12. Дванаесетта епизода

Амбиент:

Визбена сала за состаноци на Советот на кулата.

Лица со гласови:

Трпе Трајчевски, Д-р Крале Марковски, Црвенко Државнички, Александро Филипов Македонски, Европа, Македон

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

Трпе Трајчевски:

А сега, како што ми најави Д-р Крале Марковски, на новава седница на Советот ќе бидат елаборирани и дијалогизирани малку поделикатни односи и релации кои, се разбира, се од не помало значење за комплексниот пристап кон евро-атлантските интеграции, како што е во оваа сатиралија. Доволно е само да го спомнам сексуалното искуство и неговиот придонес во развојот на вработувачко-творечките односи.

Д-р Крале Марковски:

Токму така, најавувачу-новинару. За што сè ќе стане збор, кои прашања и дилеми ќе бидат третирани, кои прашања и проблеми од агендата за евро-атлантска интеграција на Кулава и нејзините сожители ќе бидат поставени, елаборирани и одговорени односно решени.

На почетокот ќе стане збор за една, како што потенциравте, прилично деликатна тема која според моето лично експертско мислење не би требало да биде услов за интеграција. Затоа што е мошне сложено за решавање, па треба да се третира долгорочно. Но, тоа е така како што е и нема бегање од одговорноста. Значи, треба со заеднички знаења и сили да ја обработиме и да се прилагодиме на евро-атлантските стандарди.

Имено, станува збор за проблемот на сексуалното искуство на добрососедските пријатели и придонесот во развојот на вработувачко-творечките односи. Во глобала и локалистички односно субјективистички, што значи имајќи ги предвид сите сожители односно мнозинската и немнозинските заедници. Но, и личните брачни и вонбранчни односи! Конкеретно мислам на оние помеѓу Европа и Македон.

На оваа тема природно се врзуваат и еден стручно-рефератски експертски симпозиум на тема „Влегувањето во работниот однос и работоманството во рамките на бизнисменските трендови“, што е во тек, како и наградувањето според интелектуалниот и физичкиот труд.

На седницава треба сериозно, одговорно и конструктивно да се изанализираат и првите брачнозабрачени чекори на Македон и Европа. Особено затоа што, колку што сум информиран од сигурни и блиски извори до нив, веќе се јавиле некои проблеми, недоразбирања, недоследности и слично. Во тој контекст е нужно темелно да ја обработиме модерната љубомора, зашто очигледно со неа ќе се соочиме сите уште сега, во интензивирањето на евро-атлантските интегративни процеси. Може да се јават проблеми во нашето адаптирање односно сфаќање и прифаќање.

(Краток аплауз)

Трпе Трајчевски:

Јас, Трпе Трајчевски, вашиот новинар-репортер, овојпат немам што да додадам на претходно најавеното. Значи, нашиот микрофон нема да го шетаме ваму-таму, на повеќе места на случување, туку ќе го стационираме во визбената сала на Кулата вавилонско-протомакедонска и ќе ви пренесеме сè, од збор до збор.

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

Црвенко Државнички:

Значи сите сме тука, никој не ни фали, па можеме да почнеме.

Д-р Крале Марковски:

Ако ми дозволите, Господине претседавач на Советов, јас ќе го дадам воведот во проблемот на сексуалното искуство на добрососедските пријатели и придонесот во развојот на вработувачко-творечките односи.

Црвенко Државнички:

Нема проблем, Докторе Крале, само повелете.

(Удар на гонг)

Д-р Крале Марковски:

Пред да се детализирам, сакам да акцентирам дека сексуалното искуство како такво не е и не може да претставува некаков проблем. Без оглед на тоа какво е во однос на содржината, богатото или сиромашното минато и така натаму и така наваму. Особено затоа што со тоа навлегуваме во интимните односи на луѓето. Треба да имаме предвид дека тоа навлегување во едно демократско општество и правна држава е недозволиво. Меѓу другото, затоа што директно задира во основните човекови права. И во тој однос не мислам дека треба да си го трошиме нашето драгоцено време.

Меѓутоа, кога тоа-сексуалното искуство ќе се стави во корелација со добрососедските пријатели и со придонесот во развојот на вработувачко-творечките односи, тоа претставува и тоа како сериозен проблем чие решавање не трпи никакво одлагање. Во некои други определени свршени времиња таквата корелација дури не беше можно да се постави. Но во овие нашиве, транзиционо-првобитнокапиталистички, тоа е нужно. Не само поради поставувањето како услов за евро-атлантско интегрирање.

