37. Тревожен
До тебе вечерва

Овде да оставам сѐ
пред замин со врзоп
копнежи
и со нескршлива верба
во стамен чекор до утре
што ќе ме однесе нескротлив;
оти празнотијата во крвта
ми е сал една
од угасната сончевина
помеѓу говор, мисла и молк.

Овде да те запрам без воздив
пред предел
со беспрекорно рамновесие
на годишните доба,
на живите и мртвите
со свои траги неизбришливи;
оти мојата крв довикува земја
што ја оставам сама
да се брани од студенини.

Овде да оставам коски
на мои предци и потомци
што сѐ уште живеат
со леб и сол, голи и боси,
со изгорени лица, јадни,
страдни пред смрт,
обезглавени, обезгласени
да летаат на небо;
оти имам само едно око
со кое догледувам
пат во беспатје.

Овде, на овој раб од бездна,
во овој тревожен миг
да те земам в гради
сосе љубов;
оти едно мое време немо
уште дамари и сони.