31. Гротескна средба во петта ноќ
по четири спокојни

Човекот роден наопаку
во петта ноќ по четири
спокојни
посака да патува со мене
каде било.
Брзо заклучив дека знае
да раскажува интересно,
мошне сликовито
и жизнено
за своето детство.

Како роден наопаку?
Така ми се виде,
па таков го прифатив
откако ми се пожали
дека сè во животот
му оди наопаку.

Набрзо по тргањето
на пат каде било
наеднаш ни запре денот
кој
речиси го изградивме
од старо железо
за да може да нè земе
во свои прегратки.

Во меѓувреме
од човекот роден
наопаку
научив како во пустош
се збираат коски
на болни и умрени
од дамнешни војни,
лани сосе години,
и се ставаат в земја
за да запеат песна
рожбена.

Одамна сме заедно
на долг пат
кон каде било.