31. Кошмарна самота

Никогаш
не ми се случило
да бројам секакви
бубалки, птици
и ѕверки
разлазени, разлетани,
грабливи, стрвни
на моето
набрчкано чело;
станав жива вода,
ме гореше несоница
легната до мене.

Чудно несфатливо,
неодгатливо:
никако не можев
да ги избркам!

Се разлазиле,
се разлетале
како исплашени,
панично
низ мојата соба
преполна со секакви
дребнулии,
и притоа искршија
три тегли
со слатко од јагоди,
една
со кисели краставици
и две
со мармелад од сливи.

Никако не можев
да ги избркам!

Наеднаш собата
се соблече гола,
бесрамна пред мене,
и легна во мојата постела.

Срипав преплашен,
се качив на ѕидот
спроти прозорецот
отворен за да влезе
виделина,
а да внимавам што
следно ќе направи.

Може да ми дозволи
макар да ја домерам
нејзината голотија?

Полека, спокојно,
речиси незабележливо,
просто рамнодушно
стана, ме облече
во мојот црн костум
и го затвори прозорецот.

Цела ноќ, до рани зори,
до самоти изгрејсонце
никако не можев
да ги избркам
бубалките, птиците
и ѕверките
разлазени, разлетани,
грабливи, стрвни
од мојата соба
што одвреме-навреме
слетуваа на моето
набрчкано чело.

Кога се разбудив
брго-брго
го отворив прозорецот,
го соблеков црниот костум,
соголив снага,
а тие како на команда
почнаа да ме напуштаат.

Сал во еден миг
на болна самота
и длабок молк,
по многу слободни,
неповрзани,
случајни безредни,
безвредни зборови.

Бладав!