43. Игра што не завршува

Не сме папсани,
би играле до ниедно време,
ама предолго ги немам
собрано сите делови
на мојата безразложна смеа;
дури се извишувам до небо
како жива грамадна стена.

Пред да легнам во аголот
што го сокрива
мојот личен свет
со дребнулии од којзнае
колку времиња вековити,
уште еднаш посакав
да излезам под ведро небо,
може и помеѓу сонца
и ѕвезди нацртани
на хартија што впива
ненадејности
и неизвесности.

Со мене околу мене
исполегнале
секакви жиовотинчиња
што ги научив да пеат
песни без зборови
ако сакаат да не останат
гладни.

Девојчето со сѐ уште
недоцутени гради
и румени образи,
кое радо игра со нас,
особено со мене
игри без крај,
плаче оти не му давам
да легне до мене;
му велам дека е
доволно пораснато
за да пронајде свој агол
за сокривање на нејзиниот
личен свет
со дребнулии од којзнае
колку времиња вековити;
оти само со очи
веќе не може да црта
секакви жиовотинчиња,
а да не ги учи да пеат
песни без зборови
ако сакаат да не останат
гладни.

Безволно ѝ прифаќам
заедно да стреламе
во срце на нејзина
дива ѕверка,
што не ја препознавам,
само за да не нѐ зграпчи,
да нѐ изеде.

Нејзината хартија
исто како мојата
впива ненадејности
и неизвесности.

Падна мрак помеѓу нас
како знак дека
јас и девојчето со сѐ уште
недоцутени гради
и румени образи
треба да легнеме
еден до друг.

Да, затоа што доволно
пораснавме
за да имаме наш агол
во кој ќе сокриваме
наш свет со дребнулии
од којзнае колку времиња
вековити.