што е тоа коњ?

Мене лично не ми се верува дека знаете. Можеби сте знаеле порано, но сега веќе сигурно сте заборавиле. Во секој случај, лично мислам дека во последно време ниту со очи сте го виделе, ниту со раце сте го допреле, ниту некој имал можност да го јавне или да го пои и пасе. Сакам да ве предупредам дека во сликовниците тоа што личи на коњ не личи на коњ. Таков коњ порано можеше да се сретне само на коњски трки, но тоа не е тоа. Јас ве прашувам за обичниот, просечниот коњ.

Има еден таков низ улиците околу нашава Кула вавилонско-промакедонска. .Впрегнат е во кочија како атракција за некој странски турист, ако залута случајно, но и тоа не е тоа. Јас прашувам за обичниот, просечниот коњ. Оној што не е впрегнат ниту во кочија, ниту во нешто друго, а сепак се чувствува како таков. Ве прашувам за оној што се чувствува како коњ.

Значи, да се заклучам: мислам, драги мои, дека не знаете што е тоа коњ. Па, бидејќи не знаете, ќе се обидам да ве научам јас. За да си немате проблеми ако случајно го сретнете на пат или, пак, ви го пресече патот.

Како прво: коњот е од домашно потекло. Поконкретно, тој е домашно животно. Може да биде и увезен од странство, но таквиот обично толку брзо се адаптира на домашниот терен, што веднаш станува домашен. А како домашно животно, најдобро работи во домашен амбиент. Дозволува да биде јаван од секој и во секое време и невреме. Обично молчи, ниту збор на жалба да изусти, ниту тужба можеш да му извлечеш низ заби. Кога е бесен, силно си ги стега вилиците и скока ли каска.

Како второ, коњот има четири нозе, еден опаш, грива, две очи, една глава, а на нозете има копита. Од сето тоа не смее ништо да му фали. Ако му фали, тогаш, едноставно нели, нема да биде коњ сто на сто. За таквиот, кому му фали нешто, обичио се вели дека личи на коњ или работи како коњ. Тоа, пак, работењето, му е најквалитетната особина.

Бидејќи коњот е мошне работлив човек, кога ќе го здогледаме со одушевување велиме: „Тој и тој работи како коњ“.

Дали сега знаете што е тоа коњ? Јас верувам дека знаете. И сигурно отсега ќе знаете дека не треба да се лутите ако за некој од вас речат: „Работи како коњ“. Зашто не станува збор за некаква навреда. Напротив, станува збор за голем комплимент.

(Аплауз)

А сега домашната басна за еден коњ, која веќе ви ја најавив:

Си бил еден коњ. Убав, горд, со крената глава, со цврст и сигурен чекор.

„Ние коњите сè уште сме му потребни на човекот“, ги убедувал тој другите домашни животни. „Затоа и не му се секираме многу кога ќе се обиде да нè заузди, да нè јавне и да нè насочува“.

Така ги убедувал убавиот и горд коњ, а другите животни му верувале. Биле свесни за своите слабости, па чувствувале дека во однос на коњот тие се помалку искористувани.

Тој еден коњ станал едно утро рано насабајле во дворот, ја пикнал главата под чешма, си го измил погледот, ја зачешлал гривата и потрчал колку да се раздвижи. Го видел петелот и му подвикнал:

„Еј, коњу еден! Што си се растрчал рано насабајле? Да не сакаш да се покажеш како пример? Мислиш дека и ние, другите животни, ќе тргнеме по твојот пример?“

„Трчањето ја раздвижува, ја освежува снагата. Го крева расположението“, му одговорил коњот.

„Не е точно. За добро расположение е важно да се станува рано, ама не мора и да се трча. Подобро е да се запее“.

„Јас сум коњ и морам да си ја тренирам коњската сила. Ти си петел. Ти не ораш. На луѓето им е доволно да им пееш, со твоерто кукуригање да ги будиш и да ги разбудиш“.

Во дијалогот се вмешал песот:

„Трчам и јас, ама никој не ме третира. Ме третираат само ако залајам. Моето лаење има двојна улога: да го предупредува човекот на опасности и да му ја одржува совеста на високо ниво. Па и свеста, се разбира“.

„Твојата улога е пред сè да му бидеш верен пријател на човекот“, го надополнил коњот.

„Но ти имаш една предност, и јас ти завидувам на неа, другарче“, продолжил песот. „Човекот те јава, ама тебе кога ќе ти текне можеш и да го треснеш од земја. Само ако ти дотежи. Јас можам само да му избегам“.

„Важно е дека и без тебе човекот не може“, мудро заклучил коњот.

Во разговорот се вмешала и кравата:

„Јас во друго ја гледам твојата предност. Човекот сè уште не научил повеќе и почесто да јаде коњско месо, а од мене зема млеко или ме претвора во месо и коски кога му треба и кога не му треба“.

„Но затоа си ценета“, одрекол коњот. „Пијат од тебе и те јадат со вкус и сè поскапо те плаќаат“.

„Повеќе би сакала помалку да пијат млеко и да ме јадат, а повеќе да ме оставаат на мира. Да си го продолжам животецот за колку-толку“.

И така, си продолжил разговорот помеѓу коњот и другите домашни животни, а јас овде ќе морам да завршам со неговото пренесување бидејќи од него не произлегува наравоучението, а мене тој не ми е поентата. Само можам да кажам дека на крајот секој се зафатил со својата работа, секој почнал да си ја игра својата улога што му ја доделил човекот како режисер.

Наравоучението е инкорпорирано во две прашања што ви ги поставувам за на нив да си одговорите што е можно поскоро, колку е можно побрзо. Зашто евро-атлантската интеграција нема време никого да чека.

Првото прашање гласи: што би правел човекот без домашните животни, особено без коњот?

А второто: дали затоа што во градскиот амбиент нема место за домашни животни, посебно за него, човекот сè почесто чувствува или сонува дека е самиот тој домашно животно, а најчесто коњ за јавање?

Бидејќи му е време на нашиот претседавач да ја заклучи седницава, вие жители на Кулава вавилонско-пролтомакедонска.

Црвенко Државничи:

Така е. Седницава ја прогласувам за заклучена.

(Аплауз. Публиката полека ја напушта салата заедно со актерите.)