4.

Наеднаш пред мене, на виделина
грамада од зборови нечии и ничии,
но меѓу нив ниеден мој.

Не ми паѓа на ум да сторам
што било со нив;
ниту да ги приберам
во некој логичен ред,
во исказ, во расказ, во песна,
па да му ги предадам на чување
од заборав
на некој што онемел одамна,
за тие да му зборуваат од него
и за него на светот.

Зборови големи, зборови мали,
зборови тешки, зборови лесни,
зборови силни, зборови слаби,
зборови громовни, зборови тивки,
зборови полни, зборови празни,
зборови надежни, зборови жални,
зборови многузначни
и зборови без никаква смисла.

Грамада од зборови
која секако ќе ме обессили
ако не ги растурам во времиња,
ако ги расфрлам на сите страни
на моево постоење,
а јас на нивно место.