47. Месечина во мојата постела

Одвај успеав да го префрлам
мојот корен на облак што плови
сосе разбрането море од студена пот.
Во надеж дека ќе го одбранам
од огнот под земја
што скоро ќе ме пеплоса
ако го допрам со недосонета болка
под кожа на срна
што ми била друшка вековита.

Потоа исправен пред глад на дете
сокриено во пазуви мајкини
фрлив плодно семе во река
надојдена и обмислена
да трае додека не запролети,
додека не почнат преселбите
на суви коски во пустина.   

Следев како без престан бараш
со својот народ
трага или знак на предавства
на доблесни млади јунаци
за некој од нив да не се извиши
помеѓу две молњи
кога се пробива крепост
на безизлез.

Во меѓувреме легнала месечина
во мојата постела од дрво, камен,
трње, леден молк
и тажачка и игра на црнина во збор.

Станав пред да заспијам,
ја оставив сама да води љубов
со мои дребности заборавени
во зрели плодови,
па полетав кон мојот корен
на облак што плови.