(Удар на гонг)

Во Кулата вавилонско-протомакедонска добрососедските пријатели отсекогаш внимавале некој да не почне да го збогатува своето сексуално искуство надвор од односите, а пред сè не надвор од вработувачко-творечките. Тие работи никогаш не се мешале.

Меѓутоа, во изминативе неколку децении, колку што ни трае транзиционо-првобитнокапиталистичкиот процес, одвреме-навреме се јавуваат некои инцидентни појави кои веројатно биле причина преку Европа да ни се постави ова прашање како интегративен услов. Притоа, морам со жалење да констатирам дека тие некако зачестија токму со доаѓањето односно вселувањето на Европа во Кулава. Не сакам да кажам дека таа ги донесе или дека влијае нејзиното искуство како стара дама нели. Јас само искажувам сомнеж дека тие појави се посредно поврзани со забрзувањето на темпото на интегративниот процес. Можеби е тоа резултат на третманот на модерната љубов во евро-атлантски рамки. Јас сепак мислам дека тоа-сексуалното искуство влијае врз добрососедството на пријателите, а особено дава несомнен придонес во развојот на вработувачко-творечките односи.

Што сакам да кажам со претходното? Сакам да кажам дека на сите ни е познато оти некои наши сограѓанки и сограѓани ги разнишаа своите добрососедства оти се вработија на чуден и дискутабилен начин. А богами, и на творечки план постигнаа завидни резултати. Вработувањето можеме да го ставиме и во контекст на политизацијата и политикантството, кои многу тешко ги надвладуваме, па ќе ни треба уште многу време во таа смисла да ги наметнеме стручноста и компетентноста како единствен критериум. Но, за творештво да се пишуваат панегирици или неодмерени пофалби, без притоа тоа темелно да се валоризира, мора да е поради нешто друго. Меѓу другото, можеби и единствено поради конкретизацијата на сексуалното искуство. Се разбираме, нели? Уште ако сето тоа го третираме во глобала и локалистички односно субјективистички, што значи имајќи ги предвид сите сожители односно мнозинската и немнозинските заедници, но и личните брачни и вонбрачни односи, конкеретно мислам на оние помеѓу Европа и Македон, темава станува ептен сериозна.

Другото што сакам да го кажам ќе го кажам ако некој од вас ме праша или ако бидам испровоциран.

(Удар на гонг)

Црвенко Државнички:

В ред, значи сега следува расправа или, ако повеќе некому му одговара, расправија на темава. Сакам да ве предупредам дека во своите искази треба да бидете претпазливи и воздржани, а со оглед на нејзината деликатност.

Александро Филипов Македонски:

Еве, јас да кажам нешто по ова што го чувме.

Црвенко Државнички:

Повелете, Господине Александро Филипов Македонски.

Александро Филипов Македонски:

Не сум експерт по односново прашање, па сепак мислам дека фали нешто конкретно. Би било добро Господинот Д-р да изнесе конкретни случаи, па и на лице и на место да ги решиме. И јас имам слушнато за некои сексуални искуства што биле пресудни за непријатни ситуации помеѓу добрососедски пријатели, како и за развој на вработувачко-творечки односи во Кулава, ама не смееме да дејствуваме врз основа на рекле-кажале, чуле-не дочуле. Мојот општ став е сите треба да се ангажираме конструктивно секогаш кога треба да решиме кој било конкретен случај. Затоа што со тоа градиме и надградуваме здрави сожителски односи.

Црвенко Државнички:

В ред. Ќе кажете Вие нешто од слушнатото?

Александро Филипов Македонски:

Можам, но ќе оставам за другпат. Меѓутоа, како прво сакам да се повторам дека имињата на субјектите-учесници во тие искуства би било непријатно јавно да се слушнат. За последиците не треба ни да муабетиме. А како второ, да се додадам дека ако не сакаме вака, на пример со пример да му покажеме на меѓународнот фактор дека и ова прашање не ни е тешко да го одговориме односно решиме, џабе ќе си го трошиме времето. Напротив, може да ги испровоцираме новинарите да почнат да истражуваат и да ни ја ставаат Кулава на јавно сликање, зборување и пишување. Во овој контекст би можела да ни ппомогне Европа, особено во рамките на нејзините брачно-вонбрачни односи со Македон.

Европа:

Нема проблем, подготвена сум да ви помогнам во секое време и на секое место во Кулава… Еве, ќе изнесам еден конкретен пример со заштитени учесници, значи именувани со иницијали. А вие со вашите конкретни ангажмани уште еднаш ќе ги потврдите вашите евро-атлантски аспирации. Станува збор за едно мошне поучно подзанишување на брачен однос.

