39. Човек над сите

Се случи по зајдисонце,
на изгрев на месечина,
една птица со снеможен ветар
во крилјата
и со песна како крик
на фатен живот во клунот
да се струполи на земја.

Се струполуваше бавно,
како со последен
претсмртен лет.

Луѓе ја гледаа втренчено,
надевајќи се дека
на изгрејсонце, иако стара
сепак ќе полета
кон небото над нивните глави.

Патем мереа и запишуваа
во паметењето
уште колку има време
од сон со неа до стварност.

Се струполи на земја
старата птица
со последен претсмртен лет;
еден човек над сите
на хоризонтот
ја прибра ноќта
во своите зеници.

Ѕвонеа небески
и стаклени ѕвона
помеѓу врвови
на стари планини;
насобран народ
ги слушаше како да е време
да се крене на нозе
и да почне решавачка битка
за слобода.