15. Петнаесетта епизода

Амбиент:

Визбена сала за состаноци на Советот на Кулата вавилонско-протомакедонска
Лица со гласови:

Црвенко Државнички, Александар Филипов Македонски, Д-р Крале Марковски, Македон, Европа, станари како публика.

(Три гонга и некоку ѕвонења на воловско ѕвоно)

Црвенко Државнички:

Драги мои и свои советници и сите вие останати, ја продолжувам седницава кај што ја завршив минатиот пат. А колку што се сеќавам, минатиот пат Д-р Крале Марковски ни пренесе мошне конструктивен и мошне впечатлив модерен љубоморен дијалог што ја одушеви Европа како европски интегративен критериум, а кај неа се роди и надеж дека Македон ќе извлече правилни заклучоци. На што се надоврза Мамкедон со заклучок дека извлекол главен заклучок; имено, дека модерната љубомора всушност не е љубомора, туку игра за проверка на љубовта односно брачно-вонбрачната искреност и доверба; а пред сè за да се види колку еманципацијата навлегла помеѓу двајца забрачени, брачни или добрачени. Се разбирам, јас како ваш културен и евро-атлантски насочен претседавач не заборавив да им изразам голема благодарност на Д-р Крале Марковски и Александро Филипов Македонски за мошне илустративниот и непосреден начин на прикажување на модерна Европа во љубовна смисла. Притоа изразив голем оптимизамк дека ние, припадниците на грубиот пол ќе вложиме максимални напори нашите припаднички на нежниот пол да станат исти како неа.

Минатиот пат седницава ја завршив со три гонга. Сега признавам дека тоа беше погрешно,л просто не беше доволно ефикасно и симболично. Сега се поправам и почетоков го означувам како што прилега-со магарешко рикање.

(Магарешко рикање-30 секунди)

На денешново продоолжение на седницава предлагам, како што чинам дека ни предложи Докторот, да расправаме за убавината на жената во мултиетничкиот и мултикултурен соживот. Затоа што, како што со право истакна тој, тоа е од суштинска важност за нашите евро-атлантски интеграции.

Кој почнува? Вие, Господине Александро Филипов Македонски? Повелете:

(Воловски ѕвоно-30 секунди)

Александро Филипов Македонски:

Благодарам. Ќе почнам со прашање до сите:

Дали ви текнало, Господа мажи, да си поставите вакви прашања:

Сигурни ли сте дека вашите жени биле и се сè уште најубавите во вашите животи? И дали сте имале замисли и соништа за тоа какви жени би ви одговарале, кои ги заслужуваат вашите срца како подарок, а најпрвин вашите толеранции? Притоа, дали воопшто не ви била важна надворешната, туку само нивната внатрешна убавина? Што подразбирате под внатрешна? Тоа дека и тие знаат да бидат толерантни, дека немаат намера да ги менуваат вашите навики и макар заеднички, ако не вие самите, да ги донесувате главните животни одлуки; да бидат постојано весели, насмеани; да пеат и да играат кога ги мијат садовите, кога работат со правосмукалката, кога ги чистат прозорците, кога перат; да не развиваат полемики со вас и сè друго што е нормално во брачните води?

Мислам дека овие прашања, Господа, се сосем јасни. Но, сега следуваат нови прашања од мене:

Дали ги најдовте таквите жени или не? Дали случајно сте ги сретнале? Или можеби тие ве сретнале вас, а вие не сте покажале спрема нив доволно внимание, соодветно не сте им парирале со своја внатрешна убавина?

Ај и ова:

Дали, доколку веќе ве поставив дилемосани, значи дека не сте задоволни од вашите жени?

(Еден гонг)

Александро Филипов Македонски (продолжува):

Но, добро. Што е важно ако не сте ги сретнале најубавите жени во вашите животи? П ашто! Не е сè во убавината, нели. Таа може да биде и лажна, меѓу другото. Да ве излаже и прелаже, на пример.

Значи, се согласувате дека убавината не игра голема игра во животот. Може само доколку вие играте пред неа, и тоа со задоволство.

Сега да претпоставиме дека овие и вакви дилеми не се однесуваат на вас. Одамна ви е сè јасно: жените, меѓу другото, ви биле и се најубавите жени во вашите животи.

Дозволете, претседавачу Црвенко Државнички, да се продолжам со еден конкретен пример, на еден мој пријател.

Црвенко Државнички:

Немам причина да не дозволам. Напротив, само повелете.

Александро Филипов Македонски:

Тој мој пријател еднаш уште во раните утрински часови реши да заигра пред неговата сопатеничка во животот. Односно да заиграат заедно, што се вели рамноправно. И што се случи?

