42. Од походи по светот

Се вратив од негде
премален
по жестоки битки
против јазли
што никако не можат
да се разврзат;
и слободен
и со јаже на врат
и окован во пранги;
сега тивок оган
ми ја топли снагата
во рамнодушие,
без љубов, без возбуда,
речиси без здив.

А ти, мигум блиска,
мигум далечна сенко моја,
дали си сѐ уште со мене
беспоговорна?

Во окното само
на моите воини знајно
впивав сончевина
пред секој нов поход
по простори
и време на умност
создавајќи;
надвор секогаш
ме чекаше ти
со верба дека останувам
еден од нив,
помеѓу нив и пред нив
сосе живот како штит,
сосе смрт како меч,
како копје;
на коњ кој се радува
само кога јас го јавам.

А ти, мигум блиска,
мигум далечна сенко моја,
дали си сѐ уште со мене
беспоговорна?

Сум имал многу љубови
за заборав и паметење,
само мои или и на други;
сум им се радувал,
сум ги жалел и сожалувал;
сум влегувал во нив,
сум излегувал од нив
недорпен, изранет,
кога ќе сум посакал,
кога ќе посакале;
но од отровни стрели
веќе ја загубив
човечката природа во мене
и ритамот во дамарите,
во срцето и во свеста.

Конечно се вратив од негде,
од многуилјаден опстој,
по недоброј жестоки битки
против јазли, премален;
и слободен
и со јаже на врат
и окован во пранги;
во рамнодушие,
без љубов, без возбуда,
речиси без здив;
од големи, од мали јунаштва
во неизбришливи траги
и знаци и гласови
на моиве гради;
од сончевина исцртани,
издлабени, прегорени.

А ти, мигум блиска,
мигум далечна сенко моја,
дали си сѐ уште со мене
беспоговорна?