82. Соперници

Серафим Лозаровски му е голем соперник на Јоаким Тодоровски. Му соперничи во бизнисот-производство на диететски производи, притоа обајцата не дозволувајќи да се појави трет на пазарот. А се соперничи со него и во заедничката љубов уште од гимназиските денови-прекрасната Кристина Софијанска; четириесет и тригодишна, немажена, главен менаџер на единствена адвертајзинг компанија.

Серафим Лозаровски и Јоаким Тодоровски, обајцата четириесет и четиригодишни, неженети, си соперничат секој ден и добар дел од ноќта. Секој ден во привлекување што поголем број консументи на нивните производи, а во вечерните и ноќните часови, неретко и во пополноќни трудејќи се околу Кристина Софијанска. Таа конечно да се определи, конечно да направи избор меѓу нивните отворени, одамна искажани големи љубови спрема неа.

Кристина Софијанска ги има строго разграничено личните, емоционалните од бизнис односите, а истото може да се рече и за Серафим Лозаровски и Јоаким Тодоровски. Нивните фирми со години деловно соработуваат со нејзината адвертајзинг компанија. Со други зборови, тие и таа не соперничат.

Прекрасната Кристина Софијанска не може да се одлучи, па продолжува да негува еднакви емоционални врски и односи со обајцата нејзини пријатели уште од гимназиските денови. Вешто, трпеливо и внимателно одбегнува или поточно оддолжува да ги надмине својата дилема и нивната неизвесност.  Затоа што обајцата ги знае како сериозни, со еднакви карактерни квалитети, постојаност и достоинство.