Додека таа ги суредуваше собите, ја проветруваше постелнината на свеж утрински воздух, ја експлоатираше правосмукалката, му подвикна, речиси како да му нареди:

„Мислиш ли ти да ми помогнеш или не? Ајде, пофати нешто, не седи со рацете в џеб!“

Му упати строг поглед. Лицето си го направи многу сериозно, речиси налутено. Но, истовремено си ја покажа внатрешната убавина:

„Немој и јас да заседнам, па да видам кој ќе ни ја сврши работата“.

Тој веќе реши ако треба и да игра пред неа. И почна:

„Ти си најубавата жена во мојот живот. Сè што треба ќе сторам, само да ми останеш убава“.

„Остави ги мајтапите настрана. Суреди ја бањата!“, му нареди со висок тон.

(Два гонга)

Александро Филипов Македонски (продолжува):

А знаете ли, претседавачу и вие, останати присутни, што е тоа добар маж?

Ај и за тоа да ви раскажам нешто што лично не треба никому да му го прекажувате. Нека остане само мое и ваше, длабоко пикнато во вашата интима, како што си го пикнав јас во мојата. Затнете си ја устата сè додека не проверите и не се уверите дека е така и никако поинаку. Па и тогаш, откако ќе се уверите, немојте да му го прекажувате некому. Подобро задржете си го во лична сопственост. Колку што можете подолго. Вие жените слушајте како ништо да не слушате.

Имав голема, ама ептен голема среќа и ретка околност да заклучам дека сум добар маж. Веројатно ви е познат мојот минимален придонес во семејниот живот и семејните домаќински односи. Знам јас дека тој не е онака, на соодветно ниво. Се разбира, мене тоа воопшто не ми пречи, ама многу ѝ пречи на онаа мојана. Јас можам, не оти не можам, одвреме- навреме да ја разберам и да не ѝ се лутам. Разбирам дека не може да постигне сè сама и да се раскине од работа, ама никако не разбирам зошто сама и зошто да се раскинува. Зарем не може малку повеќе да си ја ангажира мајка си, да си го ангажира татка си, па и другите нејзини поблиски и подалечни роднини? Добро, ако не може, ако не се осмелува, нека ми дозволи мене! Јас да ги ангажирам и организирам, јас да ги преземам соодветните неопходни мерки.

(Еден гонг)

Александро Филипов Македонски (продолжува):

Една вечер организиравме прием. Ни дојдоа на гости една пријателка на мојана, со нејзиниот животен сопатник и сопатеник. Ги почестивме што ги почестивме, а потоа, каков што си е народниот обичај, разврзавме плоден муабет, широка и темелна дискусија. Ние, мажите, удривме бистрење политка, а тие, жените, удрија да ги бистрат личните и семејните проблеми.

Додека ние мажите си бистревме политика, начувме дел од нивното бистрење:

„Оној мојон ништо не пофаќа дома“, ѝ се пожали пријателката на мојана.

„Зарем и твојот?“, се праша наивно и се зачуди мојана.

„Ништо живо не пофаќа дома“, повтори пријателката. „Дојди од работа, седни си за маса, на ручек, отвори го весникот, радиото, телевизијата. Јас како воопшто да не постојам!“.

„А мојон, за разлика од твојот, наместо весник зема книга в раце. Многу ми е начитан“, ја потенцира мојана разликата помеѓу мене и сопатеникот на нејзината пријателка.

„Ќе се изнајаде, ќе се изнапие и право в кревет. Уморен бил, кутриот, мртов уморен од работа. Додека јас ја распремувам масата, ги мијам садовите, ја експлоатирам правосмукалката, тој веќе на големо спие! Кога ќе се средам, како да сум трепнала со очите-доаѓа вечерата“.

„А потоа гледање телевизија, вести, филм, цртани филмови и легнување во брачниот кревет кога јас ќе фатам длабок сон“, ја продолжува мојана својата пријателка.

„Што да правиш, тоа ти е. Ништо не можеш. Сите мажи се исти. Ние жените како да сме осудени. Сè е оставено на нас“, се пожали пријателката.

„Не е точно. Грешиш, драга моја. Не се сите мажи исти. Ехеееј какви ги има…Златни, добри, предобри, душа ипол! Помагаат, чистат, готват… Ама што можеме, тоа е. Судбината ни ги доделила такви какви што се, па мораме да ги прифатиме како такви. Има и полоши, да знаеш“, ѝ шепна на уво мојана на својата пријателка.

„Имаш право“, шепна и таа конечно. „Какви-такви, арни ни се. Знаеш, мажи како жени“.

Кога го чувме овој дел од нивното бистрење, нè фати некое чудно спокојство. Станавме некако повесели, посреќни. Ни дојде убаво, ни дојде дури мило на душите.

Почнавме двајцата да се гордееме со нив. Јас со мојана драга, убава, љубена, искрена и простордечна, тој со својата исто така драга, убава, љубена, искрена и простосрдечна.

