79. Одовде

Стигнавме на крајот на брегот на реката понорница што ја следевме досега, во многу изминати години. Точно на местото каде што таа понира, во питом предел со недопрена природа.

Седнавме на еден голем црвен камен.

Тој:

-Синко мој, нашето беше дотука. Одовде ти мораш да продолжиш без мене, по свој пат. Дојде време да се простиме и да се збогуваме. Сакам само да ти признам дека многу грешев во животот и многу ти згрешив.

Јас:

-Нема кој не грешел, татко. И јас. И јас тебе.

Тој:

-Ама јас многу.

Јас:

-Добро. И?

Тој:

-Веќе нема и од мене.

Се простивме и се збогувавме. Тој остана на местото на крајот на брегот на реката понорница, на црвениот камен, а јас си го продолжив патот.