(Магарешко рикање-30 секунди)

Европа:

Б.Ц. во еден момент забележал дека на неговата К.Т. ѝ се случува нешто чудно. Почнала да му изгледа некако како изгубена и прилично вознемирена. Просто како да почнала да ја гризе совеста. Од мала не можел да си ја гледа така, па ни едно ни две ни три, решил да ја праша:

„Кажи ми, К.Т., моја драга и златна, што ти ја мачи душичката?“

Таа го загледала како да се чуди, па чудно му одговорила:

„Ова…јас, знаеш…ова…Како да ти речам…Немам што да ти речам…Ништо не ми ја мачи душичката….Ништо, Б.Ц., мој драг и златен, ништо…Знаеш…“

Ја гледал, ја збунил:

„Не. К.Т., моја добра и златна, нешто не е в ред со тебе. Биди искрена, а јас ќе соберам сили и ќе те разберам“.

Таа ништо не му одговорила.

Почнала се почесто да излегува. Те на вечерни и ноќни состаноци, те имала лични здравствени, женски проблеми, те одамна не била кај своите, те ја викнале колешки или другарки на гости. Б.Ц. почнало да го јаде сомневањето:

„Знам дека мојата К.Т. е не само добра и златна, туку и многу убава. Ама како што ни дошло времево…Не, тоа не е можно! Мојата К.Т. да најде некој…? Не, не и не! Не смеам грешно да мислам“.

И Б.Ц. решил да преземе конкретен чекор. Да заигра во улогата на приватен детектив.

Кога К.Т. излегла со образложение дека одамна не си го видела татка си, излегол и тој и ја следел. Кога…има што да види! Еден, на негови години, само малку подебел и помасовен, му се присторил познат од некој од катовите во Кулата вавилонско-протомакедонска, ја пречекува на едно ќоше неговата К.Т. и…и…му се стемнило пред очи! Срцето му заиграло, му се разиграло, нозете му се пресекле.

„Значи така, драга моја К.Т.. Значи така! А ваму добра, мила, душа од жена…Е, ќе ја видиме ние таа работа“.

И Б.Ц. заклучил дека треба да направи драма со драматично дејствие. Прво решил да расчисти со човекот. Кој и да е, да го види тој него кога ќе застане пред него.

К.Т. и човекот влегле во една кафеана. Влегол и тој. Тие седнале за една маса. Тој подразмислил малку, па решил да ги изненади. Ги поздравил учтиво:

„Добравечер!“

К.Т. го видела со свои очи и ептен убаво се збунила. Не знаела што да рече, ама се снашла некако. Не рекла ни збор, молчела едно ниедно време, па пропелтечила:

„Добравечер“.

„Колку што ми е познато, јас двајцата вас добро ве познавам. Вие сте брачниот другар на К.Т., нели?“, го прашал едниот на негови години со спокоен глас.

„Ќе ти покажам јас брачен-небрачен“, помислил Б.Ц. и си ги стегнал забите. За малку ќе процедел нешто низ нив, ама успеал да се воздржи.

„Па, така некако…А што сте ѝ Вие, ако можам да знам?“, го прашал колку што може поучтиво.

„Што? Зарем не знаете?!…Не Ви е срам што не знаете!? Уште не Ви е, а!?..А ваму „дај ова- дај она“…Убаво ѝ велев јас: „К.Т., овој не е за тебе. Мисли длабоко дури имаш време“. Ама што можеш, така е тоа во овие модерни транзиционо-првобитнокапиталистички процеси“.

Потоа малку се смирил човекот. На Б.Ц. му се видел ептен познат, ама уште не бил сигурен.

Ја гледал тој својата К.Т. Забележал како да почнува да му се лути, да го сече ли сече со погледот. Како да сече месо без коски. Б.Ц. почнал да црвенее во образите и да зборува со три точки:

„Простете, но…јас онака…знаете…Излегов да прошетам…и ве догледав, па Госпоѓава ми се виде позната…Очигледно е дека сум се препознал…Госпоѓо, мислев дека сте мојата К.Т…Што?!…Ти си?!…Навистина?!…Неверојатно! Просто неверојатно!… Знаеш… ова… јас…“.

И станал, набрзина, речиси во трк ги оставил. Излегол, излетал од кафеаната и се вратил дома.

