14. Четиринаесетта епизода

Амбиент:

Визбена сала за состаноци на Советот на Кулата вавилонско-протомакедонска
Лица со гласови:

Трпе Трајчевски, Црвенко Државнички, Александарф Филипов Македонски, Македон, Европа, станари како публика

(Три гонга и некоку ѕвонења на воловско ѕвоно)

Трпе Трајчевски:

Почитувани слушатели, морам да ви пренесам дека баш сега на мало изненадување на сите присутни, а на големо на неколкумина, нашиот Доктор Крале Марковски одвај издржува да седи на своето столче. Како да има црви во г…, во задникот, ако можам така културно да се изразам. Го гледам внимателно и втренчено. Одвај издржува да не скокне и да се затрча кон говорницата…Еве го, се јавува!

Д-р Крале Марковски:

Господине претседавач, во меѓувреме констелацијата стана таква што во овој момент морам да одговорам на едно капитално прашање, пред што било да поставите на дневен ред.

(Еден гонг)

Црвенко Државнички:

Не знам зошто и од каде такво брзање, таков вознемир, Докторе. Колку што знам, досега не се случи ништо драматично. Сè си тече во едно утврдено, подносливо темпо. Подолго време зборуваме за бракот, љубовта, сексот…

Д-р Крале Марковски:

Не станува збор за никакво брзање или вознемир. Едноставно, има уште многу од напишаното, кажаното и докажаното во мојава научно-политичка сатиралија, а процесот на евро-атлантско интегрирање од ден на ден сè повеќе добива на интензитет. Затоа мислам дека веднаш треба да се одговори на сами по себе наметнатите прашања. За да не се заборави некое, па на крајот да излезе како неисполнет интегрирачки критериум.

Црвенко Државнички:

Добро, добро, немам ништо против, а мислам ниту советниците. Значи, почитувани, дневниот ред ќе го прескокнеме, веднаш му давам збор на Доктор Крале Марковски.

Д-р Крале Марковски:

Благодарам.

Значи, капиталното прашање гласи: Што е тоа модерна љубов?

Не знам дали веќе сте забележале, би требало ако не сте, Европа во изминатиот период, како што лично очекував, се докажа како еманципирана домаќинско-интелектуална сопруга, што може да се спореди со поезијата. Токму така. Впрочем, од памтивек жената била најмногу лирски третирана.

Гледајќи ја нашава Европа, јас дојдов до мошне интересен заклучок: дека жената е како модерната поезија. Ја читаш, а не ја разбираш.

Во овој контекст се надевам дека на седницава ќе се поведе расправа за убавината на жената во мултиетничкиот и мултикултурен соживот, затоа што е тоа од суштинска важност за нашите евро-атлантски интеграции.

Ве молам со должно внимание да го проследите следниов приказ со дијалог, па сам по себе ќе ви се наметне одговорот на прашањето што е тоа модерна љубов.

(Два гонга)

Ќе го цитирам дијалогизирањето помеѓу сожителите од осмиот кат на Кулава, брачните другари Господинот Е.Ж. и Госпоѓата И.Ј. Да беа присутни на состаноков, ќе им препуштев сами да се цитираат, ама нејсе. Мислам дека ќе ги цитирам точно и прецизно односно автентично.

(Еден гонг)

„Друго беше во наше време. Си имавме друг стил. Друга љубов си водевме. А сега…ни перде ни срам“, му рекле еднаш старите на Е.Ж..- „Во наше време прво ќе ја погледнеш љубовта, а таа да не те види оти е срамота; па прво малку ќе се засрамиш, може и некој друг да те засрами, и така како прво. А како второ, љубовта во наше време имаше многу поголема вредност. За сексот, еее, за сексот не смеевме ни да помислиме дури не ни дојдеа годините. Прво ќе се свршевме, па свадба ќе си направевме, па после…“

Сега знам добро, вели Е.Ж., не е тоа старо време. Сега е ново, модерно. И нормално, љубовта стана модерна. Навистина ептен многу се модернизира.

На пример, ако сакаш успеси на љубовен план, пред сè треба да имаш модерен стил. Младите си го имаат стилот, па затоа љубовта помеѓу нив цути масовно.

Ќе се видат двајца млади. Ќе си се погледнат, а нивните погледи веднаш раскажуваат цели романи. И тоа само во два-три збора.

Ама има и нешто заедничко помеѓу старото и новово време, кога станува збор за љубовта: траењето во временска и материјална смисла. Таа, љубовта, може да трае или кратко или долго. Како тоа практично изгледа? Вака:

Е.Ж: „Вие сте мојата перспектива“, ќе ѝ изјавите на љубовта откако добро ќе ја одмерите, ќе ја испитате и ќе ја проучите нејзината надворешна убавина. Внатрешната доаѓа на ред многу подоцна. Па продолжувате:

„Со Вас и само во Вас ја гледам смислата на мојот живот, мојата светла иднина. Предлагам конструктивен предлог: да си удриме една љубов, а? Ти да бидеш цветот во мојата градина, а јас во твојата“.

