4. Со вас нешто до нешто

Како да ги затворам портите
со име за мирот внатре,
во урнатини од стари векови?

Како да внимавам на рацете
кога ќе посакаат да изгорат
во непочин
под отворено небо
со црвен зрак
низ темни облаци?

Со скршена вистина
ќе ги побегнам  сите тела
од семејното стебло
во непребол,
особено старите и болните,
а на нивно место
ќе поставам, ќе наденам
како на семејна игла
нови,
повеќе и вчера.

Како ништо
да не било за да биде.

Како да ги затворам
сите прозорци
до старите буриња
во визбите
длабоко в земја,
сосе моето име на нив
со крвав нож издлабено,
за другарот што ме гледа
со празни очи
и без трепнување
(осаменоста е веќе
истрошена тајна)?

Како да внимавам
на него,
како да го чекорам
низ овие железа во ‘рѓа
од војна оставени,
кога знам дека тој
едноставно
ќе ги прескокне
и ќе продолжи
да гази трева
по пролетен дожд?

Желбата секогаш
останува помалку стара.

Со една сила
ќе ги истурам сите води
на крајот
на идните денови,
а на нивно место
ќе извишам до небо
нов столб, само столб
на кој ќе ве наредам
сите

за секогаш да сте
пред мене!