14.

Случајно или намерно
од небо се истури
оваа грамада
од молњи и громови
со огнови без мене
пред мене.

Мигум ме обезнадежи,
мигум ме обесмисли.

А штотуку излегов
на чистина-виделина,
а штотуку го обзнанив
моето постоење,
а штотуку ја докажав
мојата постојаност.

Не ми се проблем
молњите и громовите,
туку огновите без мене
пред мене.

Само да узнам зошто
се истурија во грамада,
па ќе ги пробијам,
па ќе ги надминам
засекогаш
макар во мојот
последен издив.