17. Злокоба

Проклет и проколнат
нека е
овој каллив дожд
со денови,
што нè наврна до гола кожа.

Му посакувавме
добредојде,
со испукани усни гледавме
кон голото небо,
надевајќи се дека
еднаш ќе заврне
и ќе нè наврне
за да ни го за’рти семето.

Го чекавме
и во црна и во бела ноќ,
а тој да сакал чиста,
па да ни ја поплави.

Кога во силен налет
премина преку оградата
на нашите куќарки
и ни ги угасна огништата
истури многу зеници
од очи,
ослепе многу немоќни.

Ги запре нашите срца
кога ги креваше во воздух
нашите трошни куќарки
од корен, од темел,
и ги однесе
во надојдената вода.

Истури многу плач и лелек
што влегуваа во свеста
низ модри вени.

Го чекавме
и во црна и во бела ноќ,
а тој да сакал чиста,
па да ни ја поплави.

Го собрав народот,
она што остана од него,
се искачив на врвот
на ридот
над нашите глави,
за да ме гледаат сите,
та викнав
дека нашата крв
не може да се дава,
да се предава
просто и лесно во заборав;
и оти никој нема
да го заведе, да го замрачи
нашиот разум до самосмрт.

Проклет и проколнат
нека е
овој каллив дожд
со денови
што не наврна до гола кожа.

Му посакувавме
добредојде,
дека го чекавме
како од Бога,
а тој
ни ја зеде
последната чиста ноќ
за да нè потопи!