И така. Ќе си удрите една голема љубов, може да си удрите и две и три, ако си ги усогласите интересите, а потоа може да се случи што било. Може да се случи дури и да се забрачите.

Или вака, продолжува Е.Ж:

„Ајде јас и Вие да тргнеме“, ѝ се обраќате на избраната љубов.

И.Ј.: „А каде?“, Ве прашува таа.

Е.Ж.: „Имам автомобил“.

И.Ј.: „А каков имате? Која марка?“, почнува таа да се интересира за Вас.

Е.Ж.: „Комотен, голема марка. Ќе се чувствувате во него како да сте во диско. Има ДиВиДи, вградено лајт-шоу. Има да се изнауживате. Ќе уживаме заедно“.

Таа пак, љубовта, може да прифати, па после да си удрите едно убаво возење. Може и да не прифати, а тоа зависи од многу фактори.

(Два гонга)

Д-р Крале Марковски:

И така…Кога ќе размислам, всушност и нема многу голема разлика помеѓу модерново време и добрите стари времиња. Стилот сепак има нешто заедничко. Различно е тоа што, откако ќе ја погледнете љубовта, прво не морате малку да се засрамите, ниту некој друг да ве засрами.

Меѓутоа, можеби најголемата разлика во овој контекст е во тоа што нашиот животец не ни успева да го направиме стандарден оти ни е на многу ниско ниво.

(Ѕвон на воловско ѕвоно-трае 10 секунди)

А сега за жената како модерната поезија. Ја читаш, а не ја разбираш.

Би сакал веднаш да се оградам. Јас не мислам дека модерната поезија се чита, а не се разбира. Обично не ја разбира оној што не навлегол барем малку подлабоко во неа или оној што не ја сака. Ниту, пак, сака да ги разбере поетите кои настојуваат да бидат разбрани од што поголем број љубители на убавиот збор.

Секој сака да чуе убав збор, особено ако му е упатен во вистинско време и на вистинско место. Но, кога ќе му се понуди во стих или рима, е тогаш се менува расположението.Тој збор како да станува преубав и неупотреблив за секојдневна употреба. Полека се заборава, а неместо него се употребува некој нов, чие значење на почетокот го знаат малкумина, а подоцна се разбира во контекстот во кој е употребен.

Нашиот сожител од најголемата немнозинска заедница во Кулава има навистина поетска, романтична душа, но го има токму наведениот став за модерната поезија. Ми изјави дека е слично и со жената: ако таа каже убав збор за секојдневна употреба, мажот би можел да ја разбере и да ја употребува. Ако каже преубав збор, тогаш престанува нејзината употреба.

(Два гонга)

Д-р Крале Марковски:

Досега кажаното од мене има непосредна врска со модерниот сензибилитет. А тоа пред сè значи дека денешните жени се апсолутно модерни. Дури им текнува и сами да одат во театар, на некој концерт на сериозна музика, на некоја апстрактна изложба или на нешто слично од културата и модерноста.

И.Ј, жената на сожителот Е.Ж., е одамна крајно еманципирана, култивирана, со еден збор модерна. И Е.Ж.. си ја чита, ама никако не ја разбира. Исто како модерната поезија. Таа, пак, употребува сè што употребуваат и другите жени, како што се разни технички помагала за домаќинството, за сопствената убавина, за свежината и добрата општа расположба. Дури и речникот што го употребува ѝ е целосно модернизиран, од точка до запирка.

Кога го испраќа И.Ј. на пазар, вака му наредува:

„Да одиш на точно определениот простор за размена на стоки и да размениш материјални добра за корисна употреба. Притоа да внимаваш билансот да ти биде изедначен. Немој случајно да ми дојдеш дефицитарен. Ќе те пермутирам!“

Или вакво обраќање, во рима:

И.Ј.: „Остави ме на мира,
денеска не ми е до твојата лира.
Зборувај логично, солидно,
за да останеш во моето поле видно!“

(Еден гонг)

И така, долго време маки си мачи Е.Ж. со својата И.Ј. Крај не ѝ наоѓа. Ја чита, ама ништо не ја разбира. Некогаш ќе ја трефне работата, случајно ќе погоди што сака или што му наредила, ама што е тоа само некогаш во цела една година, ве молам?

Е.Ж. пред едно ниедно време реши да чита модерна поезија. Со неа, како што прочитал и разбрал некаде, најверојатно ќе му успее и тој да се еманципира и култивира.

