10.

Неизбројни заборави
едни врз други од некој
или од некои во обид
без вчера, без минато
да продолжат до земја
сè уште неосвоена,
сè уште неспитомена,
а сè уште плодна.

Мали и големи,
блиски и далечни,
дамнешни и скорашни
заборави,
намерно наредени
едни врз други;
дека било, е сеедно
дали некогаш некој
ќе стаса до нив,
па ќе почне со цел
еден по еден
да ги открива,
да ги разоткрива,
да наоѓа на нив
траги за паметење.

Грамада од заборави
среде длабок молк
и смирение на ветер
што збришува сè
пред себе.