15.

Се скамениле грамадни воини
на бојно поле,
едни до други, едни зад други,
едни спроти други,
што да не може никој жив
да ги надмине, да ги порази,
што да не може никој жив
да ги оживее.

Секој со отворена рана,
скрвавена, смртна.

По која војна ли решиле
да се скаменат?
По прва, по последна
или меѓу прва и последна?
Во напад ли или во одбрана?

Обичнио на утрина,
пред изгрејсонце
скаменетите грамадни воини
тивко, скоро нечујно
запејуваат песна победничка
и песна поразеничка;
во која ги опејуваат
своите јунаства,
своите будности,
своите соништа
и своите залудности.