По некое време дошла К.Т. Лута, просто се тресела од нервозација. Почнала да му повторува на Б.Ц. едно те исто:

„Како само можеше?…Како само можеше?…“

Б.Ц. многу брзо разбрал: тој, Господинот, едниот на негови години, што бил со неа, ѝ бил нејзиниот роден татко. Б.Ц. го познава, таман работа да не го познава. Одамна не се виделе, ама…Како можел тоа да си го дозволи?

„Добро, еве признавам, не го препознав…Чекај да те прашам нешто“, му текнало да се смири и да ја праша: „А зошто во последно време сè почесто се среќаваш со него?“

„Како зошто? Па тој ми е татко!“, одговорила налутено К.Т.

„Добро де, разбрав дека ти е татко…Ти реков дека не го препознав. Ама зошто излегуваш така често со него?…Мора да матите нешто!“

„Е, па, да ти кажам. Кога си запнал, да ти кажам: се консултирам со него дали да те оставам или не!“

„Што? Да ме оставиш?“, за малку ќе го треснел инфаркт Б.Ц.

„Да, да те оставам или не!“, повторила К.Т. „Доста ми е од сè!“

„Ама зошто, мори К.Т.?… Зошто?!“

„Не си искрен, Б.Ц., ете зошто. Не си искрен! Ваму, срце, душо моја, добра златна, а во твојата фирма бараш лична секретарка!“

„Ама, чекај К.Т., моја добра и златна. Тоа нема врска“.

„Нема?!“

„Нема кога ти велам. Тоа е само од професионална гледна точка. Сите имаат, па зошто да немам и јас? Само тоа и ништо друго“.

Којзнае дали ја смирил. Засега е смирена некако. За натаму ќе видиме.

„Што ти е женско. Што ти е љубомора!“ на крајот се констатирал Б.Ц.

(Магарешко рикање-30 секунди)

Црвенко Државнички:

Прости, Европо, ама ова што ни го изнесе како конкретен пример нема врска со сексуално искуство во модерна смисла. Особено не како проблем на добрососедски пријатели и како придонес во развојот на вработувачко-творечките односи. Ниту во глобала, ниту локалистички односно субјективистички. Имајќи ги предвид пред сè сожителите односно мнозинската и немнозинските заедници, но и личните брачни и вонбрачни односи. За односите помеѓу тебе и Македон да не спомнувам.

Европа:

Очигледно, не сте ми ја разбрале поентата, Господине Црвенко Државнички. Поентата ми е дека во развиениот и модерен свет бизнисменските врски и односи се право пропорционално зависни од семејните, а обратно пропорционално зависни од брачно-вонбрачните. Во случајот брачно-вонбрачните се антиципативни, ако се има предвид практиката која во интегрираните држави не е така потенцирана како овде. Сакам да кажам неважни и во апсолутна и во релативна смисла. Мислам на барањето на лична секретарка. За жал, таа сè уште има многу повеќе третман на лична, отколку на бизнисменска…Поентата ми е и во модерната љубомора односно примитивното, дури малограѓанското реагирање на К.Т. Во контекст на евро-атлантските интеграции, во брачно-вонбрачните односи тоа, меѓу другото, воопшто не е интересно. Не се дискутира оти е лично, интимно.

(Ѕвон на воловско ѕвоно)

Црвенко Државнички:

Добро, јас би сакал да интервенирам со едно прашање до Македон: дали личните брачно-вонбрачни односи што ги воспостави односно заклучи или договори со Европа, смета дека ќе придонесат за развој на вработувачко-творечките односи во нашава Кула? Потоа на говорницава нека застане Александро Филипов Македонски да ни поднесе реферат за симпозиумот на тема „Влегувањето во работниот однос и работоманството во рамките на бизнисменските трендови“, што е во тек, како и за наградувањето според интелектуалниот и физичкиот труд.

Македон:

Ќе одговорам сосема кратко. Се разбира дека сметам, ама нагласувам дека тие односи ги воспоставивме поради обострани интереси. Европа сама се изјасни со примеросувањето, дека ќе помогне и на тој начин во нашите евро-атлантски интегративни напори. А јас очекувам одвреме-навреме да примате мои информации за текот на нашите брачно-вонбрачни односи. Во тие рамки и на сексуалните. Сè со цел напорите да ги интензивираме односно забрзаме. Се разбравме?

Црвенко Државнички: Не!

(Го зема воловското ѕвоно в раце и со неколку ѕвонења дава знак дека состанокот го прекинува односно завршува моментално.)