Читал со денови и ноќи. Само модерна поезија. Се изиачитал, се преначитал. Ниту весник земал в раце, ниту гледал телевизија. И откако изначитал многу модерни поети, конечно го сфатил основниот принцип во модерниот евро-атлантски живот. Принцип кој веќе му помогна и допрва ќе му помага да ја разбира својата И.Ј.:

Ако ти е жената модерна како модерната поезија, ако толку многу се модернизирала како евро-атлантските, ич не мораш да ја разбираш. Доволно е оамо да ја чувствуваш!

(Аплауз)

Црвенко Државнички:

Како што најавив на почетокот, на седницава треба сериозно, одговорно и конструктивно да ги изанализираме и првите брачно-забрачени чекори на Македон и Европа. Јас лично, како многумина од вас, сум информиран од сигурни и блиски извори до нив дека веќе се јавиле некои проблеми, недоразбирања, недоследности и слично. Во тој контекст е нужно темелно да ја обработиме модерната љубомора, зашто очигледно со неа ќе се соочиме сите уште сега, во интензивирањето на евро-атлантските интегративни процеси. Па може да се јават проблеми во нашето адаптирање односно сфаќање и прифаќање. Кој сака да дискутира на оваа тема?

Александро Филопов Македонски:

Еве пак јас, ако ми дозволите.

Црвенко Државнички:

Нема зошто да дозволувам или не, Господине Аелксандро. Веќе ве повикав сите на дискусија, што значи и лично Вас. Повелете.

(Удар на гонг)

Александро Филипов Македонски:

Црвенко Државнички:

Како што најавив на почетокот, на седницава треба сериозно, одговорно и конструктивно да ги изанализираме и првите брачно-забрачени чекори на Македон и Европа. Јас лично, како многумина од вас, сум информиран од сигурни и блиски извори до нив дека веќе се јавиле некои проблеми, недоразбирања, недоследности и слично. Во тој контекст е нужно темелно да ја обработиме модерната љубомора, зашто очигледно со неа ќе се соочиме сите уште сега, во интензивирањето на евро-атлантските интегративни процеси. Па може да се јават проблеми во нашето адаптирање односно сфаќање и прифаќање. Кој сака да дискутира на оваа тема?

Александро Филопов Македонски:

Еве пак јас, ако ми дозволите.

Црвенко Државнички:

Нема зошто да дозволувам или не, Господине Алекснадро. Веќе ве повикав сите на дискусија., што значи и лично Вас. Повелете.

(Удар на гонг)

Александро Филипов Македонски:

Ќе бидам близок, крајно непосреден до сите вас, и ќе почнам со едно многу просто прашање: дали сте љубоморни, драги мои?

Да, се согласувам, прашањево е мошне тешко и сложено. Тешко е оти е тешко да се одговори на него. Обично одговараме со не, но така не треба никако и никогаш. Сложено е оти не може да биде просто. Не е едноставно да бидеш љубоморен, па уште згора на тоа искрено да го признаеш тоа.

(Удар на гонг)

А како човек станува модерно љубоморен? И ова не е така едноставно прашање, како што може да се помисли.

Прво и прво, потребно е по природа и по дух да бидеш љубоморен, а дури потоа да си ја покажеш модерноста. Најчесто се љубоморни брачните мажи и жени, нели, какви што неодамна станаа Македон и Европа. Тие, пак, што не се мажени и женети, малку потешко би можеле да си ја покажат љубомората. Освен ако имаат некоја љубов. Обично, кога ќе им се укаже шанса, кон неа си ги упатуваат љубоморните стрели…Ќе го затегнеш лакот кон личноста на која си ѝ љубоморен и кога ќе ја пуштиш просто ти олеснува на душа. Може и радост да ти ја обземе.

Можеш некому да му љубомориш ако има поголем успех во работата, на пример. Тоа е модерно, се разбира. Но тоа е здрава љубомора, не е опасна по живот. Опасна е болната. Од неа човек тешко да се излечи. Тешко и да сака да се излечи. Ако му успее, нема да го познаваат како таков, излечен. Нема никој да го препознае, па ќе си има проблеми со околината. Особено со оној на кого болно му љубомори.

(Удар на гонг)

Мене лично одамна посебно ме интересира модерната љубомора помеѓу мажот и жената. Си претставувам како таа изгледа зашто, мора да признаам, одамна не сум љубоморен. Ниту спрема мојата сопствен жена, ниту спрема некоја друга, доколку ми се случило да ја имам освен неа. Сега никако не можам да се сетам, ама…

Си ја претставувам таквата љубомора вака:

„Каде беше вчера, мажу мој златен?“, ми поставува незгодно прашање мојата.