За момент ја оставивме внатрешната и надворешната политика за да констатираме дека имаме идеални жени.

(Еден гонг)

Александро Филипов Македонски (продолжува):

Може уште едно прашање од пресудно значење за натамошниот брачен тек на Македон и Европа?

Црвенко Државнички:

Па сега, кога ја затеравте, продолжете. Имаме уште малку трпение.

Александро Филипов Македонски:

Прашањето ми гласи:

Што е тоа папуџија? Сакам да ви прочитам една човечка, машка судбина во контекстот на одговорот.

(Два гонга)

Александар Филипов Македонски вади од внатрешниот џерб на сакото еден лист хартија, од десниот надворешен вади очила, ги става на носот и почнува да чита:

„Не наседнувам јас, братче, на твојава провокација. Кој папуџија? Каков папуџија? Јас папуџија? Ма, ајде не се мајтапи со мене. Јас не сум папуџија. Јас сум маж, братче, маж! Нема кај мене ова-она, нема трте-мрте, нема мрдање. Сè е како што јас ќе речам. Папуџија е еден друг, еден другар, мој познајник, раководител по професија. Е, за него можам да ти раскажувам ако сакаш. Сакаш? Добро. Таков папуџија јас досега не сум сретнал.

Доаѓа тој Господин другар од работа, го боли глава од раководење, а пред врата го чекаат папучи. Убави, од црна кожа, комотни. Кога би се обидел, право да ти кажам, сигурно би успеал во нив да влезе целиот. Толку е голем папуџија. Ама таков луксуз барем засега не си дозволува. Си ги пика само нозете во папучите и штом стапнува во кујната жената почнува да му подвикнува. Не му вели ни „Добар ден“. Не навикнала кутрата:

„Стаса ли? Кај беше досега? А, синко мајчин?“

„Како каде, женичке драга? Никаде! Право од работа идам. Сега ми заврши работното време“.

„Добро, точно, не задоцни. Кога ќе пресметам, токму толку ти треба со автомобил од работа до дома. Ама запомни: само еднаш ако ми задоцниш, ќе видиш што ќе те снајде. Ќе ја видиме таа работа. Ајде сега, фати се за работа. Зготви нешто набрзина за ручек, гладна сум“.

„Зарем досега ништо не си ставила в уста? Цел ден си дома, не работиш и, прости, но малку ми е чудно ништо да не ставаш в уста“.

„Немој ти мене да ми удираш критика. Зготви нешто за да не се караме. Не дозовлувај и денеска да те искарам како дете!“

„Не грижи се, драга моја, нема да дозволам. Добро, сега јас, ќе зготвам нешто“.

„Викни ме кога ќе бидеш готов. Уморна сум, ќе дремнам малку“.

И, така си е тоа. Господинот другар, мој познајник, папуџија, раководител, нема каде, се фаќа за работа, готви. Го зготвува ручекот, ја поставува масата, и си ја поканува женичката:

„Ајде, женичке драга, повели на ручек“.

Таа повелува, седнува, и пак почнува:

„Слушај ти, Господине другар раководител! Остави ги работните навики за в канцеларија. Кога се руча, не се чита весник“.

„Ама женичке драга, само да видам што се случило во земјава и странство. Барем насловите?!“

„Не може!…Како можеш тоа да ми го правиш? Како имаш храброст? Јас со душа те чекам да дојдеш од работа, да те видам, да си помуабетиме, а ти-весникот в раце…Ќе почнам да плачам, да знаеш“.

„Добро, добро, само не плачи. Еве, го оставам весников“.

„По ручекот да ги измиеш садовите, да го исфрлиш ѓубрето. Уште малку, па црви ќе изникнат од него. На балкон не се излегува од смрдеа. Потоа да ја суредиш визбата; и гаражата ако ти остане време до пред спиење“.

„Но женичке драга, јас сепак би се осмелил да ти забележам нешто. Дозволи ми и јас да одморам малку. Умрен сум од работа. Ќе ми пукне главава од раководење“.

„Умрен?! Ти умрен од работа?! Никогаш пожив не си бил, мажу мој златен. Никогаш! Ти умрен од работа? Те молам! Од раководење, нели. Затоа и трето мандатче си бркаш“.

„Па не е лесно, знаеш…“

„Ништо јас не знам! Реков и пак не велам!“

„Добро, добро, не мораш“.

Ете, така си оди тоа. Папуџијата си ја сака женичката драга, многу си ја сака, па веќе си навикнал да биде папуџија. Ич не му паѓа тешко. Овој, пак, мојот познајник, згора на тоа е и раководител.

Утредента, на работа, пак по старо. Си раководи Господинот другар и е многу строг. Максимално!

(Долг аплауз на сите присутни во салата, а потоа завесата се спушта полека и бесшумно.)