32. Танц на муви
на затворен прозорец

Долго, може предолго
гледаме во прозорецов
што го затворивме
отога ни влезе студ
в коски.

Наеднаш во него
удри мува!
Остана некое време
в место,
како да се свестува,
па почна да се качува
угоре,
кон аголот на рамката
со зрак светлина.
Заклучивме заедно
дека очигледно бара
и се надева да најде
празнина.

И така, натаму
продолжува така
без престан.

Долета уште една мува
на прозорецов.
Постоја в место
откако удри во него,
како да се свестува,
па почна очигледно
исплашено да паѓа
удолу,
кон десниот агол
на рамката
во пајажина.
Потоа исплашена
почна брзо
да се искачува угоре,
многу побрзо
од паѓањето удолу.

Долго, та предолго
гледаме во прозорецов
што го затворивме
отога ни влезе студ
в коски.

Двете муви сега
се качуваат и паѓат
заедно, наспоредно,
со главите свртени
наопаку,
за да не се видат
секако.

Наеднаш едната
ми застана
на левиот образ!
Потоа го минува,
па преку моите
затворени очи
и бавно, внимателно
низ челото преполно
со брчки.

Ќе ја пречекам
кај увото,
белки нема
да ми избега
во меѓувреме,
па ќе ја сплескам!

Додека дишеме
заедно мочаливо,
рамнодушно,
мувите сè уште
танцуваат,
се качуваат и паѓаат
на прозорецов
што го затворивме
отога ни влезе студ
в коски.

Што знам,
можеби ќе одлетаат,
можеби ќе се вратат
во слобода без нас
ако го отвориме.