18. Росна утрина за ден

Пет мисли и една последна,
на ред наредени
како воини што се враќаат
по победа над смрт,
ми доаѓаат за да ме кренат
на нозе
и да ме однесат во гол живот
преполн спокој и ведрина.

Првата е дека луѓето
им веруваат
на секакви гласови
посакувајќи
нешто ненадејно
да им се случи.

Втората е дека луѓето
им веруваат на стравови
кога не се подготвени
нешто непознато
да им се случи.

Третата мисла ми е
дека луѓето
не им веруваат
на глад и жед
додека се подготвуваат
нешто намерно
да им се случи.

Четвртата е дека луѓето
веруваат,
може да се сомневаат,
а некои дури посакуваат
нешто непреболно
да им се случи.

Петтата мисла, пак,
ми е дека луѓето гледаат
како нешто неминовно
и неминливо
им се случува.

И последната е
дека луѓето одамна
во кругови заробени
се раѓаат облечени.

Јас и ти сме угул голи
оти толку имаме.

На крајот на нашата
последна игра заумна
се прашувам, се прашуваш,
обидувајќи се
да си одговорам,
да си одговориш,
дали голите не се родени
ако се родат
и што ако потем
ги оставиме без нас
во пустошна земја
каменита;
гледајќи со отворени очи
како од страв се губат
во мрачина нивна, сама.

Дали луѓе родени облечени
и во кругови заробени
стамено чекорат
кон некое бесцелие,
како слепи
слеп што ги води,
зашто им веруваат
на отворени усти
наситени,
но без прв збор
и од срце насмев?