„Како каде? Зарем не знаеш?…Никаде!“, ѝ одговарам збунето јас.

„Не беше дома. Кога дојде ноќеска? Не чув кога ја отвори вратата.“

„Значи дојдов, ете и сама признаваш. А тоа што дојдов подоцна, никому ништо. Се случи, што можам. И сама знаеш дека ретко ми се случува. Останав со некои пријатели, удривме една дискусија за економската стабилизација и транзициската приватизација, па се заборавивме. Траеше до пред полноќ“.

„Аха, дискусија велиш, пријатели велиш. А пријателки?“

„Не, бевме само пријатели. Која пријателка би седела со нас до пред полноќ, те молам? Ајде кажи“.

„Економска стабилација и транзициска приватизација, велиш“, почнува да си ја расте температурата. „И што заклучивте?“

„Ништо посебно. Дека е тешка и ќе трае долго, најмалку уште толку колку што трае, pa затоа во неа мораме сите да се вклучиме, да се снајдеме некако“.

„Не ти верувам, мажу мој златен, не ти верувам. Такви дискусии не се водат до пред полноќ. Особено не меѓу пријатели и на состаноци и во работни колективи“, ја почнува својата модерна љубомора. „Да не си бил со некоја, а?“

„Какво прашање, те молам! Не ти е срам тоа да ме прашаш? Јас со некоја друга?!“

„Ајде, ајде, признај со која беше“.

„Нема што да ти признаам. Ти реков веќе и нема што друго да додадам“.

„Рече, ама не дорече. Признај со која беше“, станува сè поупорна.

„Нема што да признаам, ти реков!“

„Како нема? Беше со една, нели?“, ме пресекува.

„Да…ова…не…Ама што ти е тебе? Немој да ми подметнуваш“.

„Аха, тука сме значи. Да, па не. Значи, да! Ајде признај, половина ќе ти простам“.

Јас немам каде, не знам како да излезам на крај со мојата љубоморна жена, па ја прифаќам играта:

„Ќе ми простиш половина? А чија половина? Мојата или нејзината?“

„Твојата, се разбира. Што имам јас со неа?“

„Со која?“

„И? Што правевте? Да не дискутиравте за економската стабилизација и транзициската приватизација?“

„Е кога си запнала да дознаеш, ај да ти кажам. Дискутиравме и за тоа, меѓу другото. Не може само да се води љубов, нели?“

„Леле, мажу мој златен, леле што си ми направил, срам да ти е!…Малку сум ти јас, па бараш и друга покрај мене…Срам да ти е!“, почнува дури и да плаче како модерна љубоморна жена.

„Не плачи де, смири се. Уште не ти реков со која сум бил. Иако не сум бил со никоја… Бев со твојата најверна пријателка. Нејзе ти ѝ веруваш, нели?“

„Не, не, таа тоа не може да ми го стори. Пријателството лесно не се изневерува. Ако си бил со неа, в ред. Ти простувам што си дошол во ниедно време“.

„Ете, гледаш? Замисли дека сум бил со неа, ако не веруваш дека сум бил со пријатели, и ќе ти биде полесно. Нема да љубомориш“.

(Удар на гонг)

Се разбира дека овој конструктивен и мошне впечатлив модерен љубоморен дијалог не завршува, ниту може да заврши овде. Може само да запре извесно време, а потоа пак да продолжи. Како?

Па, сега… зависи. Може таа да излезе со мојот најверен пријател, па по едно излегување на двајцата и враќање дома во ниедно време да…

Европа:

Браво, сожителу, браво брависимо! Од ова што го чув од тебе можам да заклучам дека, кога станува збор за овој интегративен критериум, ти си без дилема веќе европски. Се надевам дека Македон ќе извлече правилни заклучоци од она што го слушна од Вас.

Македон:

Да, Европо моја брачно-вонбрачна. Веќе извлеков. Главниот заклучок ми е дека модерната љубомора всушност не е љубомора, туку игра за проверка на љубовта односно брачно-вонбрачната искреност и доверба. А пред сè за да се види колку еманципацијата навлегла помеѓу двајца забрачени, брачни или добрачени.

Црвенко Државнички:

Во името на целиот Совет на кулава, ви изразувам голема благодарност, Докторе Крале Марковски и Александро Филипов Македонски, што вака, на мошне илустративен и непосреден начин ни ја прикажавте модерна Европа во љубовна смисла. Морам да признаам дека досега, а особено по забрачувањето со нашиот Македон, лично јас ја гледав со сосема поинакви очи. Верувам и сите вие. Убеден сум дека ние, припадниците на грубиот пол ќе вложиме максимални напори нашите припаднички на нежниот пол да станат исти како неа.

(Три гонга)